Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 30 септември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 55 од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/98).
2. Партијата на пензионерите на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 55 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се повредувале уставните принципи на еднаквост, владеењето на правото и еднаквоста на избирачкото право. Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од Законот била во спротивност со член 32 од истиот закон, како и дека таа различно се применувала од надлежните изборни органи и судовите затоа што била нејасна за примена. Исто така, се бара Судот да го запре извршувањето на одлуките на Државната изборна комисија и изборните комисии до донесување конечна одлука.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 55 став 1 од Законот е предвидено дека организаторот на изборната кампања треба да отвори жиро – сметка со назнака “за изборна кампања”, најмалку 45 дена пред денот определен за изборите. Според став 2 кога организатор на изборната кампања е група избирачи потписник на жиро-сметката е овластениот претставник на подносителот на листата. Во став 3 е предвидено дека на жиро-сметката организаторот на изборната кампања ќе ги депонира сите средства добиени од правни или физички лица за финансирање на изборната кампања, а според став 4 сите трошоци на кампањата ќе се покријат исклучиво од средствата на жиро сметката. Според став 5 евидентирањето на приходите се искажува по вид, висина и извор, а согласно став 6 организаторите на изборната кампања се должни да ја затворат жиро сметката најдоцна во рок од три месеци од денот на завршувањето на изборите.
4. Според член 22 став 1 и 2 од Уставот секој граѓанин со наполнети 18 години живот се стекнува со избирачко право, кое е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Согласно член 62 став 5 од Уставот начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
5. Разгледувајќи ја оспорената одредба од член 55 од Законот Судот утврди дека со неа се уредуваат правилата на однесување во поглед на финансирањето на изборите односно изборната кампања како услов на спорведувањето на изборите како организиран процес. Отворањето на жиро-сметка за финансирање на изборната кампања и нејзината контрола, според мислењето на Судот, во крајна линија е услов за организирање фер избори кој се однесува на секој учесник подеднакво.
Во согласност со изнесеното, Судот смета дека оспорената одредба не го доведува во прашање остварувањето на принципот на еднаквост односно еднаквоста на избирачкото право, туку претставува норма со која се утврдува начин и постапка за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија во склад со член 62 став 5 од Уставот. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 55 од Законот со Уставот.
За прашањето дали член 55 од Законот е во спротивност со други одредби од истиот закон, како и за тоа дали неговата различна примена од страна на надлежните органи доведува до нееднаквост помеѓу учесниците во изборите, Судот, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува. Според оваа уставна одредба Судот, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.
6. Имајќи предвид дека Судот одлучи да не поведе постапка за оценување уставноста на оспорената одредба од Законот, разгледувањето на барањето за запирање на извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на таа одредба до донесување конечна одлука, е безпредметно.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.170/98)