Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 октомври 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување План за реализација на урбанистичка единица бр. 3 Ѓорче Петров-Скопје, донесена од Собранието на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.7/82).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на: Одлуката за измена и дополнување на деталните урбанистички планови од помал обем на Колегиумот на Општинскиот секретаријат за урбанизам и комунално – станбени работи на Општина “Карпош” од 11 февруари 1989 година; Решението за локација бр.193/85 од 22 октомври 1985 година и број 15-5260 од 22 октомври 1989 година; Решение за урбанистичка согласност бр.193/85 од 12 ноември 1985 година; Одобрение за градба бр.5280/3 од 9 јули 1985 година и бр.15-5260/3 од 9 јули 1986 година: Решение за измена на претходното решение број 15-4600/1 од 16 март 1989 година; Изводот од Урбанистичкиот план бр.687/87 од 19 јануари 1987 година за КП.646/24 КО Оризари – Ѓорче Петров; Изводот од Урбанистичкиот план број 236/83; и на Решението на Министерството за финансии – Секретаријат за финансии на Општина “Карпош” У.бр.15-376/3-89 од 20 декември 1994 година.
3. Андон Самандовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата на подносителот со купување на барака му било доделено на трајно користење и земјиште во општествена сопственост врз одлуката за доделување на градежно земјиште од надлежниот орган на општината, а не врз основа на урбанистичкиот план. Со тоа подносителот смета дека е сторена повреда на член 25 од Законот за основните сопственосно – правни односи затоа што со оспорените акти е допуштена градба врз туѓо земјиште (општествено). Уставот не предвидувал категорија корисник, а правото на користење врз национализирано неизградено градежно земјиште создавало субјективни права за корисникот и врз ваквите односи се применувало правното правило од член 25 од означениот закон според кое не можело да се одземе правото на користење на земјиштето и да му се додели на друг за градба. Спротивно на Законот му било одземено земјиште 120 м2 од дворното место за пристапна патека од КП.646/24. Актите со кој му се одзема земјиште биле со нормативен карактер затоа што со нив се вршела измена на Деталниот урбанистички план Ѓорче Петров.
Со изводите од Урбанистичкиот план бр.236/83 и бр.687/86 се вршела измена на Деталниот урбанистички план од поголем обем спротивно на Планот за Одлуката за донесување план за реализација за Урбанистичката единица Ѓорче Петров (“Службен гласник на Град Скопје” бр.316/68) затоа што со нив се оформувала градежна парцела со пристапни патеки со решение на Министерството У.бр.376/3-89 од 2 декември 1994 година.
Одлуката за измена и дополнување на деталните урбанистички планови на Колегиумот на Општинскиот секретаријат за урбанизам била донесена во несоодветна постапка, а измените направени врз основа на оваа одлука не биле од помал обем. Исто така, и актите издадени од Министерството за урбанизам за градежно – техничката документација не биле во согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
Решението на Министерството за финансии – Секретаријат за финансии за општина Карпош У.бр.15-376/3-89 од 2 декември 1994 година било неуставно и незаконито затоа што не било прибавено, претходно, мислење од Министерството за урбанизам.
Подносителот смета дека органите, со донесување на оспорените акти извршиле измена на урбанистичкиот план а истата не била спроведена во пропишана постапка со закон, односно во сите задолжителни фази за донесување на план.
4. Судот на седницата утврди дека со изводот од Урбанистичкиот план број 236/83 е предвидена изградба на индивидуална станбена зграда, предвидена со Урбанистичкиот план за Урбанистичка единица број 3 – Ѓорче Петров, а изводот од Урбанистичкиот план број 687/87 од 19 јануари 1987 година е искартирана патека според Протоколот бр.13-8353 од 15 јуни 1987 година, издаден од Одделението за комунално станбени работи при Собранието на град Скопје.
Второоспорените акти по својата содржина претставуваат градежно-техничка документација за градба на индивидуална станбена зграда, а Одлука за измени и дополнување на деталните урбанистички планови од помал обем не постои во нормативата на Општината Карпош.
Со оспореното решение на Министерството за финансии – Секретарјат за финансии на Општина Карпош на подносителот на иницијативата му се одзема правото на користење на градежно земјиште и тоа Кп.бр.646/24 во површина 111 м. Кв. И КП.бр.646/23 во површина 9 м.кв. КО Оризари за изградба на индивидуална станбена зграда предвидена со урбанистички план – според оспорениот извод бр.236/83.
И на крајот Судот утврди дека не постои Одлука за изменување и дополнување на урбанистички планови од помал обем, донесена од Колегизмот на Општинскиот секретаријат за урбанизам и станбено-комунални работи на Општина Карпиш.
