207/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 2 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 7, 20, 21, 22, 24, 25, 26, 27, 28, 29, 30, 31, 32, 33, 35, 36, 38, 39, 40, 41, 42, 43, 44, 45, 48, 56, 58, 60, 67, 77 и 78 од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97).

2. Група граѓани од село Владимирово, Советот на Месна заедница “Владимирово”, Месната заедница “Брезово” – Општина Луково, Општинскиот одбор на Социјалистичката партија во Општина Луково и Месната заедница “Пискупштина” – Општина Луково, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот за шумите означени во точката 1 од ова решение. Член 7 се оспорува затоа што со него не се признава правото на сопственост на селата врз шуми односно т.н. “селска сопственост” која на овие простори опстојувала и била призната дури со векови наназад, што не било во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија. Сите останати членови од Законот означени во точката 1 од ова решение се оспоруваат поради тоа што со нив се создаваат обврски за приватните сопственици на шуми со кои суштински се ограничувало правото на сопственост врз шумите.

3. На седницата Судот утврди дека според член 7 од Законот шумите се во приватна и во државна сопственост.

Според член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и правната заштита на сопственоста.

Согласно член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 2 на овој член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според ставовите 3 и 4 од овој член на Уставот никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, но и тогаш се гарантира правичен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Имајќи предвид дека прашањето за егзистенцијата на т.н. “селска сопственост” денес не може да се разгледува независно од историскиот контекст Судот оцени дека е потребно да ја испита нејзината правна положба односно правните основи на нејзината егзистенција како сопственички облик во претходните правни и државни режими.

Во Законот за аграрната реформа и колонизација на територијата на Федерална Македонија (во член 3 точка б став 2) – (“Службен весник на Федерална Македонија” бр.25/45) е предвидено дека под удар на аграрната реформа по оваа точка (земјишни поседи на банки, приватно правни лица, акционерски здруженија) не потпаѓаат земјите општа сопственост на селата, општините и братствата.

Во Основниот закон за постапување со експроприраните и конфискуваните шумски поседи (“Службен лист на ФНРЈ” бр.61/46) судбината на овие шумски имоти (селски) не е регулирана.

Според првиот Закон за шумите во Македонија од 1949 година (“Службен весник на НРМ” бр.23/49), во член 3 постојат општодржавни, републикански и локални шуми во државна, задружна и приватна сопственост. Статусот на “селските шуми” изречно не решаван со овој Закон.

Во Законот за шумите од 1957 година (“Службен весник на НРМ” бр.11/57) постојат шуми во општествена и во приватна сопственост, а со Законот од 1962 година (“Службен весник на НРМ” бр.11/62) шуми во општествена и во граѓанска сопственост.

Во Законите за шумите од 1968 (“Службен весник на СРМ” бр.27/68) и 1974 (“Службен весник на СРМ” бр.20/74) постојат општествени и приватни шуми односно шуми во сопственост.

Врз основа на изнесеното Судот оценува дека, иако општата сопственост на селата се спомнува во Законот за аграрната реформа и колонизација на територијата на Федерална Македонија, селската сопственост врз шумите, почнувајќи од 1949 година, е непознат сопственички облик во правниот поредок на поранешна СРМ. Според тоа, во време на донесувањето на Уставот на Република Македонија како самостојна држава и во време на донесувањето на оспорениот Закон за шумите, сопственоста на селата врз шумите без оглед што неспорно постоела во определени облици во режимите на кралството Југославија и на Отоманската империја, е правно згаснат сопственички или друг облик на користење на шумите.

Оттука, Уставниот суд оценува дека утврдувањето на сопственичкиот режим врз шумите во член 7 од Законот, што е неспорно право на законодавецот, не негира некој постоечки облик на правото на сопственост ниту врши одземање на таа сопственост затоа што во моментот на донесување на законот сопственоста на селата врз шумите не е егзистентен и на правото заснован однос, поради што и не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 30 од Уставот.

Сосема е друго прашањето, што го решаваат органите што се овластени да ја утврдуваат политиката во определена област, дали во Република Македонија треба да постои и сопственост на селата врз шумите или не, за што Уставниот суд не е овластен да одлучува.

