У.бр.163/1998

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 3, член 51 и член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 октомври 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Илија Мирчески од Прилеп за заштита на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

2. Илија Мирчески од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на основните права наведени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во барањето, на подносителот на иницијативата не му било овозможено да го објави демантот по повод статијата “Најмладиот Ченто во затвор” во весникот “Народен глас” кој го издава Центарот за печат, радио и телевизија во Прилеп, на кој начин му било повредено со Устав загарантираното право утврдено во член 16 став 4 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека во весникот “Народен глас” бр.852 од 22 март 1991 година била објавена статијата “Најмладиот Ченто во затвор”.

По повод на таа статија, подносителот на 4 октомври 1991 година со пропратно писмо доставил демант до Центарот за печат, радио и телевизија во Прилеп со барање демантот да биде објавен во истиот весник со цел да се докажат и откријат сите невистини.

Меѓутоа, подносителот на барањето својот демант го поднел по истекот на рокот кој бил предвиден според тогаш важечките законски прописи, односно според Законот за основите на системот на јавното информирање (“Службен лист на СФРЈ” од 29 декември 1990 година) и Законот за јавно информирање (“Службен весник на СРМ” бр.20/79).

4. Според член 9 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 16 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување намислата.

Според став 4 на овој член се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.

Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека на граѓанинот му се гарантира правото на јавно изразување на мислата и правото на одговор во средствата за јавно информирање, а истовремено согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд е надлежен, покрај другото, да ги штити наведените слободи и права.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за превземање дејство со кое е сторена повреда, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање.

Од изнесената одредба произлегува дека заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот граѓанинот може да бара во определен рок односно во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт односно од денот на дознавањето за превземеното дејствие со кое е сторена повредата но не подоцна од пет години.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека во конкретниов случај подносителот на барањето го пропуштил субјективниот рок од два месеци за поднесување на барање на заштита на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот и дека тој не може да се повикува на можноста да го користи објективниот рок од пет години со оглед на тоа што тој бил во можност да дознае и сознал во тој рок дека неговиот одговор не бил објавен во весникот според тоа во тој рок не го искористил своето право за заштита пред Уставниот суд, поради што постојат процесни пречки да одлучува по барањето.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.163/1998)