Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 декември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1 во делот “во границите и под условите пропишани со закон”, член 2 став 2, член 3 став 1 во делот “во границите определени со закон”, член 4 став 2 во делот “на социјалистичкото самоуправно општество”, член 6 став 2 во делот “на социјалистичкото самоуправно општество”, член 9 став 2 во делот “во границите определени со закон”, член 10 во делот “во границите определени со закон”, член 11 став 3 во делот “во границите определени со закон”, член 17 во делот “чиј дел е во општествена сопственост, а на делот постои право на сопственост”, член 46 став 3, член 55, член 68 став 1 алинеја 3, став 2 и став 3, член 82 став 1 и 2 во делот “Социјалистичка Федеративна Република Југославија”, член 83 во деловите “сојузниот” и “или се во општествена сопственост”, член 84 став 2, член 85 став 1 во делот “по претходно прибавена согласност од органот определен со републички односно покраински закон” и став 2, член 86, член 87 и член 88 од Законот за основните сопственосноправни односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот што се однесува на поведување постапка за оценување уставноста на членовите 12, 29 и 44 од законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценувањсе уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение, поради тоа што не биле во согласност со концептот на сопственоста утврден во Уставот како и поради тоа што терминолошки не биле усогласени со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот граѓаните, здруженијата на граѓани и другите граѓански правни лица можат да бидат носители на правото на сопственост во границите и под условите пропишани со закон. Според член 2 став 2 право на сопственост не може да постои на предмети што можат да бидат само во општествена сопственост. Членот 3 став 1 определува дека сопственикот има право својот предмет да го држи, да го користи и со него да располага во границите определени со закон. Според член 4 став 2 забрането е вршење на правото на сопственост спротивно на целта заради која е со закон установено или спротивно на моралот на социјалистичкото самоуправно општество, а според член 6 став 2 забрането е вршење на правата од став 1 на овој член спротивно на целта која со закон се установени или признаени, или спротивно на моралот на социјалистичкото самоуправно општество. Согласно член 9 став 2 граѓанинот може, во границите определени со закон, да има право на сопственост на семејна станбена зграда, зграда за одмор или закрепнување и на стан како посебен дел од зграда за задоволување на личните и семејните потреби. Според член 10 граѓанинот може, во границите определени со закон, да има право на сопственост на земјоделско и друго земјиште, на шуми и шумско земјиште, на деловни згради и деловни простории, како и на средства на трудот што служат за самостојно вршење на дејност со личен труд заради стекнување доход. Членот 11 став 3 определува дека носителите на правото на сопственост од став 1 на овој член можат да имаат, во границите определени со закон право на сопственост и на земјиште што служи за задоволување на заедничките интереси на нивните членови и на целите заради кои се основани. Според член 12 кога зградата на која постои право на сопственост е изградена, во согласност со закон, на земјиште во општествена сопственост, сопственикот на зградата има право на користење на земјиштето на кое е изградена зградата и на земјиштето што служи за редовна употреба на таа зграда додека таа постои. Правото на користење од став 1 на овој член може да се пренесува само со пренесување на правото на сопственост на зградата. Членот 17 определува дека во случаите и под условите определени со закон сосопственост постои и на неподелен предмет чиј дел е во општествена сопственост, а на делот постои право на сопственост. Според член 29 на предмет во општествена сопственост, право на сопственост не може да се стекне со одршка. Членот 44 утврдува дека правото на сопственост престанува со преминување на предметот во општествена сопственост. Согласно член 46 став 3 напуштената недвижност преминува во општествена сопственост во моментот на нејзиното напуштање. С поред член 55 предметна службеност на недвижност што е општествено средство во општествено правно лице не може да се стекне со одршка. Според член 68 став 1 алинеа 3 став 2 и став 3 престанување на хипотеката може да се бара: кога недвижноста, оптоварена со хипотека, преминала во општествена сопственост. Кога недвижноста оптоварена со хипотека преминала во општествена сопственост, стекнувачот е должен да го намири побарувањето обезбедно со хипотеката на таа недвижност до височина на нејзината прометна цена во моментот на преминот во општествена сопственост, ако за одделни случаи со закон не е определено поинаку. Кога на сопственикот на недвижноста оптоварена со хипотека, што преминала во општествена сопственост како надомест му е дадена друга недвижност, хипотеката преминува врз таа недвижност. Според член 82 странски физички лица можат да бидат носители на правото на сопственост на подвижни предмети како и државјаните на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, ако со сојузен закон не е определено