4. Во член 20 од Законот е предвиден дека за стопанисувањето со шумите во државна и приватна сопственост, без оглед на намената, Собранието на Република Македонија донесува општ план за стопанисување со шумите за период од 20 години.

Според член 21 од Законот со општиот план за стопанисување со шумите особено се утврдуваат природните услови и можности за опстанок, обнова и развој на шумите, состојбите на шумите по вид, очуваност, дрвна маса, прираст, отвореност, загрозеност од негативни влијанија, општите насоки и цели на идното стопанисување и мерките за одгледување, заштита, развој, унапредување и проширување на шумскиот фонд во Република Македонија.

Согласно член 22 од Законот врз основа на општиот план, за стопанисување со шумите за стопанска намена јавното претпријатие донесува посебни планови за стопанисување со шуми, за период од десет години.

За одгледување и заштита на шумите за посебна немена, правното лице донесува посебни планови за одгледување и заштита на шуми, за период од десет години.

Шуми во приватна сопственост што се наоѓаат во комплекс на шуми за посебна намена во државна сопственост, имаат третман на шуми со посебна намена.

Посебните планови за стопанисување со шумите и посебните планови за одгледување и заштита на шуми за посебна намена се донесуваат за секоја шумско-стопанска единица, во рок од една година од истекнувањето на важноста на претходниот посебен план.

Со посебните планови од ставовите 1 и 2 на овој член се опфаќаат и шумите во приватна сопственост.

Сопствениците на шуми во приватна сопственост чии шуми образуваат комплекс поголем од 100 ха, можат да стопанисуваат со шумата според посебен план за стопанисување, што заеднички ќе го донесат.

Јавното претпријатие, правните лица кои вршат одгледување и заштита на шуми и сопствениците на шуми се должни стопанисувањето, односно одгледувањето и заштитата на шумите да го вршат според посебните планови.

Посебните планови од ставовите 1 и 6 на овој член ги одобрува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство по претходно мислење на Министерството за одбрана.

Според член 24 од Законот за спроведување на посебните планови од член 22 ставови 1 и 2 на овој закон јавното претпријатие и другите правни лица кои вршат одгледување и заштита на шумите за посебна намена донесуваат годишен изведбен план, најдоцна до 31 декември во тековната, за наредната година.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја пропише содржината на посебните планови од член 22 ставоти 1 и 2 на овој закон и на годишниот изведбен план од став 1 на овој член.

Во член 25 од Законот е предвидено дека субјектите што стопанисуваат со шуми се должни извршените работи во шума во текот на годината да ги евидентираат во посебните планови, најдоцна до 1 март наредната година.

Согласно член 26 од Законот ако во текот на спроведувањето на посебниот план за стопанисување со шумата, односно за одгледување и заштита на шумата за посебна намена субјектите што стопанисуваат со шумите утврдат промени на состојбата кои битно отстапуваат од утврдените со планот, или ако се изменат околностите врз кои се планирани мерките за стопанисување (пожар, штети од снег и ветер, сушење, потреби од сечи или копачење заради изградба на јавни патишата и други јавни објекти и слично) или ако утврдените мерки на стопанисување не одговараат на потребите и на вистинската состојба на шумата, се должни да престанат со спроведување на утврдените мерки и да извршат изменување и дополнување на планот, а по претходно издадено решение од надлежен орган.

Оспорените одредби се дел од одредбите на дел 2 од Законот “Планирање во шумарството”.

Според член 56 од Уставот сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено историско и културно значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Поаѓајќи од означената уставна одредба, Уставниот суд оцени дека оспорените одредби што се однесуваат на планирањето во шумарството се израз на потребата од воспоставување посебен режим на заштита на шумите како природно богатство кој мора да важи за сите шуми, независно од нивниот сопственички режим. Уште повеќе и според член 30 став 2 од Уставот сопственоста не е апсолутно право на поединецот, туку создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, што во случајот на сопственост врз шумите како природно богатство посебно доаѓа до израз. Според тоа, обврските на сопствениците на шумите, како и на државата, да стопанисуваат со шумите врз основа на планови за таа цел, не претставуваат ограничување на правото на сопственост, туку начин на однесување насочен кон заштита на шумата како природно богатство, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на означените одредби од Законот со Уставот на Република Македонија.

