Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 ноември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на втората реченица од член 70 на Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/97).
2. Драган Гоџо – адвокат од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се намалувало правото на притворениот да има бранител во судска постапка, потоа се повредувала тајноста на писмата и на другите облици на општење без да постои судска одлука и, конечно, се повредувала независноста и самостојноста на адвокатурата како јавна служба која обезбедува правна помош и врши јавни овластувања, поради што наведениот дел од оспорената законска одредба не бил во согласност со член 12 став 3 и со членовите 17 и 53 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека членот 70 од Законот предвидува: ако обвинетиот се наоѓа во притвор бранителот може слободно и без надзор да се допишува и разговара. По исклучок, истражниот судија во текот на истрагата, ова право може да го подложи на надзор ако притворот е одреден по основ на член 184 став 1 точка 2, а постои сомнение дека обвинетиот ќе го злоупотреби општењето со бранителот.
Со други зборови, Судот утврди дека првата реченица од членот 70 на Законот утврдува правило: бранителот, без ограничување, да може да комуницира (писмено и усмено) со обвинетиот кој е во притвор и дека обемот на тоа правило, според оспорената втора реченица на член 70 од Законот, може да се намали (но не да престане да постои) во случај (1)кога обвинетиот е во притвор поради основано стравување дека ќе ги уништи трагите на кривичното дело или поради постоење особени околности кои укажуваат дека ќе ја попречува истрагата на тој начин што ќе влијае на сведоците, соучесниците или прикривачите, (2)кога постои сомнение дека обвинетиот ќе ја злоупотреби комуникацијата со бранителот, (3)кога е во тек истрагата, до нејзиното завршување и (4)кога сето тоа ќе го процени истражниот судија. При обврската да мораат да постојат сите овие елементи во некоја конкретна ситуација, комуникацијата се надзира без да се влијае и без да се прекине комуницирањето.
4. Според член 12 став 3 од Уставот, лицето лишено од слобода има право на бранител во полициската и судската постапка (втора реченица). Согласно член 17 од Уставот, се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење (став 1), и само врз основа на одлука на судот може да се отстапи од начелото на неповредливост на тајноста на писмата ако е тоа неопходно за водење на кривична постапка (став 2). Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Со оглед на тоа што втората реченица од член 70 на Законот предвидува надзорот да не ја прекинува комуникацијата помеѓу обвинетиот, кој е во притвор, и неговиот бранител, ниту пак активно влијае на неа, туку само пасивно спречува да се злоупотреби таа комуникација во одредена насока, при што таа состојба е привремена и претставува одлука на суд, Судот оцени дека таквата законска одредба не го доведува во прашање правото на лицето лишено од слобода да има бранител во судска постапка, ниту пак тајноста во комуницирањето бидејки тоа ограничување е врз основа на судска одлука, ниту пак самостојноста и независноста на адвокатурата.
Поради тоа, Судот оцени дека втората реченица на член 70 од Законот не е во несогласност со член 12 став 3 и со членовите 17 и 53 од Уставот, па одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.160/98)