Судот, исто така, утврди дека оспорените изводи од урбанистичките планови не биле издадени од стручните служби на Градот туку од Подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина за Општина Карпош, па поради тоа не е во состојба да се произнесе за нивната содржина. Меѓутоа, Градскиот комитет за урбанизам со сигурност знае дека претставуваат извод од Деталниот урбанистички план донесен 1982 година за населбата Ѓорче Петров. Според оваа одлука – Одлука за донесување План за реализација на урбанистичката единица бр.3 Ѓорче Петров (“Службен гласник на Град Скопје” бр.7/82), на приземните индивидуални станбени објекти се предвидува надградба уште за еден кат и со постојниот дел ќе имаат висина П+1 кат, а парцелацијата на просторот, односно дефинирањето на урбанистичките парцели на објектите се преземени од Планот за реализација (“Службен гласник на Град Скопје” бр.316/68).
Со оспорениот извод број 236/83 е предвидена изградба на индивидуална станбена зграда на КП.646/23, а со оспорениот извод бр.687/87 од 19 јануари е вцртана пристапна патека до објектот.
Во 1988 година била извршена измена на габаритот со Решение бр.15-4600 врз основа на Одлуката за изменување и дополнување на деталните урбанистички планови од помал обем (“Службен гласник на Град Скопје” бр.18/87). Освен тоа била извршена измена на големината на урбанистичката парцела (намалување) со тоа што од страна на Градскиот комитет за урбанизам била предвидена од западната страна пристапна патека со широчина од 1,50 м. за станбената барака сопственост на Поповски Владо.
5. Согласно член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 2 од овој член сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
Во ставот 3, исто така, од овој член е предвидено дека никому неможат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес. И според ставот 4 на овој член, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Според член 25 од Законот за основните сопственосно правни односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80), кој согласно Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, е преземен како републички пропис, ако градителот знаел дека гради на туѓо земјиште или ако тоа не го знаел, а сопственикот веднаш се спротивставил на тоа, сопственикот на земјиштето може да бара да му припадне правото на сопственост на градежниот објект или градителот да го сруши градежниот објект и да му го врати земјиштето во првобитна состојба или градителот да му ја исплати прометната цена на земјиштето, а според неговиот став 3, во овие случаи сопственикот на земјиштето има право на надомест на штета.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорените акти, корисниците на доделено градежно земјиште не се сметаат како сопственици на тоа земјиште на кои според Уставот им се гарантира правото на сопственост. Земјиштето на кое постои зграда или друг станбен објект и земјиштето што е потребно за редовна употреба на објектот претставува градежно земјиште, а земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидено за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката. Според тоа, уставната гаранција за заштита на сопственоста и правата што произлегуваат од членот 25 од Законот за основните сопственосно правни односи не се однесуваат на корисниците на градежното земјиште, ниту пак, на Републиката затоа што условите за неговото доделување и користење се уредени со Законот за градежното земјиште.
Со оглед на изнесеното не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот урбанистички план со член 30 од Уставот и членот 25 од Законот за основните сопственосно правни односи.
Во член 29 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/73, 20/73 и 45/77), кој бил во важност за време на донесување на оспорената одлука, просторните и урбанистичките планови во сите фази на изработувањето задолжително се ставаат на јавен увид и се организира јавна расправа, а според член 35 од овој закон измените и дополнувањата на плановите се вршат по постапка за донесување на плановите.
Со оглед на тоа што нацртот на оспорената одлука со графичкиот прилог бил ставен на јавен увид и е организирана јавна расправа и со извештајот од јавната расправа предлогот на одлуката доставен на усвојување на Собранието на град Скопје, односно со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена во постапка пропишана со законот кој бил во важност, Судот оцени дека и од овој аспект не може да се постави прашањето за нејзината законитост.
6. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според мислењето на Судот оспорениот Извод не претставува пропис во смисла на означената уставна одредба со кој се менува урбанистичкиот план, туку доказ во постапката пред надлежните управни органи, за тоа, дали поединечните акти за чија законитост одлучуваат надлежните органи се во согласност со деталните урбанистички планови. Во таа смисла изводот од урбанистичкиот план не претставува ниту управен акт со кој се менува или дополнува урбанистички план. Друго е прашањето дали отстапувањата од Деталниот урбанистички план се направени согласно Одлуката за изменување и дополнување на деталните урбанистички планови од помал обим на подрачјата на град Скопје, за време на нејзиното важење (оваа одлука е отстранета од правниот поредок со Одлуката за утврдување на поблиските услови за градба на објекти за подрачјето на град Скопје) за што овој Суд, исто така не е надлежен да одлучува.
Исто така, според мислењето на Судот оспорените решенија со иницијативата не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку поединечни акти со кои органот на управата одлучил за одделни права во врска со одземање и доделување на градежно земјиште заради реализација на урбанистичките планови.
7. Со оглед на тоа што Судот не поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорените акти, Судот оцени дека нема основ да донесе решение со кое, до донесување на конечна одлука, ќе ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на тие акти.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.38/98)