Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 1 и алинеја 3 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 4 ноември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 31 став 2 од Статутот на Заводот за вработување на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/98).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 31 став 1 од статутот означен во точката 1 од ова решение.
3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 11 алинеја 17 од статутот означен во точката 1 од ова решение.
4. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 31 ставовите 1 и 2, и членот 11 алинеја 17 од статутот означен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, Статутот не бил согласен со Уставот затоа што:
а) Ставот 1 на член 31 предвидувал истиот да влезе во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а да се применува после добивањето, односно објавувањето на одлуката за неговото потврдување од Владата на Република Македонија;
б) Ставот 2 на член 31 од Статутот не бил согласен со Уставот затоа што од неговата содржина произлегувало Заводот да го определува начинот на објавувањето на другите општи акти, независно од тоа што Уставот бил јасен дека законите и другите прописи, пред да влезат во сила, се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”.
в) Одредбата од алинејата 17 на член 11 од Статутот предвидувала за правата и обврските на раководните работници по основ на работен однос во прв и втор степен да одлучува управниот одбор со што се повредувало начелото на двостепеност во одлучувањето загарантирано со Уставот.
5. Судот на седницата утврди дека согласно член 31 став 2 од Статутот на Заводот другите општи акти на Заводот влегуваат во сила наредниот ден од денот на донесувањето, ако со тие акти не е поинаку определено.
Согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Според ставот 2 на овој член од Уставот законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување.
Согласно член 86 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97), Заводот е јавна установа на територијата на Република Македонија со статус на правно лице.
Согласно член 88 од Законот организацијата на Заводот, органите, нивната надлежност и начинот на одлучување, како и другите прашања значајни за работата и работењето на Заводот поконкретно се уредуваат со Статутот на Заводот.
Со оглед на тоа дека Заводот, како јавна установа, регулира односи кон трети лица, а со оспорената одредба од став 2 на член 31 од Статутот се употребува генусен поим општи акти при што предвидува истите да влезат во сила со денот на донесувањето без да го разграничи нивниот вид во смисла дали се акти со кои се уредуваат внатрешните односи на вработените и кои како такви не подлежат на обврската од член 52 од Уставот или, пак, се акти со кои се уредуваат правата и обврските на невработените лица, кои Заводот ги донесува вршејќи јавни овластувања како правен субјект, а за да произведат дејство треба да бидат објавени во “Службен весник на Република Македонија”, Судот оцени дека може да се постави прашањето за уставноста на одредбата од став 2 на член 31 од Статутот.
6. Судот на седницата, исто така, утврди дека согласно член 31 став 1 од Статутот, истиот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува по објавувањето на Одлуката за потврдување на Статутот на Владата на Република Македонија.
Согласно ставот 2 на член 31 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност согласност на Статутот и на актите за организација и систематизација на Заводот дава Владата на Република Македонија.
Од наведените одредби произлегува дека легитимноста на статутот е условена со согласноста на Владата на Република Македонија, што произлегува и од одредбата од членот 34 од Статутот која предвидува овој статут да се објави во “Службен весник на Република Македонија” по давањето согласност од Владата на Република Македонија.
Со оглед на тоа што Одлуката за давање согласност од Владата е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.9/98 од 20 февруари 1998 година, а Статутот е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.9/98 од 28 февруари 1998 година, односно веднаш по добиената согласност од Владата, Судот оцени дека не би можело да се поставува прашањето за неговата согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија.
7. Понатаму, Судот на седницата утврди дека согласно член 11 алинеја 17 од Статутот управниот одбор на заводот во рамките на своите права и должности, одлучува во прв и втор степен за правата и обврските на раководните работници на Заводот по основ на работен однос.
Со оглед на тоа што оспорената одредба регулира прашања од областа на внатрешните односи на вработените, односно правата и обврските на раководните работници во Заводот, а не се однесува на јавните овластувања што Заводот ги врши како правен субјект, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен за оценување на неговата уставност од овој аспект.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.128/98)