поинаку. На територијата на Социјалистичка Федеративна Република Југославија странски физички лица можат, под условите на реципроцитет, да бидат носители на правото на сопственост на земјиште и на згради што ги стекнале со наследување како и државјаните на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, ако со меѓународен договор не е определено поинаку, а според член 83 на странски држави за потребите на нивните дипломатски и конзуларни претставништва, како и на организации и специјализирани агенции на О рганизацијата на обединетите нации, со претходна согласност од сојузниот орган надлежен за работите на правосудството, можат да им се продаваат згради за службени потреби на кои постои право на сопственост или се во општествена сопственост, како и градежни земјишта на кои постои право на сопственост, заради изградба на такви згради. Членот 84 став 2 утврдува дека станбени згради можат да даваат во долгорочен закуп врз основа на став 1 од овој член само организациите на здружен труд и општествено политичките заедници. Според член 85 став 1 и 2 станбена зграда му се дава на странско физичко лице во долгорочен закуп со писмен договор, по претходно прибавена согласност од органот определен со републички односно покраински закон. Решението за давање или недавање согласност за закуп надлежниот орган го донесува според слободна оцена, без наведување на причините и тоа е конечно во управната постапка. Согласно член 86 за формата на правната работа што се однесува на сопственосно правните односи на недвижности, меродавно е правото на републиката односно на автономната покраина на чија територија се наоѓа недвижноста. Според член 87 за правата и обврските од сопственосно правните односи на недвижности, меродавно е правото на републиката односно на автономната покраина, на чија територија се наоѓа недвижноста. За правата и обврските од сопственосноправните односи на подвижен предмет, меродавно е правото на републиката односно на автономната покраина, на чија територија се наоѓа предметот во време на поведувањето на споро т. За правата и обврските од сопственосноправните односи на подвижен предмет што се запишува во јавната книга, од моментот на запишувањето меродавно е правото на републиката односно на автономната покраина на чија територија се води таа јавна книга. Според член 88 ако граѓанин има недвижности на територијата на повеќе републики односно автономни покраини, за определување на максимумот на недвижностите на кои постои право на сопственост меродавно е правото на онаа република односно автономна покраина кое е за него поповолно, со тоа што на територијата на одделна република односно автономна покраина не може да има повеќе од максимумот на недвижноста на кој постои право на сопстеност пропишан за таа република односно автономна покраина. Одредбата од став 1 на овој член се применува и врз здруженијата на граѓани и на други граѓански правни лица.
5. Според член 8 од Уставот, правната заштита на сопственоста е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследувње. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Законот за основните сопственосноправни односи е донесен 1980 година и согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија е преземен како републички пропис.
Тргнувајќи од уставната определба за нерпикоснове-носта на правото на сопственоста и на правата кои произлегуваат од неа како и недопуштањето сопственоста и правата да бидат одземени или ограничувани освен во случаи кога се работи за јавен интерес утврден со закон, Судот смета дека со член 1 во делот “во границите и под условите пропишани со закон”, член 2 став 2 според кој има предмети кои можат да бидат само во општествена сопственост, член 3 став 1 во делот “во границите определени со закон”, член 9 став 2 според кој граѓанинот има право на сопственост на стан, станбена зграда или зграда за одмор во границите определени со закон, член 10 во делот “во границите определени со закон”, член 11 став 3 во делот “во границите определени со закон”, член 17 во делот “чиј дел е во општествена сопственост а на делот постои право на сопственост, член 46 став 3, член 84 став 2 и член 85 став 1 и 2, се врши ограничување на сопственоста и на правата кои произлегуваат од неа. Со самата формулација “во граници определени со закон” која е присутна во скоро сите оспорени одредби недвосмислено произлегува дека интенцијата на законот била да се ограничи со закон сопственоста и правата кои произлегуваат од неа и тоа пред се приватната сопственост на сметка на општествената сопственост како доминантен општествено економски однос во социјалистичкото општествено уредување. Поради тоа пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на овие законски одредби во целина или во одделни делови со членот 30 од Уставот.
Тргнувајќи од содржината на членот 30 од Уставот, како и од содржината на Уставот во целина, произлегува дека општествената сопственост нормативно не егзистира во Уставот, меѓутоа практично во овој период на транзиција општествена сопственост како општествено-економски однос сеуште постои.
Општествената сопственост започна да ја губи својата доминантност со Амандманот ЛИЏ на Уставот на СРМ кој прокламираше дека сите форми на сопственост се рамноправни.
