158/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 ноември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување измената и дополнувањето на дел од деталниот урбанистички план за ПЦГП – просторот помеѓу станбените кули на ул. “”Партизанска” бр.07-99/7 од 5.05.1998 година донесена од Советот на Општина Охрид.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на нацртот измена и дополнуивање на дел од деталниот урбанистички план за ПЦГП – просторот помеѓу станбените кули на ул. “Партизанска” бр.08-99/7 од 26.02.1998 година донесена од Советот на Општина Охрид.

3. Куќните совети на станбените кули 1, 2 и 3 на ул. “Партизанска” од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуките од точките 1 и 2 на ова решение, затоа што со истите било предвидено изградба на деловен простор на подрачјето помеѓу станбените кули над кое право на сопственост, односно користење имале сопствениците на станови во станбените кули, со што им се одземало, односно ограничувало правото на сопственост за користење без притоа да постои јавен интерес утврден со закон, што не било во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија, Законот за експропријација(“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95 и 20/98) и Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89, 21/91, 71/96). За стручниот дел околу изработката на измената и дополнувањето на ДУП, формално, од аспект на постапката за нејзиното донесување, подносителите на иницијативата не приговараат.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорените одлуки е предвидена изградба на деловен простор на дворното место помеѓу станбените кули 1, 2 и 3 на ул. “Партизанска” Охрид, врз кое сопствениците на станови во односните кули имале право на сопственост, односно користење.

Судот утврди дека за нацрт измената и дополнувањето на планот била корганизирана јавна анкета од 3.03.1998 година до 17.03.1998 година, на која станарите од станбените кули 1, 2, и 3 ги ставиле своите забелешки. Пред одржувањето на јавната анкета била извршена стручна ревизија. Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина изработило извештај од спроведената јавна анкета, кој заедно со образложението за неприфатените забелешки на граѓаните бил доставен до организаторот на јавната анкета. За измените на дел од ДУП за ПЦГП – просторот помеѓу станбените кули 1, 2 и 3 на ул. “Партизанска” Охрид, надлежното министерство дало согласност на 8.06.1998 година.

5. Правната заштита на сопственоста претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија” Согласно член 30 од Уставот на Република Македонија, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со Законот за градежно земјиште е утврдено дека како градежно земјиште се смета изграденото и неизграденото земјиште во градовите и во населбите од градски карактер и во други подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба (член 2). Согласно член 9 од истиот закон, земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката.

Правниот статус на градежното земјиште е утврден и во членот 12 од Законот за основните сопственосно-правни односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80) согласно кој сопственикот на зградата има право на користење на земјиштето на кое е изградена зградата и на земјиштето што служи за редовна употреба на таа зграда додека таа постои.

Прашањата кои го регулираат уредувањето и употребата на градежното земјиште согласно член 3 од Законот за градежно земјиште, спаѓаат во надлежност на собранието на општината. По својот карактер, работите на уредувањето и употребата на градежното земјиште претставуваат дејност од посебен општествен интерес (член 4 од Законот за градежно земјиште).

Член 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96) предвидува дека изработугвањето и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес. Притоа, јавниот интерес се однесува на самата постапка и органите овластени да го донесуваат урбанистичкиот план заради правилно планирање и рационално користење на просторот.

Имајќи го в предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одлука од точката 1 на ова решение од аспект на повреда на правото на сопственост и правата кои произлегуваат од неа, затоа што во овој случај општииот интерес е утврден со наведените законски одредби.

6. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки да одлучува по Одлуката од точката 2 на ова решение, затоа што со оспорената одлука само се започнува постапка за измена и дополнување на планот и се уште нема донесено акт за измена и дополнување на планот, кој согласно член 110 од Уставот може да биде предмет на уставно судска оцена.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.158/98)