Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и на член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 ноември 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за условите, начинот и критериумите за доделување станови со кои располага Републиката наменети за решавање на станбените потреби на функционерите, раководните работници и на работниците на републичките органи, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/93).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.191/95 од 30 септември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98).
4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се определуваат условите и начинот за доделување на станови, врз кои право на располагање има Републиката на користење за потребите на функционерите, раководните работници и на работниците во републичките органи. Според членот 2 од Одлуката како републички органи се сметаат Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, органите на управата и управните организации, правосудните органи и Народната банка на Република Македонија.
Одредбите од оваа одлука не се однесуваат на Министерството за внатрешни работи и за воените старешини и граѓанските лица на служба во АРМ. Во членот 4 од Одлуката е предвидено дека стан на користење може да му се додели на функционер, раководен работник и работник кој нема стан, станбена зграда или куќа за одмор во местото на живеење или користи стан и бара замена за тој стан за поголем, помал или замена со иста големина, а според членот 5 при доделувањето станови на користење на функционерите, раководните работници и работниците ќе се води сметка особено за функцијата, односно работите и задачите што ги вршат и работниот придонес во решавањето на работите и работните задачи, станбените услови, должината на работниот стаж, нерешеното станбено прашање, бројот на членовите на семејното домаќинство, здравствената состојба, инвалидност и слично. Големината на станот може да изнесува под 20 м2 по член на домаќинството, по исклучок за едночлено семејство до 30 м2, а за двочлено 50 м2, но не повеќе од 100 м2, без оглед на членовите на семејното домаќинство.
На седницата Судот, исто така, утврди дека во текот на постапката е донесен Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98), со чие влегување во сила престанува да важи Законот за станбените односи (член 59 од Законот).
5. Во член 1 од Законот за домување е предвидено дека со овој закон се уредуваат односите во домувањето, начинот и условите за давање на становите под закуп, правата и обврските на сопствениците и корисниците на становите и одржувањето на станбените згради. Според член 7 од Законот даватели на стан под закуп можат да бидат правни и физички лица, Република Македонија, општината и Градот Скопје (закуподавачи), а во членот 10 е предвидено дека за давање на станови на користење под закуп одлучува закуподавачот. Во посебна глава законодавецот ги уредил односите за станбените згради и становите во сопственост на Републиката. Така според член 33 од Законот Владата на Република Македонија го уредува начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови во сопственост на Република Македонија и тоа на: носители на избрани и именувани за вршење на јавни и други функции утврдени со Уставот и закон, социјално загрозени лица – станбено необезбедени, согласно со Законот за социјална заштита, лица од подрачја прогласени за погодени од природни непогоди и епидемии и вработени во државните органи кои вршат посебни должности неопходни за остварување на основната функција на органите (член 34 од Законот). Договорот за закуп од име на Република Македонија го склучува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен иделовен простор (член 35).
И на крајот согласно член 57 од Законот прописите од овој закон ќе се донесат во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, а тоа е 16 мај 1998 година.
Поаѓајќи од суштината на оспорената одлука со неа се обезбедува станарско право на станови со кои располага Републиката за решавање на станбените потреби на функционерите, раководните работници и работниците во републичките органи што нема основа, ниту во Уставот, ниту во Законот за домување. Законот за домување, пак, условите и начинот за давање на станови на користење ги уредува на поинакви основи и предвидува само закуподавен однос чие користење се уредува со договор.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот и Законот за домување поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.191/95)