Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 септември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за управување и стопанисување со објектот водовод, донесена од Советот на општина Вевчани на седницата одржана на 2 декември 1998 година.
2. Занаетчиската задруга “Печалбар” од Вевчани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што со неа се вршело стопанисување со објекти од комунална инфраструктура од локален карактер, односно се давале услуги на територија на една општина без, притоа, да се има предвид дека за стопанисување со регионални инфраструктурни системи, како што е водоводниот систем за населбите Вевчани и Струга, мора претходно да се склучи меѓуопштинска спогодба со која ќе се уреди користењето на услугите од овие системи.
3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 5 од оспорената одлука, Советот на општината Вевчани, водоводот го презема од Занаетчиската задруга “Печалбар” и истиот го отстапува на Јавното претпријатие “Еремја” Вевчани.
Од содржината на оваа одредба произлегува дека оспорената одлука има карактер на поединечен правен акт кој согласно член 110 од Уставот, излегува надвор од доменот на надлежноста на овој Суд.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.61/98)