5. Според член 27 од Законот субјектите што стопанисуваат со шуми во вршењето на работите за одгледување на шумите особено ги вршат следниве работи:

1) го прилагодуваат начинот на стопанисување со шумите според условите на средината, биолошките особености, видовите на дрвја и состојбата на тие шуми;

2) го следат семеносењето, го потпомагаат природното обновување на шумите со шумско-одгледувачки и други мерки и вршат вештачко пошумување каде што природното обновување не успеало;

3) пошумуваат необновени по природен пат сечишта, пожаришта, оголени и други деградирани површини од природни и зооантропогени влијанија;

4) спроведуваат мерки на нега;

5) ги штитат деградираните шуми и шикарите од натамошна деградација и вршат реконструкција и мелиорација на истите;

6) ги збогатуваат шумите со високоприносни и квалитетни видови дрвја, и

7) преведуваат нискостеблести шуми во високостеблести во зависност од месторастењето и биолошките особни на дрвјата.

Според член 28 од Законот јавното претпријатие е должно работите на одгледување на шумите предвидени со посебниот план за стопанисување со шумите, да ги извршува секоја година, по обем и квалитет сразмерно на искористениот сечив етат во претходната година, а не помалку од 50% од предвидените.

Другите правни лица кои вршат одгледување и заштита на шуми за посебна намена предвидените работи на одгледување на шумата се должни да ги извршуваат без оглед на искористениот сечив етат.

Работите од став 1 на овој член, што како обврска од извршените сечи во годината произлегуваат од една шумско-стопанска единица, можат да се предвидат и извршат и во друга шумско-стопанска единица.

Според член 29 од Законот субјектите што стопанисуваат со шумите се должни во рок од две години да извршат пошумување на површините на кои не успеало обновувањето на шумата, на површините на кои е извршено бесправно копачење, бесправна сеча, сеча со поголем интензитет од прредвидениот, како и на пожаришта чија вкупна површина не е поголема од 50 ха во границите на една шумско-стопанска единица.

Според член 30 од Законот во шума не можат да се градат објекти и да се изведуваат други работи, освен оние кои се во функција на стопанисување со шумата, како и објекти од јавен интерес утврдени со закон.

При изготвување на техничката документација за изградба на објекти од јавен интерес, инвеститорот е должен да прибави согласност од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство согласноста од став 2 на овој член ја дава во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето.

Овие одредби го сочинуваат дел 3 од глава ИИ на Законот “Одгледување на шумите”.

Судот оцени дека и за овие одредби од Законот не може да се постави прашањето на уставноста од истите причини изнесени во точката 4 од ова решение, затоа што и во нив се уредува режим на одгледување на шумите насочен кон нивна заштита, а не кон ограничување на сопственосните права.

6. Според член 31 од Законот користењето на шумите се врши според намената и на начин кој обезбедува трајно зачувување и зголемување на вредноста на шумите, постојано зголемување на нивниот прираст и принос, како и зачувување и унапредување на нивните општокорисни функции.

Користење може да се врши само на оние шуми за кои е донесен посебен план.

Според член 32 од Законот сеча во шума се врши само по претходна ознака за сеча.

Под ознака за сеча во смисла на став 1 од овој член се подразбира: одбирање и означување на стебла за сеча и евидентирање на дрвната маса при стеблимичната сеча, како и обележување на површината и евидентирање на дрвната маса при површинска чиста сеча.

Стеблимична сеча е поедиенчна сеча на одбрани стебла, а површинска чиста сеча е сеча на сите стебла во одделот односно пододделот.

Ознака за сеча се врши според предвидувањата во посебните планови.

Ознака при стеблимична сеча се врши до 31 октомври во тековната за наредната година и тоа во обем од најмногу 80% од предвидената дрвна маса. Остатокот од дрвната маса дополнително се означува после извршената сеча според претходната ознака. При дополнителната ознака се означуваат и се евидентираат сите неозначени стебла кои се оштетени при сечата.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го пропише начинот на вршење на ознака за сеча.

