130/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 28 октомври 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 27 став 2 точка 4 од Правилникот за начинот на одржувањето на премерот и катастарот на недвижностите, во делот кој се однесува на татково име (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/95).

2. Зоран Ангелов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 27 став 2 точка 4 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со барањето на податокот “татково име” при поднесување пријава за настанатата промена на недвижностите се нарушувала приватноста на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот, што не било во согласност со член 25 од Уставот и не било во согласност со Законот за личното име.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 101 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на РМ” бр.27/96 и 17/91) директорот на Републичката геодетска управа донел Правилник за начинот на одржувањето на премерот и катастарот на недвижностите.

Предмет на одржување на премерот и катастарот на недвижностите се утврдени промени настанати на: белези и знаци на геодетските точки; земјиштето, згради, посебни делови од згради и помошни објекти и правата на недвижностите.

Во зависност од карактерот на настанатата промена нејзиното утврдување се врши со увид на самото место (со премерување и без премерување) и без увид на самото место а само со констатација на настанатата промена.

Во член 27 од наведениот Правилник е утврдено дека за настанатата промена се поднесува пријава која претставува писмено барање за утврдување на промената настаната на недвижностите и спроведување на измена на податоците во катастарот на недвижностите.

Пријавата од став 1 на овој член е образец кој ги содржи податоците како што е 1. Република Македонија, 2. Општина, 3. Катастарска општина на кое подрачје настанала промената, 4. Податоци за носителот на правото на недвижностите на која настанала промената (презиме, татково име, име, матичен број, место на живеење и адреса, улица и куќен број), 5. Податоци за новиот носител на правото доколку се врши пренесување на правото на недвижностите односно податоци за промена на правата; 6. Податоци за недвижноста на која настанала промената; 7. Вид на промена и други податоци.

4. Според член 25 од Уставот на Република Македонија на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот на достоинството и угледот.

Од изнесената одредба произлегува дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста. Почитувањето се однесува на должноста и обврската на секого спрема другиот а заштитата е основа за должност и обврска на државните органи да ја обезбедат приватноста со својата непосредна активност или посредно по барање на граѓанинот пред судските и другите власти кога приватноста е повредена или загрозена.

Почитувањето на личниот живот на граѓанинот е основа за забрана на кој и да е да се меша во личното однесување на човекот и во неговото определување односно личниот живот е приватна работа на човекот во која никој не може да се меша, освен во случаи кога изразување на личноста и однесувањето на личноста ги доведува во прашање општоприфатените норми во општеството. Слични карактеристики има и приватноста на семејниот живот, а тоа значи дека никој нема право да се меша во односите во семејството, меѓу брачните другари и меѓу родителите и децата, начинот на живеење, семејниот ред и друго.

Гарантирањето на оваа приватност подразбира забрана за јавно изразување на тајни настанати во личниот и семејниот живот и тоа не само со забрана за јавно изнесување туку и забрана на несоодветен начин да се дојде до сознанија или информации за приватниот семеен живот на човекот и граѓанинот.

Почитувањето на достоинството и угледот на граѓанинот исто така е обврска на луѓето во меѓусебното однесување и комуницирање било непосредно или преку средствата за информирање како и обврска на државните органи и служби спрема граѓаните во сите контакти остварување на оваа обврска.

Непочитувањето на ова право и ефикасноста во остварувањето на заштитата на овие вредности ја потврдува и нивната инкриминираност како кривични дела во Кривичниот закон на Република Македонија.

5. Според член 18, пак, од Уставот се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци.

На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на инфромација за нив преку обработка на податоците.

Оваа уставна гаранција произлегува од фактот што личните податоци се собираат систематизираат и обработуваат, а тоа значи дека никој не е должен да дава податоци и никој не може да присили да дава податоци, но под определени услови утврдени со пропис податоци за некого може да дава друго лице и податоците не се општо достапни. Имено, податоците може да ги користат само овалстени лица односно забрането е нивно неовластено користење или употреба.

6. Според член 1 од Законот за заштита на личните податоци (“Службен весник на РМ” бр.12/94) е предвидено дека со овој закон се уредува заштитата на личните податоци со цел да се обезбеди приватноста и тајноста на податоците кои се однесуваат на лицето, а се предмет на прибирање, обработка, чување и користење и размена во облик на автоматизирани или рачни збирки на податоци.

Во член 3 став 1 точка 3 е определено дека личен податок е секој податок што се однесува на лицето.

Во член 4 од наведениот закон е предвидено дека збирките кои содржат лични податоци се воспоставуваат, водат и одржуваат само врз основа на закон или врз основа на писмена согласност на лицето на кое се однесуваат податоците.

Во член 22 од наведениот закон е предвидено дека лицето кое ќе оцени дека се повредени правата утврдени со овој закон може со предлог да бара судска заштита пред надлежниот суд.

Во член 23, пак, е предвидено дека ако поради користење на податоците на начин или за намена кои не се во согласност со овој закон на лицето му е предизвикана штета лицето во согласност со овој закон може да бара надоместок од предизвикувачот на штетата.

7. Според член 1 од Законот за матичната евиденција (“Сл. весник на Република Македонија” бр.8/95) основните лични податоци за граѓаните се водат во матична книга на родените, матичната книга на венчаните и матичната книга на умрените.

Во член 4 од наведениот закон е предвидено дека во матичната книга на родените се запишуваат, покрај другите и податоци за родителите на детето и тоа: име и презиме (за мајката и моминско презиме), ден, месец, година и место на раѓање, националност, државјанство, живеалиште и адреса на станот.

Од наведените одредби произлегува дека матичната книга на родените во која се внесуваат основните лични податоци се запишува покрај другото и името и презимето на таткото на детето.

8. Во член 2 од Законот за личното име (“Службен весник на РМ” бр.8/95) е предвидено дека личното име на граѓанинот се состои од име и презиме, а самото име или презиме може да содржи повеќе зборови.

Личното име на граѓанинот служи за идентификација на личноста и тоа може да се состои од име и презиме, а самото име или презиме може да содржи повеќе зборови.

Од наведените законски одредби произлегува дека покрај другите лични податоци за граѓанинот како личен податок кој се внесува во матичната книга на родените воспоставена со закон е и татковото име на граѓанинот, кој податок како и другите лични податоци е под режимот на заштита на личните податоци која заштита опфаќа правни, организациони и технички постапки и мерки со кои се спречува, покрај другото, и нелегално прибирање, обработка, чување, користење или пренос на податоците.

9. Според тоа, Судот смета дека во конкретниот случај не може да стане збор за нелегално прибирање на личните податоци на граѓанинот, поаѓајќи од фактот што овој личен податок се бара за остварување на одредено право на граѓанинот по негово писмено барање, а тие податоци се внесуваат во катастарот на недвижностите како посебна книга на евиденција на недвижностите и органот кој ја води таа евиденција е должен да постапи согласно Законот за заштита на личните податоци, при тоа наведениот личен податок на татковото име всушност има за цел побрза, полесна и поблиска идентификација на лицето кое го бара тоа право.

10. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот и законот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

11. Ова решение, Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.130/98)