Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 13 од Општите услови за испорака на топлинска енергија (“Службен весник на СРМ” бр.47/89).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од АГД “Илинден” од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 13 од Општите услови за испорака на топлинска енергија, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.
4. На седницата Судот утврди дека според член 13 од Општите услови за испорака на топлинска енергија решението за енергетска согласност ја содржи и висината на надоместокот на трошоците што му се предизвикани на испорачателот на топлинска енергија, а со приклучувањето на трајни тела на новите потрошувачи, односно со зголемувањето на приклучната моќност на постојните потрошувачи, а во согласност со Законот и со самоуправните општи акти на Собранието на самоуправната интересна заедница за енергетика на Македонија и на испорачателот што ја регулираат оваа материја.
Плаќањето на овој надоместок е основ за склучување на поединечните договори меѓу АД “Топлификација” Скопје и правните и физичките лица за добивање топлински приклучок односно за давање на енергетска согласност.
5. Според член 2 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/87, 42/88, 13/93, 15/93) во дејности од областа на енергетиката спаѓа и производството, пренесувањето и дистрибуцијата на топлинска енергија. Според натамошните одредби од Законот постојат испорачатели и корисници на енергија. Според член 29 од Законот испорачателот на енергија е должен да го приклучи корисникот на енергетскиот систем ако му е издадена енергетска согласност. Според член 40 од истиот закон секој нов корисник на енергија што се приклучува на енергетски систем, постојниот корисник што врши реконструкција на енергетски систем, на енергетски објекти, уреди и инсталации или ја зголеми потрошувачката на енергија, освен домаќинствата, е должен да прибави енергетска согласност од испорачателот на соодветниот вид енергија.
Согласно член 26 од Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97 кој влезе во сила на 27 септември 1997 година) производителите и испорачателите на енергија се должни на корисниците да им обезбедат енергија во согласност со енергетскиот биланс, меѓусебните договори и општите услови за соодветниот вид енергија, а согласно член 27, пак, од Законот испорачателот е должен да обезбеди непречено функционирање на енергетскиот систем до мерното место на кое се мери енергијата. Според член 41 од Законот секое правно и физичко лице и граѓанин кој се приклучува на енергетскиот систем е должен да прибави енергетска согласност од испорачателот на соодветниот вид енергија. Енергетската согласност е должен да ја прибави и корисник на енергија кој ја зголемува потрошувачката на енергија и ангажираната моќност за повеќе од 10% од утврдените со енергетската согласност. Енергетската согласност од став 1 на овој член се издава по претходно издадено решение за услови за градба и заверен проект за градба од надлежното министерство за работите на урбанизмот и градежништво.
Според член 42 став 1 од Законот, испорачателот на енергија е должен во рок од 15 дена од поднесување на барањето за енергетска согласност да издаде решение за енеретска согласност согласно со техничките, енергетските и економските услови.
Во член 72 став 1 од Законот, одлуките за општите услови за испорака на соодветниот вид енергија од член 37 на овој закон ќе се донесат во рок од 9 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Од изнесените законски одредби, како оние кои важеле во време на донесување на оспорените акти, така и во новите одредби од Законот за енеретика произлегува дека секој корисник на енергија кој сака да се приклучи на енергетскиот систем мора претходно да добие енергетска согласност не е условено со плаќање на одреден надоместок, туку испорачателот на енергија е должен во рок од 15 дена по поднесувањето на барањето да издаде таква согласност ако објектите кои треба да бидат приклучени ги исполнуваат условите утврдени со прописите за техничките нормативи за соодветниот вид енергија.
Со оглед на тоа што во цитираните одредби од Законот не е предвидено енергетската согласност да се издава по претходно обезбедени средства од корисникот, Судот оцени дека член 13 од Општите услови за испорака на топлинска енергија не е во согласност со означените законски одредби.
Исто така, со оглед на тоа што прибирањето на средства за издавање на енергетска согласност, всушност претставува здружување на средства за проширување на материјалната основа на АД “Топлификација”, а во Уставот на Република Македонија не е предвидена можност за вакво здружување на средства за стопанските субјекти, Судот оцени дека од овој аспект член 13 од Општите услови за испорака на топлинска енергија не е во согласност и со Уставот на Република Македонија.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.57/98)