128/1998-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 9 декември 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 31 став 2 од Статутот на Заводот за вработување на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/98).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.128/98 од 4 ноември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на член 31 став 2 од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 31 став 2 од Статутот на Заводот другите општи акти на Заводот влегуваат во сила наредниот ден од денот на донесувањето, ако со тие акти не е поинаку определено.

Согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Според ставот 2 на овој член од Уставот законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување.

Согласно член 86 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97), Заводот е јавна установа на територијата на Република Македонија со статус на правно лице.

Согласно член 88 од Законот организацијата на Заводот, органите, нивната надлежност и начинот на одлучување, како и другите прашања значајни за работата и работењето на Заводот поконкретно се уредуваат со Статутот на Заводот.

Со оглед на тоа дека Заводот, како јавна установа, регулира односи и кон трети лица, а со оспорената одредба од став 2 на член 31 од Статутот се употребува генусен поим општи акти при што предвидува истите да влезат во сила со денот на донесувањето без да го разграничи нивниот вид во смисла дали се акти со кои се уредуваат внатрешните односи на вработените и кои како такви не подлежат на обврската од член 52 од Уставот или, пак, се акти со кои се уредуваат правата и обврските на невработените лица, кои Заводот ги донесува вршејќи јавни овластувања како правен субјект, а за да произведат дејство треба да бидат објавени во “Службен весник на Република Македонија”, Судот оцени дека одредбата од став 2 на член 31 од Статутот е несогласна со Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.128/98)