210/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 јули 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Автентичното толкување на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, донесено од Собранието на Република Македонија на седницата од 17 септември 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/97).

2. Сојузот на пензионерите на Македонија – Републички одбор, Скопје, Никола Стојанов од Скопје и Светозар Георгиевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на Автентичното толкување означено во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативите со Автентичното толкување на членот 37 од Законот на посреден начин биле вратени во правниот поредок член 6 од Законот за исплата на плати и пензии и член 27 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување кои со Одлука У.бр.15/94 од 7 декември 1994 година и со Одлука У.бр.128/95 од 5 јуни 1995 година Уставниот суд ги укина односно поништи, така што и понатаму пензиската основица била намалена за 8% за период од 4 години и им било дадено повратно дејство на законите, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според Автентичното толкување на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, при толкувањето на овој член влијание има и членот 6 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93), кој бил во важност при утврдувањето на правото на исплата на пензиите за месец декември 1993 година и процентот на усогласување на пензиите во 1994 година.

Исто така, според Автентичното толкување во член 6 од Законот било утврдено дека пензиите за месец декември 1993 година се исплатувале во висина 92% од правото на исплата утврдено за тој месец, а исплатата на пензиите за месец јануари 1994 година и натаму се усогласува со стапката на пораст на трошоците на живот во тековниот месец во однос на претходниот месец намалена за 2,5 процентни поени и 50% од разликата меѓу стварниот и планираниот пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец.

Правото од став 1 на овој член се утврдува во висина на исплатената пензија за месец ноември 1993 година и усогласена со порастот на платите за месец ноември во однос на месец октомври 1993 година. Доколку пензијата на одделен пензионер е повисока од две просечни пензии, усогласувањето на таквите пензии во тековникот месец ќе се врши со 70% од правото утврдено во ставот 2 на овој член.

Заради примената на ставовите 1, 2, 3 и 4 од овој член пензиите остварени од 1 јануари претходно се пресметуваат на месечно ниво според достигнатото ниво на усогласеноста на пензиите во месец декември предходната година во однос на целата година.

Од наведените законски одредби произлегува дека усогласувањето на пензиите има за цел да го следи движењето на платите остварени во Републиката под услови и рокови предвидени во овие закони, што значело дека, пензиите се усогласуваат врз основа на остварената пензија во тој период додека важел прописот со кој е извршено ограничувањето на усогласувањето, а не според правото на зголемување на пензијата кое не било остварено заради Законот кој го ограничил нивото на усогласувањето.

Оттука членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување треба да се толкува така што во случај на ограничување на платите, порастот на пензиите ќе биде лимитиран со порастот на платите.

Судот, исто така утврди дека со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.15/94 од 7 декември 1994 година (“Службен весник на РМ” бр.69/94 од 30 декември 1994 година) е укинат член 6 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија.

3. Согласно член 8 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во претходната постапка и на седницата Судот утврди дека според член 37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/97), усогласувањето на старосната пензија се врши од 1 јануари и од 1 јули во тековната година според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката и тоа:

– од 1 јануари според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката остварена за декември претходната година во однос на просечната плата во нестопанството остварена во јуни истата година и

– од 1 јули според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството на Републиката остварена за јуни тековната година во однос на просечната плата во нестопанството, остварена во декември претходната година.

Усогласувањето од став 1 на овој член се врши почнувајќи од исплатата на пензиите за јануари, односно јули тековната година.

Усогласувањето на старосната пензија се врши и во роковите пократки од времето предвидено во став 1 на овој член доколку растот, односно падот на платите биде поголем од 5% за еден или повеќе месеци во однос на месецот за кој е извршено последното усогласување.

Усогласената пензија од став 3 на овој член припаѓа од првиот ден во месецот за кој е утврден порастот на платите во јануари таа година во однос на целата претходна година, земајќи го предвид и влијанието на усогласувањето на пензиите предизвикани со друг закон.

Тргнувајќи од содржината на оспореното Автентично толкување според мислењето на Судот тоа не создава нови односи во врска со усогласувањето на пензиите, односно не излегува од рамките за правото на усогласување на пензиите утврдено со член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Ова од причини што Автентичното толкување само го појаснува значењето на дел од одредбата на овој член “влијанието на усогласувањето на пензиите предизвикани со друг закон” односно влијанието на членот 6 од Законот за исплата на плати и пензии за време на важењето, до неговото отстранување од правниот поредок на Републиката, како правна ситуација настаната додека бил во сила, а не дека со Автентичното толкувње се враќа во правниот поредок укинатиот член 6 од означениот закон. Според тоа оспореното автентично толкување не го доведува во прашање уставниот принцип за владеење на правото, уставнот принцип за правото на социјално осигурување и социјалната сигурност на граѓаните и за согласноста на законите и другите прописи со Уставот и законите.

Исто така, според мислењето на Судот, од истите причини, со Автенитичното толкување не им е дадено повратно дејство на законите, односно на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за исплата на плати и пензии, поради што не може да се постави прашањето за неговата уставност и од овој аспект.

Во поглед на прашањето за примената на Автентичното толкување и последиците од примената на толкувањето, Судот смета дека не се во надлежност на Уставниот суд.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.210/97)