Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот и член 71 став 1 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 септември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 4 став 2 и на член 29 ставовите 2 и 3 од Правилникот за мерење и увид на згради, делови од згради и помошни објекти, донесен од Директорот на Републичката геодетска управа на 26 јуни 1987 година и на 7 јуни 1995 година (“Службен весник на СРМ” бр.29/87 и “Службен весник на РМ” бр.30/95).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување согласноста на одредбите од Правилникот означени во точката 1 од ова решение со одредбите од Решението за југословенските стандарди од областа на градежништвото, донесено од Директорот на Југословенскиот завод за стандардизација на 7 јануари 1966 година (Службен лист на СФРЈ” бр.3/66).
3. Зоран Ангелов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Правилникот означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се пропишувал понеповолен начин на мерење на површините на становите така што нивните станови се прикажувале со поголема површина и на нив се плаќале поголеми давачки отколку порано, со што се повредувала сопственоста на граѓаните, поради што тие одредби од Правилникот не биле во согласност со член 30 од Уставот и со решението означено во точката 2 од ова решение.
4. На седницата Судот утврди дека членот 4 став 1 од Правилникот дефинира што се подразбира под стан како дел од зграда (тоа е: градежна целина наменета за живеење и составена од една или повеќе соби и помошни простории – кујна, остава, претсобје …), а оспорениот член 4 став 2 од Правилникот дефинира што претставува површина на станот и таа одредба определува дека површината на станот ја сочинуваат збирот на површините на сите соби и помошни простории во состав на станот. Понатаму, Судот утврди дека оспорениот член 29 ставовите 2 и 3 од Правилникот се однесува на тоа како се утврдува (мери) површината на станот, при што се определува дека вкупната површина на станот се добива со збир на површините на просториите и дека со истата постапка се добиваат и површините на помошните простории.
Исто така, Судот утврди дека Правилникот е донесен врз основа на член 36 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на СРМ” бр.27/86 и 17/91). Освен тоа, Судот утврди дека податоците за недвижностите служат за стопански, научни, управни, статистички, даночни и урбанистички потреби, заштита на правата над недвижностите, изготвување на посебни евиденции за недвижностите и за други потреби на државните и други органи, претпријатијата, другите правни лица и на граѓаните – член 4 од Законот.
5. Во член 36 од Законот за премер, катастер и запишување на правата на недвижностите (“Службен весник на СРМ” бр.27/86 и 17/91) е пропишано овластување за Директорот на Републичката Геодетска управа поблиску да ја уреди материјата за начинот на вршење на мерењето на недвижностите.
Оттука, произлегува дека Правилникот има законска основа, при што Судот оцени дека со таквиот начин на мерење на недвижностите не се доведува во прашање недвижноста на граѓаните, ниту во однос на самата недвижност, ниту во врска со давачките за недвижноста, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Што се однесува, пак, до наводот во иницијативата за несогласноста на оспорените одредби од Правилникот со решението наведено во точката 2 од ова решение, Судот утврди дека, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува за согласноста на подзаконски пропис спрема друг подзаконски пропис, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.131/98)