У.бр.124/1998

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/90) на седницата одржана на 9 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Фатмир Скендеровски од с. Мал Папрадник – Центар Жупа за заштита на правото на недискриминација по основ на национална припадност што му било повредено со Решението У.бр.1555/97 од 8.10.1997 година на Врховниот суд на Република Македонија.

2. Фатмир Скендеровски од с. Мал Папрадник – Центар Жупа на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на правото означено во точка 1 од ова решение, затоа што смета дека со означеното решение на Врховниот суд на неговото дете му било повредено правото да посетува настава на јазикот на националноста на која и припаѓа (турска националност), со што е извршена дискриминација по основ на национална припадност.

3. На седницата Судот утврди дека Фатмир Скендеровски, почнувајќи од февруари 1997 година поднесувал барања до ОУ “Неџати Зекирија” во с. Коџаџик, до Министерството за образование и до Владата на Република Македонија за организирање настава на турски јазик за неговото малолетно дете и дека конечно поднел тужба за управен спор пред Врховниот суд на Република Македонија поради, како што сметал, молчење на администрацијата.

Врховниот суд, со Решението означено во точка 1 од ова решение, ја отфрлил тужбата како предвремена поради тоа што од списите во предметот не можело да се утврди дека второстепениот орган ја примил ургенцијата на тужителот да одлучува по изјавена жалба против првостепениот акт. Исто така, во образложението е констатирано дека одделното барање на тужителот судот да одлучи за правото на образование на неговото дете и да го задолжи Министерството за образование и физичка култура да организира настава на турски јазик во ОУ “Неџати Зекирија” во с. Коџаџик, не е управна работа за која може да се води управен спор.

4. Од увидот во оспореното решение се гледа дека со него Врховниот суд на Република Македонија не одлучил за остварување на правото на основното образование на јазик на националност, туку за процесните услови и претпоставки за водење на управен спор и како такво не може да има никакви последици било во корист, било на штета на правата на подносителот на барањето. Со оглед на тоа што решението на Врховниот суд има процесен, а не мериторен карактер и суштински не се однесува на правото на основно образование на јазик на националноста, Уставниот суд оцени дека постојат процесни пречки да одлучува за барањето, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јован Проевски д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.124/1998