139/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92, на седницата одржана на 9.12.1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на

а) Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на град Скопје за 1998 година донесена од Советот на град Скопје, на седницата одржана на 29 април 1998 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/98) и

б) Правилникот за определување на обемот на уреду-вањето и степенот на опремувањето на градежното земјиште со комунални водови и објекти од инфраструктура и начин на наплата и насочување на средствата за уредување на градежното земјиште, донесен од Извршниот одбор на Собранието на град Скопје, на седницата одржана на 8 ноември 1996 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.9/96).

2. Добри Ристовски од Скопје, ул. “Народен фронт” бр.11/И-2, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на програмата и правилникот означени во точката 1 на ова решение. При тоа подносителот не наведува со кои уставни и законски одредби не се во согласност оспорените акти, како и поради кои причини се сомнева во нивната уставност и законитост, туку уставноста и законитоста на овие акти ја оспорува затоа што подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина на општина “Центар” во Скопје, издавањето на одобрение за адаптација (пренамена од станбен во деловен простор) го условувало со однапред уплатен износ на име надоместок за уредување на градежно земјиште (односно на разликата на овој надоместок од станбен во деловен простор), иако Уставниот суд на Македонија со решение У.бр.30/96 од 17 јули 1996 година го укинал Упатството за постапката за издавање на одобрение за адаптација (пренамена) и за решение за употреба на адаптацијата на постојните објекти со што се адаптира (пренаменува) одреден простор за вршење на соодветна дејност, донесено од министерот за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, а оспорените акти, на кои се повикувало министерството според наводите во иницијативата, не го уредувале ова прашање, односно со нив не била утврдена обврска за плаќање на овој вид на надоместок. Како доказ за тоа, кон иницијативата се приложени Одобрение за адаптација бр.34-08-1494/2 од 25 06.1998 година издадено по барање на лицето Бујар Муча, како и две потврди од Јавно претпријатие за стопанисување со стамбен и деловен простор за платен надоместок за уредување на градежно земјиште за пренамена на станбен во деловен простор од страна на истото лице, како и од лицето Тофоски Дарко.

3. Судот на седницата утврди дека со Програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје се уредува: подрачјето со поблиско определување на земјиштето што се уредува, обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на земјиштето со објекти од комунална инфраструктура, изворите на финансирањето на уредувањето, трошоците на уредувањето, начинот на здружувањето и насочувањето на средствата за уредување, начинот на наплата на надоместокот, намената и насочувањето на средствата, границите на комплекси и зони за наплата на надоместокот за уредување на градежното земјиште и динамиката и мерките за извршување на програмата. При тоа, во однос на надоместокот за уредување на градежно земјиште во Програмата е утврдено дека покрај висината на упросечените трошоци (основни комуналии) се пресметува и погодноста – бонитетот на локалитетот (комплекс) каде се гради или е изграден станбен, јавен, деловен и производен простор. Процентуалните вредности утврдени во Програмата во однос на бонитетот се различни и се во зависност од намената на просторот, односно процентот на зголемувањето на основните комуналии е поголем за деловниот во однос на станбениот простор.

Со оспорениот Правилник се утврдуваат работите што го сочинуваат обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на градежното земјиште со комунални објекти и инсталации и се определува начинот на здружување и насочување на средствата за уредување на градежното земјиште. Во однос на утврдувањето и наплатувањето на надоместокот за уредување на градежното земјиште решенијата што ги содржи овој Правилник се скоро идентични со решенијата од Програмата.

4. Разгледувајки ги наводите во иницијативата, а имајки предвид дека оспорената програма не содржи изрични одредби за наплатување на надоместок за уредување на градежно земјиште во случај на пренамена на објект, како и тоа дека со иницијативата оваа програма се оспорува од аспект на нејзината примена, а не содржина, Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да одлучува за прашања во врска со примена, со оглед дека за примената на прописите и општите акти во конкретни случаи се надлежни да одлучуваат други органи, во конкретниот случај, органот на управата надлежен за работите од областа на урбанизмот, против чии акти може да се изјави жалба и води управен спор.

5. Во однос, пак, на оспорениот Правилник, Судот утврди дека постојат процесни пречки за оценување на неговата уставноста и законитоста, со оглед на тоа што Судот веке одлучувал за законитоста на тој правилник и со Одлука У.бр.14/97 од 4 јуни 1997 година истиот го укинал, а според правното дејство на оваа одлука тој престанал да важи и да се применува.

6. Судот исто така утврди дека во претходната постапка е констатирано дека иницијативата не ги содржи потребните елементи од член 15 од Деловникот, на Уставниот суд, поради што согласно член 16, исто така, од Деловникот од подносителот со писмо У.бр.13/98 од 14.10.1998 година се бараше да ги отстрани недостатоците во смисла на тоа што ќе ги наведе уставните и законските одредби на кои ги спротиставува оспорените акти и поконкретно да ги наведе причините за нивното оспорување.

Со оглед дека во определениот рок подносителот на иницијативата не ги отстрани нејзините недостатоци Судот утврди дека и од овој аспект постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
(У.бр.139/98)