У.бр.168/1998

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11.11.1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Милановски Воине од Скопје, ул. “Пржино” бр.22 за заштита од дискриминација по основ на социјална и политичка припадност.

2. Милановски Воине од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита од дискриминација по основ на социјална и политичка припадност. Според наводите во барањето и прилозите приложени кон барањето како акти со кои подносителот на барањето смета дека е дискриминиран се решението на Основниот суд во Кичево донесено во оставинскиот предмет О.бр.164/96, како и пресудата на истиот суд донесена во граѓанскиот предмет П.бр.62/96-ИИ, за кои смета дека се незаконити и донесени тенденциозно, со оглед дека судот нецелосно и неточно ја утврдил фактичката состојба и неправилно го применил законот во наведените предмети.

Од наводите во барањето и поднесените прилози, исто така произлегува дека, поради сомневањето во објективноста и законитоста во работата на Основниот суд во Кичево, подносителот на барањето не само што ги користел редовните правни средства, туку тој со претставки и други поднесоци се обраќал и до други правосудни органи и институции. Така на пример, до Основното јавно обвинителство во Кичево на неколку пати поднесувал кривични пријави поради основано сомневање дека судијата и претседателот на Основниот суд во Кичево, кои одлучувале по горе наведените предмети, сториле кривично дело фалсификување на исправи, а додека против сведоците во тие постапки поднесувал кривични пријави за давање лажен исказ.

Во врска со постапувањето и решенијата на Основното јавно обвинителство во Кичево подносителот со барања за испитување на законитоста на неговата работа се обраќал до Вишото јавно обвинителство во Битола и до Јавното обвинителство на Македонија, а за нивната работа пак, како и за работата на пониските правосудни органи се обраќал и до Врховниот суд на Македонија и до Републичкиот судски совет, од чии што преземани дејствија, исто така, изразува незадоволство и сомневање.

Поради наведеното подносителот на барањето бара Уставниот суд да ја испита и оцени работата на Врховниот суд на Република Македонија, како и работата на другите судови, јавните обвинителства, и на Републичкиот судски совет. Исто така, бара Уставниот суд да утврди кој ги штити од одговорност судијата и претседателот на Основниот суд во Кичево, кои што решавале по предметите П.бр.62/96 и О.бр.164/96.

3. Судот, врз основа на наводите во барањето, приложените докази кон барањето и одговорот на Основниот суд во Кичево ја утврди следната фактичка состојба:

Со договор за доживотна издршка склучен на ден 1.06.1992 година помеѓу Славе Милески од Кичево, како примател и Мисајловски Зоран од Кичево, како давател на издршката, е договорено станот во Кичево блок И ламела ИВ, населба Календерица ИИ бр.2 влез И кат И, кој бил сопственост на Славе Милески по основ на договор за купопродажба да по неговата смрт му го остави во сопственост и владение на давателот на издршката Зоран Мисајловски. Договорот е заверен во Општинскиот суд во Кичево под Зав. НД.бр.220/92 од 5.06.1992 година.

Со решение О.бр.63/95 од 16.03.1995 година на Основниот суд во Кичево е одлучено да не се спроведе оставинска постапка на оставината на покојниот Славе Милески затоа што оставителот целиот имот за време на живот го оставил со договор за доживотна издршка на Зоран Мисајловски.

Со решение О.бр.164/96 од 18.06.1996 година, а по предлог на подносителот на барањето е одлучено да не се води постапка за расправање на оставината на покојната Велика Милеска, инаку брачна другарка на Славе Милески, а сестра на подносителот на барањето, затоа што умрената не оставила имот.

Со пресуда П.бр.62/96 од 5.03.1996 година е одбиено тужбеното барање на подносителот на барањето, со кое тој барал да се утврди дека еднособниот стан, кој бил предмет на договорот за доживотна издршка, е стекнат во брак помеѓу покојните Велика и Славе Милевски и дека и двајцата имаат право на еднакви делови од тој стан и да се задолжи тужениот Зоран Мисајловски да признае една ваква правна состојба. Барањето му е одбиено бидејки немал активна легитимација да го води овој спор затоа што тоа право припаѓало исклучиво на брачните другари за време на траењето и по престанок на бракот.