Според член 33 од Законот ознака за сеча во државна и во приватна шума, како и на ретки видови на дрвја и на дрвја надвор од шумата, врши јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена.

За вршење ознака за сеча согласно со став 1 на овој член, во приватна шума средства обезбедува сопственикот на шумата.

Според член 35 од Законот јавното претпријатите и другите правни лица кои вршат одгледување и заштита на шумите со посебна намена се должни за извршената ознака за сеча да го известат шумарскиот инспектор во рок од 15 дена од денот на завршувањето на ознаката.

Не може да се врши сеча ако ознаката не е извршена на целата површина од пододделот односно одделот и ако не е извршен преглед на ознаката од шумарскиот инспектор.

Според член 36 од Законот забрането е пречекорување на сечивиот етат во шумскостопанската единица, како и на етатот во пододделот утврден за десет години со посебниот план.

Одредбите од став 1 на овој член не се однесуваат на чиста сеча при нискостелбесто стопанисување, како и на сеча во деградирани шуми, шикари и шибјаци, ако тие се предвидени за мелиорација.

Според член 38 од Законот сеча во шума во приватна сопственост се врши со одобрение за сеча.

Одобрение за сеча во шума во приватна сопственост издава јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена, по барање на сопственикот на шумата.

Одобрение за сеча во приватна шума која е сопственост на повеќе сосопственици, може да се издаде само врз основа на заедничко барање од сите сосопственици.

Поединец кој е сосопственик на шума во смисла на став 3 од овој член, може да добие одобрение за сеча само со овластување од другите сосопственици.

Со одобрението од став 2 на овој член се утврдуваат дрвната маса за сеча и мерките за обновување, одгледување и заштита на шумите, како и рокот за нивно извршување.

Средства за извршување на мерките од став 5 на овој член обезбедува сопственикот на шумата.

Во обезбедувањето на средствата од став 6 на овој член учествува и Републиката.

Одобрението за сеча издадено на име на сопственикот на шумата не може да се отстапува на друго лице.

Жалба против актот за издавање одобрение за сеча, сопственикот на шумата може да поднесе до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според член 39 од Законот одобрение за сеча во приватна шума не може да се издаде ако:

– лицето не поседува доказ за право на сопственост на шумата;
– не е извршена промена на културата во катастарската евиденција;
– видно не се обележани границите на шумата за која се однесува барањето за сеча и
– не се извршени предвидените мерки во одобрението за сеча од претходната година.

Според член 40 од Законот патишата изградени во шума и наменети за превоз на шумски производи, се сметаат за шумски патишта и ги користат субјектие што стопанисуваат со тие шуми.

Шумските патишта можат да ги користат и други правни лица за стопанска намена, како и физички лица под услови и на начин што ги утврдуваат субјектите што стопанисуваат со шумите на чие подрачје тие се наоѓаат.

Во шума можат да се градат само шумски патишта што се предвидени со посебниот план за стопанисување.

Според член 41 од Законот сопственикот на земјиштето е должен да дозволи привремен премин, превоз, пренос, како и сместување на туѓи шумски производи на своето земјиште (службеност).

Корисникот на службеноста е должен на сопственикот на земјиштето да му плати надомест, според прописите за експропријација.

Според член 42 од Законот користењето, односно собирањето на други шумски производи во шума може да се врши само ако тоа е предвидено со посебниот план.

Јавното претпријатие и правните лица кои вршат одгледување и заштита на шумите за посебна намена, можат со надомест да го отстапат користењето, односно собирањето на производите од став 1 на овој член за стопанска намена на други правни и физички лица по претходна согласност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Кога постои опасност од истребување на одделни растителни видови на одделни делови или на целата територија на Република Македонија, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство може привремено да го ограничи, или забрани собирањето, односно користењето на тие шумски производи.

Користењето, односно собирањето на други шумски производи во шуми се врши на начин со кој нема да дојде до истребување на одделни растителни видови или нема да се нанесе штета на шумата.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го пропише начинот на користење и собирање на други шумски производи.

