Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 септември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 8 од Статутот на Општина Пласница.
2. Советничката група на Демократската партија на турците при Советот на Општината Пласница, преку полномошникот Јелисава Трајкоска-Илиевска адвокат од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Статутот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека оспорениот член не бил во согласност со Уставот и со членовите 88, 89 и 90 од Законот за локалната самоуправа. Имено, во Општината Пласница според последниот попис на населението извршен во 1994 година, околу 90% од населението се изјаснило како турска националност. Поради тоа, се смета дека печатот на Општината, печатот на Советот на Општината, печатот на градоначалникот и печатот на управните органи, покрај на македонски јазик и кирилско писмо, требало да биде испишан и на турски јазик.
3. Судот на седницата утврди дека според член 8 од Статутот на Општината Пласница, општината има печат со тркалезна форма во чија средина се наоѓа грбот на општината, а на рабовите е испишано “Република Македонија” – општина Пласница.
Печатот што го употребува Советот на општината во вториот ред има натпис “совет на општината”.
Печатот што го употребува градоначалникот во вториот ред има натпис “градоначалник”.
Печатот што го употребуваат управните органи, има натпис “управни органи”.
4. Судот, исто така, утврди дека иако преку 90% од вкупниот број на жителите на Општината Пласница се изјасниле дека се припадници на турската националност, ноторен факт е дека тие не го познаваат турскиот јазик и писмо и дека нивен мајчин јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
5. Според член 7 од Уставот, во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, е и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон. Во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите, под услови и начин утврдени со закон.
Законот за локалната самоуправа го разработува прашањето во врска со службената употреба на јазиците во единиците на локалната самоуправа.
Членот 88 од овој закон определува дека во единиците на локалната самоуправа во кои граѓаните припадници на националноста се над 50% од вкупниот број жители утврдени на последниот извршен попис на населението, се сметаат како единици на локалната самоуправа во кои во мнозинство живеат припадници на националностите.
Во единиците на локалната самоуправа во кои граѓаните припадници на националноста се над 20% од вкупниот број жители утврден на последниот извршен попис на населението, се сметаат како единици на локалната самоуправа во кои во значаителен број живеат припадници на националностите.
Понатаму, според членот 89 од овој закон, на седниците на советот и другите органи на единиците на локалната самоуправа во кои во мнозинство или во значителен број живеат граѓани припадници на националноста, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо во службена употреба е и јазикот и писмото на националноста која е во мнозинство или во значителен број.
Статутот, одлуките и другите општи акти што ги донесуваат органите од став 1 на овој член се пишуваат и објавуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот и писмото на националноста која е во мнозинство или во значителен број.
Во јавните служби, јавните установи и јавните претпријатија што ги основала единицата на локалната самоуправа во која во мнозинство живеат граѓаните припадници на националноста во службена употреба покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е и јазикот и писмото на националноста која е во мнозинство.
Согласно членот 90 став 1 од овој закон во единиците на локалната самоуправа во кои во мнозинство живеат припадници на националноста, имињата на населените места, натписите на јавните служби и установи, натписи на претпријатијата и другите јавни претпријатија, што ги основала единицата на локалната самоуправа се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото на националноста која е во мнозинство.
Тргнувајќи од ставот 1 на член 7 од Уставот, според кој во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, очигледно е дека со наредните ставови од овој член се овозможува афирмација на јазикот на националноста – мајчиниот јазик на националсноста заради изразувањето на нивниот идентитет и национална особеност во комуникациите.
Во конкретниот случај станува збор за припадници на националност чиј мајчин јазик е неспорно македонскиот јазик и неговото писмо. Оттука, без да се доведе во прашање декларирањето на овој ентитет како турска националност, употребата на македонскиот јазик како мајчин јазик не е во спротивност со член 7 став 2 и 3 од Уставот.
Понатаму, Законот за локалната самоуправа во делот за службената употреба на јазиците во локалната самоуправа не го третира прашањето на кој јазик треба да биде испишан печатот на единицата на локалната самоуправа. Оттука произлегува дека начинот на службената употреба на јазикот на националноста, што се однесува до печатот, треба да се уреди со посебен закон за печатот.
Постојниот Закон за печатот на Социјалистичка Република Македонија и печатите на државните органи во Социјалистичка Република Македонија, донесен на 23 април 1964 година се однесува за печатот на државата и печатите на државните органи.
Ако се има предвид членот 24 став 1 од Законот за локалната самоуправа според кој органи на единиците на локалната самоуправа се советот, градоначалникот и управните и административните органи, произлегува дека постојниот закон за печатот … кој го уредува прашањето за печатот на државните органи во услови на сосема друг општествено политички систем не може да се примени за органите на локалната самоуправа.
Од друга страна имајќи предвид дека печатот всушност претставува знак со кој правно или физичко лице ја потврдува автентичноста на одреден акт и дека тој е негов составен дел, произлегува дека текстот на печатот треба да биде испишан на јазикот на кој е пишуван актот што се потврдува.
Во конкретниот случај, Статутот на Општината Пласница не содржи изречна одредба со која се определува кој јазик е во службена употреба во оваа едница на локалната самоуправа. Тргнувајќи од непобитниот факт дека жителите во оваа општина комуницираат (зборуваат, пишуваат и читаат) на македонски јазик, Статутот е напишан на македонски јазик, а во основните одредби на Статутот, меѓу другото, е определена формата, изгледот и текстот на печатот што го употребуваат Советот на Општината, градоначалникот и управните органи. Според тоа, логично произлегува дека и текстот на печатот е испишан на македонски јазик, како што е напишан Статутот и другите акти на оваа општина и како што се одвива фактички целокупната комуникација во општината.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.123/98)