Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 октомври 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврден паушален износ за наплата вода од приклучок во износ од 100 ден. бр.03-9/93 од 29.08.1997 година, донесена од Советот на Месната заедница “Готен”, Подареш.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на аобјавувањето во “Службен весник на РМ”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Пеце Јованов и други од с.Подареш, со решение У.бр.73/98 од 24 јуни 1998 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука граѓаните од Месната заедница “Готен” Подареш се задолжуваат да плаќаат паушален износ од 100 денари месечно од приклучок на име наплата на вода.
5. Според член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 на истиот член од Уставот начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење се уредуваат со закон.
Условите и начинот на употреба и користење на водите, како добра од општ интерес на Републиката, заштитата од штетни дејства на водите, заштитата на водите од исцрпување и загадување, управувањето со водите, изворите и начинот на финансирање на водостопанските дејности, условите и начинот на вршење на водостопанската дејност, давање на водата на користење со одобрение (концесија), како и другите прашања од значење за обезбедување на единствен режим на водите, се уредени со Законот за водите (“Службен весник на РМ” бр.4/98).
Со Законот за комунални дејности (“Службен весник на РМ” бр.45/97) како комунална дејност во смисла на овој закон, покрај другите дејности, е утврдено и снабдувањето со вода за пиење, под што се подразбира зафаќање, обработка и дистрибуција на вода до мерниот инструмент на корисникот (член 3 точка 1 од Законот)
Комуналната дејност според член 14 од овој закон може да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности, основани од Владата на Република Македонија или од општините и градот Скопје, во зависност од значењето и карактерот на комуналната дејност и објектите на комуналната инфраструктура, како и други правни и физички лица со давање концесија или дозвола за вршење на комунална дејност.
Висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги согласно член 27 од Законот, ја определува управниот одбор на јавното комунално претпријатие, по претходна согласност на основачот, а согласно член 29 став 1 алинеја 1 цената на услугите за снабдување со вода за пиење се определува според метар кубен обработена и испорачана вода.
Од наведените законски одредби произлегува дека комуналната дејност – снабдување на населението со вода за пиење ја вршат јавните комунални претпријатија основани од општините, односно градот Скопје за вршење на таа дејност, кои што како даватели на услугите се овластени да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќање на оваа комунална услуга и тоа по претходна согласноста на основачот. Притоа, висината на цената се утврдува по мерната единица метар кубен обработена и испорачана вода до корисникот.
Со оглед на тоа дека со оспорената одлука висината на цената на потрошена вода за пиење е утврдена од страна на Советот на месната заедница “Готен” – Подареш, кој орган нема законско овластување за тоа, како и со оглед дека истата е утврдена во паушален износ, а не според метар кубен потрошена вода, Судот оцени дека оваа одлука не е во согласност со членот 56 од Уставот и членовите 14, 27 и 29 од Законот за комуналните дејности.
Што се однесува пак до наводите во иницијативата дека со оспорената одлука, иако се утврдува паушален износ за наплата на вода, со неа фактички се воведува јавна давачка и се обезбедува извор на средства за финансирање на Месната заедница, во спротивност со Уставот и Законот за локалната самоправа, како и Законот за општите начела на самопридонесот, Судот оцени дека овие наводи од нормативно-правен аспект се неосновани затоа што од содржината на оспорената одлука јасно произлегува дека со неа се утврдува висината на наплата за вода, а не се работи за утврдување на јавна давачка или за обезбедување на средства за финансирање на месната заедница. Поради наведеното, Судот смета дека овие наводи се од фактичка природа за чие испитување тој не е надлежен, па од тие причини не најде основ да се впушти во оценувањето на оспорената одлука од аспект на овие наводи.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.73/98)