Овие одредби го сочинуваат дел 4 од глава ИИ на Законот “Користење на шумите”.

Врз основа на член 30 и член 56 од Уставот, Судот оценува дека ознаката и издавањето на одобрение за сеча на шумите, регулирањето на изградбата и користењето на шумските патишта и користењето односно собирањето на шумските производи што се регулирани со означените членови несомнено имаат функција на сочувување на шумата и растителните видови во неа, независно од сопственичкиот режим. Исполнувањето и почитувањето на овие, пред се стручно засновани обврски, исто така, не доведуваат до ограничување на правото на сопственост поради што и не може да се постави прашањето за нивната согласност со член 30 и член 56 од Уставот.

7. Според член 43 од Законот субјектите што стопанисуваат со шумите се должни да преземаат мерки за заштита на шумите од пожари, елементарни непогоди, растителни болести, штетни инсекти, бесправно напасување и други оштетувања.

Мерките од став 1 на овој член се однесуваат и за шуми за кои не е донесен посебен план за стопанисување.

Според член 44 од Законот субјектите што стопанисуваат со шумите се должни да ја следат здравствената состојба на шумите, да преземаат превентивни мерки против појава на растителни болести, штетни инсекти и други штеточини и да вршат сузбивање кога тие ќе се појават.

Според член 45 од Законот забрането е пустошење на шуми.

Под пустошење на шуми се подразбира:

– копачење на шуми, сеча на семенски стебла и насади и чисти сечи кои не се предвидени со посебниот план, освен при изградба на објекти, согласно со член 30 став 1 од овој закон;
– опожарување на шума;
– бесправна сеча на шума;
– лупење кора од стебла, уништување или оштетување на подмладок во шума или на садници во пошумени сечишта, пожаришта, голини, ерозивни и други земјишта и
– кастрење на стебла, собирање на листинец и други дејствија со кои се ослабува приносната сила или се загрозува опстанокот на шумата и нејзините општокорисни функции.

По исклучок, дејствијата од алинеите 1, 4 и 5 од ставот 2 на овој член, можат да се вршат со претходно одобрение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кога тоа е потребно заради изградба на објекти во функција на стопанисувањето со шумите, како и објекти од јавен интерес, сузбивање на растителни болести и штетни инсекти, воведување на шумски ред во случаи на оштетување на шумата од пожари и други елементарни непогоди, локализирање на шумски пожари и научноистражувачки цели.

Според член 48 од Законот забрането е напасување на добиток и желадење во шума.

По исклучок од став 1 на овој член, на определени површини може да се врши напасување на добиток, освен на кози и тоа: во шуми во кои не се вршат, односно не се извршени мелиоративни мерки, во кои не е во тек природна или вештачка обнова и подмладување, кои не се издвоени за семенски насади, како и на необраснато шумско земјиште.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги определува условите и површината на шумата во која ќе се врши напасување на добиток и желадење.

Напасување на добиток и желадење во шума може да се врши само под контрола на чувар на добиток и со одобрение на јавното претпријатие, односно на правното лице кое врши одгледување и заштита на шума за посебна намена.

Субјектите што стопанисуваат со шуми се должни во шумата во која е забрането напасување, да определат делови од шумата низ кои ќе биде дозволен премин на добитокот до местото за пасење односно до поилата за вода.

Според член 56 од Законот исеченото дрво во шума, како и надвор од шумата (освен дрво од овошни стебла на земјоделско земјиште) без оглед во чија сопственост е, не може да се превезува или пренесува од местото на сеча или од место до место, ако не е жигосано и снабдено со испратница.

Испратницата од став 1 на овој член се издава за секое превозно, односно преносно средство на местото на утовар и важи за денот и часот за кој е издадена и не може да се отстапува на друго лице.

Жигосувањето и издавањето на испратницата од став 1 на овој член ги врши јавното претпријатие односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шума со посебна намена.

Правните лица кои вршат промет со дрво се должни на купувачот да му издадат соодветен документ кој содржи вид на дрво, сортимент, количество, ден и час на превезувањето и точна адреса на истоварот.

Испратницата од став 1, односно документот од став 4 на овој член при превезувањето односно пренесувањето на дрвото превозникот односно преносникот е должен да ги носи со себе.

