Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 септември 1998 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Нешевски Зоран од Скопје за заштита на правата од работен однос од дискриминација по основ на социјална припадност.
2. Нешевски Зоран од Скопје, ул. “Дете Татуличе” бр.8-а, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија или поконкретно за заштита од дискриминација што се вршела во однос на него при засновање на работен однос. Според наводите во барањето подноситгелот бил дискриминиран на тој начин што пред склучувањето на вториот договор за работа на определено време од страна на одделни службени лица во Министерството за одбрана бил уценуван да изврши влијание врз неговата сестра да истата ги повлече тужбите што ги имала поднесено против тоа Министерство и истите биле причина за да именованиот досега не биде примен на работа на неопределено време во Министерството за одбрана како и да не биде избран за помлад асистент по физика на Воената Академија во Скопје, иако ги исполнувал условите за тоа.
Имено, подносителот на барањето наведува дека во Министерството за одбрана засновал работен однос на определено време од шест месеци со договор за работа 14-6/153 од 14.05.1997 година како физичар во отсекот за физикохемиски испитувања на Заводот за превентивна медицина при Центарот за воено-здравствените установи – Скопје. По истекот на времето за кое бил вработен бил уценуван дека договорот за работа нема да му биде продолжен доколку неговата сестра не ги повлече тужбите против Министерството за одбрана.
Понатаму наведува дека по повлекувањето на тужбите од страна на неговата сестра договорот му бил продолжен за наредните шест месеци односно бил склучен нов договор за работа под бр.14-6/485 од 8.12.1997 година што било спротивно на Законот за работни односи.
Според подносителот, со наведениот акт (договорот за работа) како и со дејствијата на Министерството за одбрана биле прекршени најмалку десетина членови од Кривичниот законик, но и повеќе членови од Уставот меѓу кои и членовите 9 и 32.
Друг акт, односно дејствие со кои исто така му било повредено правото на работа поради дискриминација извршена од горенаведените причини подносителот го наведува и известувањето што го добил од Воената Академија од Скопје, а со кое бил известен дека по конкурсот за избор на помлад асистент по физика од 24.07.1997 година Воената академија одлучила да не изврши избор на помлад асистент по наведениот предмет. На приговорот што го поднел против таквото известување добил, одговор со образложение – доколку има потреба ќе се распише нов конкурс.
Со оглед дека единствени причини за таквиот негов третман од страна на Министерството за одбрана, па и од Воената Академија – Скопје биле споровите што неговата сестра ги водела со Министерството за одбрана и што неговите родители припаѓале на онаа категорија на граѓани кои што се одлучиле да имаат повеќе од едно дете, подносителот смета дека е дискриминиран и дека согласно член 110 став 3 од Уставот на Република Македонија постои основ Судот да поведе постапка за заштита на неговите слободи и права од дискриминација.
3. Врз основа на наводите во барањето на подносителот, од приложените докази кон барањето, како и наводите содржани во одговорот на Министерството за одбрана, Судот ја утврди следната фактичка состојба:
Подносителот на барањето прв пат засновал работен однос во Министерството за одбрана – Центар за воено здравствени установи (ЦВЗУ-Скопје) со договор за работа бр.14-6/153 од 14.05.1997 година по оглас за определено време во период од 15.05.1997 до 14.11.1997 година.
Со договор за работа бр.14-6/495 од 8.12.1997 година именованиот повторно засновал работен однос на определено време од 6 месеци по оглас за време од 9.12.1997 до 8.06.1998 година.
И покрај тоа што именованиот на двапати засновал работен однос на определено време, на ден 24.12.1997 година се обратил до Министерството за одбрана со барање да биде примен во работен однос на неопределено време, како и за датум на второто вработување да се смета 17.11.1997 година, а не 9.12.1997 година, како не би имал прекин во работата. Во врска со ова барање, на именованиот му било одговорено негативно и тоа во смисла дека не постои правна можност неговиот работен однос на определено време директно да се трансформира во работен однос на неопределено време вон условите и постапката за засновање на работен однос предивени со закон и акт на работодавецот.
Заради засновање на работен однос на неопределено време, именованиот завел и работен спор, меѓутоа со пресуда П.бр.270/98 од 6.03.1998 година на Основниот суд Скопје И тужбата му била одбиена како неоснована, а против оваа пресуда именованиот вложил жалба, по која постапката се уште не била завршена.
Во меѓувреме меѓу именованиот и Министерството за одбрана е склучен и трет договор за работа.
Во однос на наводите во барањето дека пред продолжувањето на првиот договор за работа именованиот бил уценуван дека нема да биде примен на работа доколку неговата сестра, која исто така била вработена во Министерството за одбрана, не ги повлече тужбите што ги имала поднесено против тоа Министерство, утврдено е дека на именованиот само му било обрнато внимание за перманентно некоректното однесување на неговата сестра, на која на неколку наврати поради кршење на работната дисциплина и биле изрекувани и дисциплински мерки, меѓутоа тој факт немал влијание врз одлуката за неговиот повторен прием на работа на определено работно време по вториот оглас, по кој што оглас именованиот фактички и е примен на работа.
