Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 11 ноември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 15 од Правилникот за утврдување на процент на воен инвалидитет, донесен од министерот за труд и социјална политика (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/96).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членот 15 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци, конкретно во одредбите на членовите од 19 до 21 не била дадена можност со подзаконски пропис процентот на воениот инвалидитет да се утврдува и привремено, туку само постојано.
Според одредбата на член 161 став 1 од Законот за органите на управата, со правилник се разработувале одделни одредби на законите заради нивно извршување, а не и да се уредуваат нови односи кои не произлегуваат од законот, како што било во случајов.
Оспорената одредба не била во согласност и со член 164 од Законот за органите на управата затоа што оваа одредба содржела изрична забрана со прописот на функционерот што раководи со органот на управата да се востановуваат права и обврски за граѓаните.
Оспорената одредба не била во согласност со член 217 став 1 од Законот за општа управна постапка затоа што привремено решение според овој закон органот донесува пред завршување на постапката ако е такво решение неопходно, односно ако привремено се уредуваат спорни прашања или односи. Покрај тоа, со оспорената одредба непотребно се усложнувала постапката со тоа што надлежниот орган по службена должност требало да води постапка за донесување на ново решение за правата на воените инвалиди на кој процентот му е утврден привремено.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба на член 15 од Правилникот процентот на воениот инвалидитет се утврдува за постојано или привремено.
Привремен процент на воен инвалидитет се утврдува ако постојат изгледи дека оштетувањето на организмот на инвалидот во значителна мерка ќе се подобри со примена на медицински средства (оперативни интервенции, физикални терапии и техабилитации, медикаментозно лекување и друго).
Привремен процент на воен инвалидитет по правило може да се утврди за време до две години, а потоа се утврдува постојан процент ако со овој правилник не е поинаку пропишано.
Процентот на воениот инвалидитет за оштетувањата на организмот од членовите 6 и 10 ставот 3 од Законот по правило се утврдува постојано.
4. Во членот 36 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Според ставот 2 од овој член, посебните права се уредуваат со закон.
Правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци се уредени со Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/96).
Во членот 18 од Законот се утврдени правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства, како и на членовите на семејствата на паднатите борци и тоа правото на лична инвалиднина, семејна и зголемена семејна инвалиднина, инвалидски додаток, додаток за помош и нега од страна на друго лице, ортопедски додаток, бањско и климатско лекување, право на патничко моторно возило, додаток на деца и професионална рехабилитација, здравствена заштита, помош во случај на смрт и бесплатен и повластен превоз, а според член 19, исто од овој закон, заради остварување на правата според овој закон воените инвалиди се распоредуваат во десет групи на воен инвалидитет, според степенот на оштетувањето на организмот изразен во процент.
Според ставот 2 на овој член, процентот на воениот инвалидитет се определува во зависност од оштетувањето на организмот што настанало како последица од рана, повреда или болест здобиена под околностите утврдени со овој закон.
Во ставот 3 исто од овој член е предвидено дека при определувањето на процентот на воениот инвалидитет се земаат предвид и оштетувањата на организмот настанати поради употреба на стандардни лекови, поради операции и други терапевтски потфати заради лекување од рани, повреди и болести, поради носење на ортопедски помагала, полот, околностите под кои кај малолетниците и воените заробеници настапило оштетување на организмот поради психоматски оштетувања и растројства, губење или тешко оштетување на парен орган ако другиот парен орган е изгубен или тешко оштетен поради последица од рана, повреда или болест здобиена под околностите утврдени со овој закон.
Во член 20 од Законот е предвидено дека според процентот на воениот инвалидитет, воените инвалиди се распоредуваат во десет групи на инвалидитет. Во ставот 2 на овој член за секоја група инвалидитет од И до Џ е определен и процентот на инвалидитет, а според ставот 3, исто од овој член министерот за труд и социјална политика донесува пропис за утврдување на процентот на воениот инвалидитет според степенот на оштетувањето на организмот и други услови и критериуми за утврдување на воениот инвалидитет.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот гарантира посебни, социјални права за борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, воените инвалиди, прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција и дека овие права Републиката ги уредува со закон.