Жигосување и издавање на испратница се врши само за дрво исечено според одредбите на овој закон.

Исеченото дрво ако се превезува или пренесува без испратница или ако не е жигосано се смета за бесправно исечено во шума.

Складирано дрво кое не е жигосано и за кое нема испратница согласно со став 1 на овој член, односно документ согласно со став 5 од овој член, се смета за бесправно исечено во шума.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го пропише начинот на жигосување и издавање испратница за исечено дрво.

Според член 58 од Законот забранет е откуп или преработка на дрво кое не е жигосано и снабдено со испратница.

Според член 60 од Законот чувањето на шумите во државна и во приватна сопственост го врши шумска полиција во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Овие одредби се дел од дел 5 на глава ИИ од Законот “Заштита на шумите” и на дел 6 “Шумска полиција”.

Судот смета дека мерките на заштита што треба да се преземаат врз основа на член 43 и 44, потоа забраната за вршење штетни дејствија врз шумите од член 45 и 48 и мерките на контрола на бесправната сеча од член 56 и 58 од Законот, како и воспоставувањето на шумската полиција се израз на политиката на законодавецот да ги заштити шумите од бесправна сеча, пустошење и други штетни дејствија и дека на ниеден начин не го ограничува правото на сопственост врз шумите. Од истите правни причини кои што се изнесени во претходните точки од ова решение, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста и на оние одредби со Уставот.

8. Според член 67 од Законот под проста репродукција на шумите, во смисла на овој закон, се подразбира одгледувањето и заштитата на постојните шуми, освен чувањето.

Средства за проста репродукција на шуми издвојуваат јавното претпријатие и другите правни лица кои вршат одгледување и заштита на шумите за посебна намена во висина од 12%, како и сопствениците на шуми во висина од 5% од вредноста на исеченото дрво, франко камионски пат во шума.

Средствата од став 2 на овој член, што ги издвојуваат јавното претпријатите и правните лица кои вршат одгледување и заштита на шуми за посебна намена, се водат на посебна сметка во јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шума за посебна намена и се користат за одгледување и заштита на постојните шуми, за техничко опремување заради вршење на работи на заштита на шумите и за изработка на планови за стопанисување со шумите.

Средствата од став 2 на овој член што ги издвојуваат сопствениците на шуми се уплаќаат на сметката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и се користат за учество во финансирање на работи на одгледување и заштита на шуми и изработка на планови за стопанисување со шумите во приватна сопственост.

Разгледувајќи ја оспорената одредба, особено ставовите 2 и 4, Судот оцени дека со тие ставови не се воспоставува оригинерна давачка за сопствениците на шуми како дополнителна обврска која веќе не е утврдена во другите одредби од Законот. Имено, според член 23, 27-30 и во член 43 и 44 сопствениците на шуми секако ги поднесуваат трошоците за изработка на плановите на стопанисување со приватните шуми, за проста репродукција и за преземените мерки на заштита на своите шуми од болести, штетници итн. Оттука, насочувањето на издвојувањето од 5% од вредноста на исеченото дрво кон финансирање на истите потреби од наведените членови Судот го сфаќа како облик на обезбедување на траен начин на покривање на тие трошоци, но и како извор на средства кој треба да се вкалкулира во вкупните трошоци што сопствениците на шумите ги поднесуваат според овој закон. Со други зборови Судот оценува дека оваа одредба наложува средствата собрани по овој основ директно да се насочат односно да се вратат кон приватните шуми било преку покривање на трошоците за планирање на стопанисувањето со тие шуми, било со вложувања во непосредната заштита или обновување на приватните шуми.

Врз основа на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 67 од Законот со Уставот.

9. Во член 77 и 78 од Законот се предвидени прекршоците и казните за правните и физичките лица како последица на непочитување на законските одредби.

Според член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Врз основа на оваа уставна одредба Судот утврди дека е право на Републиката со закон да ги определи казнивите дела и казните за нив, па со оглед на тоа што оспорените одредби од Законот се израз на тој принцип, Судот не наоѓа основ да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 207/97)