Судот, исто така, утврди дека именованиот се пријавил на огласот објавен во весникот “Нова Македонија” на ден 24.07.1997 година од страна на Воената Академија во Скопје за избор на помлад асистент по физика, меѓутоа, по спроведената постапка, а во смисла на член 162 од Законот за насочено образование и член 4 од Законот за Воената академија, Наставно-научниот совет на седницата одржана на 20.01.1998 година одлучил од пријавените кандидати да не изврши избор на помлад асистент по наведениот предмет за што подносителот е известен со акт на Воената Академија бр.03-90/1 од 4.02.1998 година, против кое известување вложил приговор. Со актот на Воената академија бр.03-95/2 од 16.02.1998 година одговорено му е по приговорот и воедно е известен дека доколку постои потреба од соработник во звање помлад асистент по предметот физика ќе се донесе одлука за распишување нов конкурс.
4. Според член 9 од Уставот граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработувањето како и тоа дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштитата на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Начинот и постапката на засновање на работен однос се уредени во Законот за работни односи, а за во органите на државната управа некои од овие прашања се уредени и во Законот за органите на управата, како леџ специалис. При тоа, според член 22 од Законот за работни односи работниот однос се заснова на време чие траење не е однапред определено (работен однос на неопределено време, а додека според член 23 работен однос може да се заснова и за време чие траење е однапред определено (работен однос на определено време) и тоа особено за: сезонски работи, најдолго девет месеци во текот на една календарска година; зголемен обем на работа, најдолго шест месеци во текот на една календарска година; замена на отсутен работник, додека трае отсуството на работа и работа на определн проект, до завршувањето на проектот.
Понатаму, според член 7 став 1 од истиот закон работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој и друг закон и посебните услови утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот, а додека според член 9-а, во јавна установа, јавно претпријатие и друго правно лице што врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на општината, односно на град Скопје потреба од работник се обезбедува со објавување на јавен оглас во дневен печат, а според член 9-в избор од пријавените или упатените кандидати врши работодавецот, органот или работникот што тој ќе го определи.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека со Уставот, на сите граѓани на Република Македонија им се гарантира еднаквост пред Уставот и законите, како и еднаквост во поглед на слободите и правата без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба, а додека остварувањето на уставното начело на еднаквост на граѓаните во сферата на трудот или поконкретно во поглед на уставно гарантираното право на работа се реализира на начин и постапка утврдени со закон.
Имајќи го во предвид напред наведеното, како и утврдената фактичка состојба по предметот произлегува дека во конкретниот случај се работи за поединечни акти донесени во постапка за засновање на работен однос од чија содржина не може да се утврди дека со нив е повредено уставното начело на еднаквост на граѓаните односно уставната забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот бидејќи во овие акти нивните доносители не наведуваат ниеден од овие основи како причини поради кои соодветно е одлучено по барањата односно приговороите на подносителот на барањето.
Од друга страна, самиот факт што подносителот на барањето е примен во работен однос на определено време во Министерството за одбрана е контрадикторен со наводите во барањето дека кон него ова министерство имало дискриминаторски однос затоа што, според мислењето на Судот, ваквиот однос можел да резултира со негово непримање на работа, а не обратно, поради што во случајот и неможе да се констатира дека се работи за повреда на правото на работа на подносителот поради дискриминација бидејќи тој ова право фактички и го остварил.
Што се однесува пак, до наводите во барањето дека именованиот работниот однос на определено време меѓу другото го засновал и спротивно на одредбите на Законот за работни односи Судот оценил дека испитувањето на овие наводи излегува вон рамките на неговите надлежности, со оглед дека истите не се во функција на заштитата на правото на работа од аспект на дискриминаторскиот однос на Министерството за одбрана, но се од значење за заштита на ова право од аспект на правилната примена на Законот за работни односи, а за која заштита пак се надлежни да одлучуваат други судски органи, во друга постапка, до кои впрочем подносителот на ова барање веќе се има и обратено.
Во врска со наводите во барањето според кои подносителот пред склучување на вториот договор за работа, бил дискриминиран на тој начин што во разговор со одделни службени лица во Министерството за одбрана бил уценуван со повлекување на тужбите од страна на неговата сестра, која ги имала поднесено против тоа министерство, Судот оцени дека овие наводи не се ирелевантни за одлучување по барањето на именованиот за заштита на неговите права од дискриминација со оглед дека повод за разговорите било однесувањето на неговата сестра, а не и некои од основите (на пример верската, националната, социјалната или политичката припадност на подносителот или на неговата сестра), утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, според кои е забранета дискриминацијата на граѓаните, а чија заштита е во надлежност на Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.108/98)