Подносителот на барањето, против решението донесено во оставинскиот предмет О.бр.164/96 и пресудата донесена во граѓанскиот спор П.бр.62/96 го користел правото на жалба до повисокиот суд така што според одговорот на Основниот суд во Кичево, моменталната фактичка состојба по наведените предмети е следна:

По оставинскиот предмет е донесено решение О.бр.164/96 од 18.06.1998 година според кое недвижниот имот на покојната Велика е распореден согласно законот, со тоа што и подносителот на барањето бил прогласен за наследник на 1/4 идеален дел. Незадоволен од ваквото решение тој поднел жалба до Апелациониот суд во Битола, кој што со решение Гж.бр.2447/18 од 27.08.1998 година жалбата ја одбил, а решението на Основниот суд во Кичево го потврдил така што постапката по овој предмет правосилно е завршена на 27.08.1998 година.

По предметот П.бр.62/96 Основниот суд во Кичево, исто така досега имал донесено повеќе пресуди, а последната пресуда ја донел на 28.08.1998 година, по која што постапката се уште е во тек, односно не е правосилно завршена.

Од приложените докази кон барањето Судот исто така утврди дека подносителот на ова барање против сведоците и судијата и претседателот на Основниот суд во Кичево кои одлучувале по горе наведените предмети, со свои поднесоци се обраќал и до други правосудни органи, кои што исто така, во рамките на своите надлежности постапувале по неговите барања. Имено, со решение Ко.бр.291/96 од 28.11.1996 година и Ко.бр.2/97 од 27.01.1997 година Основното јавно обвинителство во Кичево ги отфрлило неговите кривични пријави за кривични дела давање лажен исказ и употреба на исправа со невистинита содржина бидејки пријавените дела не се гонеле по службена должност. Понатаму, со решение Ко.бр.12/98, Основниот суд во Кичево го одбил неговото барање што тој, како супсидиерен тужител, го поднел за спроведување на истрага против сведоците, како и против судијата и претседателот на судот на Основниот суд во Кичево – за кривично дело фалсификување на исправа.

Против горе наведеното решение, подносителот на барањето поднел жалба, која со решение КСЖ.бр.13/98 од 19.02.1998 година му била уважена и предметот вратен на првостепениот суд на повторно одлучување. Основниот суд во Кичево повторно со решение КС.бр.12/98 од 16.06.1998 година утврдил дека нема место за спроведување на истрага против наведените лица за пријавените кривични дела.

Судот, исто така, утврди дека со решение Р.бр.7/98 од 2.03.1998 Врховниот суд на Република Македонија го отфрлил неговото барање за изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија да одлучува по предметите П.бр.62/96 и О.бр.164/96, а со ова барање именованиот барал изземање и на судијата, претседателот и судиите поротници на Основниот суд во Кичево, како и на претседателот на Апелациониот суд во Битола, за кое барање Врховниот суд се огласил за ненадлежен да одлучува.

4. Според член 9 од Уставот, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштитата на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Од суштината на наведените уставни одредби произлегува дека уставното начело на еднаквост на граѓаните значи забрана на дискриминација на граѓаните по било кој основ утврден во член 9 од Уставот и дека оваа уставна забрана подеднакво ги обврзува сите органи, организации и други субјекти, а во тие рамки и судовите, кога тие решаваат за остварувањето односно заштитата на одделни слободи и права на граѓаните подеднакво да го применуваат законот спрема сите граѓани, што значи во исти случаи да донесуваат исти одлуки независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, како и имотната, општествената и политичката припадност на граѓанинот, како и тоа дека заштитата на уставната забрана на дискриминација на граѓаните по наведените основи е утврдена во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Имајки ја предвид фактичката и правната состојба по предметот, Судот утврди дека во конкретниот случај не постојат елементи врз основа на кои може да се утврди повреда на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјалната и политичката припадност, затоа што и самиот подносител на барањето не наведува, односно не се повикува на ниеден елемент и податок од кои може да се утврди неговата социјална и политичка припадност, а кои евентуално би биле причина за неговата дискриминација по наведените основи од страна на судовите и другите органи кои постапувале по неговите барања.

Според тоа, Судот оцени дека во конкретниот случај барањето на подносителот во суштина не се однесува за заштита од дискриминација по основ на неговата социјална и политичка припадност, но за испитување на законитоста на работата и актите (решенија и одлуки) на судовите и другите правосудни органи кои што постапувале по неговите барања односно предлози во процесна, вонпроцесна и кривична постапка, а за кое барање Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.168/98)