Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 јули 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје за 1997 година (“Службен гласник на Град Скопје” бр.2/98).
2. Филип Поповски и Игор Папеш од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Програмата означена во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената програма уредувала односи за 1997 година, а била донесена на 22 јануари 1998 година, поради што содржела повратно дејство кое не било поповолно за граѓаните што не било во согласност со член 52 став 4 од Уставот. Покрај тоа, Програмата не била донесена врз основа на програмите за уредување на градежното земјиште на општините Центар, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Гази Баба, Шуто Оризари и Ѓорче Петров, што не било во согласност со член 6 точка 3 од Законот за Градот Скопје, ниту пак, за нејзиното донесување Градот Скопје имал добиено претходна согласност од републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот, во делот на неговата надлежност, што не било во согласност со член 39 став 2 од Законот за градежно земјиште.
Понатаму, во Глава ИИИ точка 7 и Глава ВИИ од Програмата се уредувале прашања за привремено користење на неизградено градежно земјиште и за користење на средствата од таквиот надомест, што не било во согласност со член 26 и член 27 алинеја 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
3. Судот на седницата утврди дека Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје за 1997 година, ја донел Советот на Град Скопје на седницата одржана на 22 јануари 1998 година, врз основа на член 6 точ. 3, 4 и 5 од Законот за Градот Скопје, член 39 од Законот за градежно земјиште, членовите 5 и 13 од Законот за комунални дејности и член 3 од Одлуката за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје, а врз основа на програмите за уредување на градежно земјиште на општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир.
Со Програмата се уредуваат прашањата за: подрачјето со поблиско определување на земујиштето што се уредува; обемот на уредување и степенот на опремување на земјиштето со комунални објекти и инсталации; изворите на средства за финансирање на активностите околу уредувањето на градежното земјиште; трошоците за уредување на градежното земјиште; начинот на здружувањето и насочувањето на средствата за уредување на градежното земјиште; начин на наплата на надоместокот за уредување на градежното земјиште; утврдување на надоместокот за привремено користење на неизградено градежно земјиште; намена и насочување на средствата; граници на комплекси и зони за наплата на надоместок за доделување, надоместок за уредување и надоместок за привремено користење на градежно неизградено земјиште, и динамика и мерки за извршување на работите за уредување на градежното земјиште, расчистување и изградба на објекти од инфраструктура.
Во преодните и завршни одредби на Програмата, покрај обврската за нејзино спроведување од страна на градоначалникот на Град Скопје, е уредено дека Програмата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Град Скопје”, а ќе се применува до крајот на годината.
Исто така, Судот утврди дека е донесена нова програма за уредување на градежното земјиште. Имено, Советот на Град Скопје на 29 април 1998 година донел Програма за уредување на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје за 1998 година. Со оваа програма се уредуваат прашањата за уредувањето на градежното земјиште што како обврска и овластување произлегуваат од членовите 39 и 40 од Законот за градежно земјиште. Во оваа програма се поместени и програмираните а нереализирани активности од оспорената програма. Во преодните и завршните одредби е уредено дека Програмата ќе се применува до крајот на 1998 година. Притоа, во Програмата за 1998 година, за разлика од оспорената програма, најголемиот број на програмирани активности се прикажани по општините во Град Скопје и се изоставени, односно не ги уредува прашањата за привремено користење на неизградено градежно земјиште и за користење на средствата од таквиот надомест, што беше една од основните причини за оспорување на Програмата од подносителите на иницијативата.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Според член 47 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја запре постапката, ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето, а според член 70 алинеја 6 од Деловникот, Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата и тоа за утврдување на неуставност на закон, односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако се исполнети условите за нивно поништување.
Тргнувајќи од наведените одредби, а имајќи предвид дека оспорената програма имала временски ограничена важност и дека е донесена Програма за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје за 1998 година, која е во примена, според мислењето на Судот, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што истата ја отфрли. При определбата за таквото гледиште се имаше предвид карактерот и содржината како на оспорената така и на другите програми за уредување на градежното земјиште, како прописи со временско ограничена важност за периодот за кој се донесуваат (година), дека несвршените планирани активности во програмата од претходната година се поместуваат во програмата од тековната година. Според тоа, оспорената програма, не навлегувајќи во прашањата за нејзиното задоцнето донесување и евентуална повреда на постапката при нејзиното донеување, Судот оцени дека не е повеќе во правниот промет и како таква не може да биде предмет на уставно-судска заштита, односно постојат процесни пречки за постапување по иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.34/98)