Уставот на Република Македонија, освен гаранцијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, не содржи одредби за утврдување на основните облици на сопственоста, меѓутоа тргнувајќи од целината на нормативниот дел на Уставот, а особено од фактот што сопственоста е лоцирана во делот на економските права и слободи на човекот и граѓанинот може да се смета дека Уставот всушност се определил пред се за приватната сопственост како основен облик на сопственост, неисклучувајќи ја можноста од постоење на други видови сопственост (државна, лична, задружна).
Понатаму, иако Уставот не содржи изречни одредби за приватизација на општествената сопственост, во Уставниот закон за спроведување на Уставот е предвидено донесување на закон за начинот на трансформација на општествената сопственост во други сопственосни облици. Оттука може да се извлече заклучок дека според концептот на Уставот, општествената сопственост не може да опстојува како облик на сопственост туку дека треба да се трансформира во некој друг облик на сопственост.
Институтот, службеност подразбира стварно право чиј титулар во извесна мера е овластен да употребува туѓа ствар без оглед на тоа кој е нејзин сопственик или да бара од сопственикот да не ја употребува односната ствар. Оттука, пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 55 од Законот според кој предметна службеност на недвижност што е општествено средство во општествено правно лице не може да се стекне со одршка, со членот 30 од Уставот бидејќи ја штити општествената сопственост, особено ако се има предвид дека со истиот закон е утврдено дека предметната службеност се стекнува со одршка кога сопственикот на привилегираното добро фактички ја остварувал службеноста за време од 20 години, а сопственикот на послужното добро не се противел на тоа.
Понатаму, хипотека е заложно право на недвижности врз чија основа нејзиниот титулар – хипотекарен доверител може да бара намирување на своето побарување, ако тоа побарување не биде исплатено во договорениот рок, а при тоа стварта која е предмет на хипотеката останува кај должникот.
Оспорениот член 68 став 1 алинеја 3, став 2 и став 3 е во главата ИВ од Законот која се однесува на правото на залог. Имено, право на залог може да постои на подвижни предмети, недвижности и на права и може да настане врз основа на правна работа, судска одлука и на закон. Заради обезбедување определено побарување, недвижен предмет може да биде оптоварен со право на залог во корист на доверителот (хипотека), кој е овластен на начин предвиден со закон да бара намирување на своето побарување од вредноста на таа недвижност пред доверителите кои на неа немаат хипотека, како и пред доверителите кои хипотека на неа стекнале по него, без оглед на промената на сопственикот на оптоварената недвижност. Поради тоа пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од членот 68 од Законот со членот 30 од Уставот, бидејќи ја штити општествената сопственост без при тоа да ги има предвид правата на хипотекарниот доверител.
Членот 4 став 2 и членот 6 став 2 од Законот, во делот “на социјалистичкото самоуправно општество”, членовите 82 и 83 во делот ” Социјалистичка Федеративна Република Југославија”, “сојузен” и “или се во општествена сопственост” терминолошки не се усогласени со одредбите на Уставот.
Исто така, целата глава ВИИ од Законот која гласи “Меродавно право во случај на судир на републичките односно покраинските закони” како и членовите што следуваат 86, 87 и 88 не се во согласност со Уставот и се безпредметни имајќи ја предвид пред се самостојноста и независноста на Република Македонија.
6. Судот на седницата утврди дека оспорените членови 12, 29 и 44 од Законот биле предмет на уставно судска оценка и Уставниот суд не повел постапка. При тоа Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 12 од Законот со Уставот, затоа што сопственикот на зградата во однос на градежното земјиште на кое се наоѓа зградата и кое служи за нејзина редовна употреба има својство на поранешен сопственик. Оттука со членот 12 од Законот, не се забранува прометот на објектот кој е изграден врз земјиштето во државна сопственост и на самото земјиште заедно со изградениот објект туку се ограничува само прометот на градежното земјиште кое е на Републиката. Понатаму, Судот оценил дека со членовите 29 и 44 од Законот, кои предвидуваат на предмет во општествена сопственост да не може да се стекне право на сопственост по пат на одршка и според кои правото на сопственост престанува со преминување на предметот во општествена сопственост, законодавецот имал за цел да ја спречи узурпацијата на недвижностите по пат на одршка.
Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Судот ја ценел уставноста на членовите 12, 29 и 44 од Законот и не повел постапка, а сега не најде основи за поинакво одлучување, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата.
7. Врз основа на изнесеното, Судот, одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д- р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.96/98)