Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 јули 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на надоместок за користење на градежно земјиште на подрачјето на граничниот премин “Деве Баир” во Општина Крива Паланка за 1997 година, бр.08-132/7 од 12 март 1997 година, донесена од Советот на Општина Крива Паланка.
2. Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија – Скопје, на Уставниот суд на Репубвлика Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Одлуката означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорените одредби, според кои наплатата на надоместокот за користење на градежно земјиште е определено да ја врши Управата за јавни приходи во Крива Паланка согласно одредбите на Законот за персоналниот данок од доход, при што жалбата не го одлагала извршувањето на решението, доносителот на Одлуката излегол надвор од рамките на законските овластувања кои му биле дадени со одредбата од член 44 од Законот за градежното земјиште, затоа што со наведената одредба не му било дадено овластување да ја уредува постапката за наплата на надоместокот за користење на градежното земјиште, а пак определбата изјавената жалба да не го одлага извршувањето на решението не била во согласност со член 15 од Уставот кој го гарантира правото на жалба, па доколку имало потреба од определбата изјавената жалба да не го одлага извршувањето, тоа можело да се пропише единствено со процесен закон.
3. Судот на седницата утврди дека Одлуката чии одредби се оспоруваат се однесува за 1997 година и со протекот на времето за кое е донесена таа не претставува дел од правниот поредок.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите, што значи дека одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок на Републиката.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што Одлуката за утврдување надоместок за користење на градежно земјиште на подрачјето на градежниот премин “Деве Баир” во Општина Крива Паланка за 1997 година е од временско значење односно по истекот на годината за која е донесена не е во правниот поредок, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.27/98)