Од анализата на означените и на другите законски одредби несомнено произлегува дека, поаѓајќи од уставните гаранции за овие посебни права Законот децидно ги утврдил видовите на правата за овој вид заштита, корисниците, висината, користењето и престанокот на правата, постапката за нивното остварување и изворите на средствата (од Буџетот на Републиката). Во таа смисла Законот, конкретно со одредбите од членот 19 ги утврдил и критериумите за определувње на воениот инвалидитет во зависност од видот на оштетувањето на организмот што настанале како последица од рана, повреда или болест здобиена под околностите утврдени со овој закон, па дури при утврдувањето на процентот воспоставува обврска да се земат предвид и оштетувањата на организмот настанати во врска со лекувањето на раните и повредите. Исто така, Законот, според утврдениот процент на воениот инвалидитет, воените инвалиди ги распоредил во 10 групи и за секоја група го определил процентот (член 20 од Законот), а допуштил со правилник да се утврди процентот на воен инвалидитет. Според тоа и се поставува прашањето дали министерот со правилник го определува процентот на инвалидитет како право или само во рамките, односно критериумите воспоставени со Законот го уредува начинот на неговото утврдување.
Со Правилникот за утврдување на процент на воен инвалидитет (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/96) се уредува утврдувањето на процентот на воениот инвалидитет според степенот на оштетувањето на организмот кое настанало како последица на рана, повреда или болест здобиени под околностите утврдени со законот и други услови и критериуми за утврдување на воениот инвалидитет и се утврдуваат оштетувањата на организмот, а процентот на воениот инвалидитет според членот 2 од Правилникот се утврдува според одредбите на овој правилник и Листата на процентите на воениот инвалидитет, составен дел на Правилникот. Понатаму со Правилникот се разработени степенот на оштетувањето на организмот како и заболувањата што влијаат врз определувањето на процентот на инвалидитетот. Во Листата на процентите на воениот инвалидитет, според степенот на оштетувањето се определени процентите за сите органи од телото (рака, нога, глава, рбет и рбетен мозок, граден кош, грло, ждрело, карлица и други), како и влијанието на болестите утврдени со овој правилник врз процентот на оштетувањето.
Од анализата на целокупниот Правилник, посебно на Листата на процентите на воениот инвалидитет утврдувањето на процентот на инвалидитетот претставува комплексно прашање со оглед на тоа што тој директно зависи од степенот на оштетувањето на органите, а до утврдување на степен може да се дојде само преку медицинските индикации за оштетувањето од што произлегува дека со Законот не е ни можно да се предвиди или утврди степенот на оштетувањето, односно на процентот на инвалидитетот. Поради тоа е неопходно сите околности, во рамките на правата и критериумите воспоставени со Законот, тоа да се уреди со подзаконски пропис, во случајов со Правилникот на министерот за труд и социјална политика.
Тргнувајќи од одредбата на член 161 став 1 од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/94) според која со правилник се разработуваат одделни одредби на законите заради нивно извршување, според мислењето на Судот не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со оваа законска одредба, затоа што со него не се утврдуваат нови права и обврски за воените инвалиди и членовите на нивните семејства туку претставува класичен пример за потребата, врз основа на медицински и научни индикации и од надлежен орган, во случајов лекарска комисија основана за оваа цел, да се утврди процентот на инвалидитетот и според тој процент да се распореди во соодветна група на инвалидитет врз основа на што Министерството за труд и социјална политика одлучува за правата утврдени со Законот.
Не е спорно дека Законот не содржи директна одредба со која го овластува министерот процентот на воениот инвалидитет да се утврдува за постојано или привремено. Меѓутоа, следејќи ја дикцијата на Законот, посебно на одредбата од член 86 несомнено дека со овој закон е дадена можност да се утврди процентот на воениот инвалидитет и привремено. Ако се има предвид дека правото на инвалиднина, правото на додаток за нега и помош, ортопедски додаток, бањско и климатско лекување, како и неспособноста за работа како услов за остварувањата на правата според овој закон, се утврдува врз основа на наодите и мислењата од надлежните лекарски комисии формирани како првостепени и второстепени лекарски комисии, како и дека здравствената состојба на корисниците не е константна, тогаш надлежниот орган по службена должност е должен да води постапка за донесување на ново решение за правата на воениот инвалид на кој процентот на воениот инвалидитет му е утврден привремено, односно за правата на корисникот на семејна инвалиднина утврдени привремено по основа на привремена неспособност за работа. Според тоа, ваквото решение нема ниту карактер на решение донесено во смисла на член 217 став 1 од Законот за општа управна постапка од причини што со него повторно се одлучува за правата утврдени со законот, односно не претставува решение со кое, до завршување на постапката, привремено се решава за некое спорно прашање, поради што и од овој аспект неможе да се постави прашањето за законитоста на оспорената одредба од Правилникот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.105 /98)