54/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 јули 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 192 од Законот за извршната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/97)

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето, до донесување на конечна одлука да се запрат од извршување поединечните акти и дејства донесени, односно преземени врз основа на оспорената одредба од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Светозар Георгиевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 192 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што не содржел објективни критериуми според кои ќе се утврдуваат околностите кога нема да се дозволи извршување на паричните средства на сметка на Републиката и единиците на локалната самоуправа кај носителот на платниот промет, односно кога овие средства се неопходни за вршење на нивните основни задачи, поради што бил несогласен со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според ставот 1 и ставот 2 на членот 192 од Законот, извршувањето на парични средства на сметка на Република Македонија и единиците на локалната самоуправа кај носителот на платен промет, како и врз денарска вредност на девизните средства што тие ги имаат на девизната сметка кај банката, не може да се дозволи доколку тие средства се неопходни за вршење на основните задачи на Република Македонија и на единиците на локалната самоуправа и дека овие одредби се применуваат и врз органите на Република Македонија.

Според ставот 3 на овој член од Законот, судот, по потреба, пред донесувањето на решение по предлог за извршување ќе ги сослуша странките за околностите од кои зависи примената на ставовите 1 и 2 на овој член.

5. Оспорениот член 192 од Законот за извршната постапка спаѓа во главата четиринаестта која содржи посебни одредби за извршување врз имотот на правни лица заради наплата на парично побарување.

Притоа, во оваа глава е предвидено изземање и ограничување на правото на извршување врз предмети надвор од правниот промет како рудното благо и други природни богатства. Исто така, предмет на извршување не можат да бидат објекти, вооружување и опрема наменети за одбрана, државна и јавна безбедност и за извршување на санкциите.

Оспорениот член 192 од Законот, посебно ги уредува прашањата во врска со обемот на извршувањето врз средствата на Република Македонија и на нејзините органи и единиците на локалната самоуправа.

Како што се гледа од содржината на овој член од Законот, тој во начело го предвидува и одобрува извршувањето врз паричните средства на Република Македонија и на нејзините органи и единиците на локалната самоуправа, што се наоѓаат кај носителот на платен промет.

Меѓутоа, ваквото извршување врз паричните средства на сметка на Републиката што се наоѓаат кај носителот на платен промет (НБМ, Завод за платен промет и Претпријатие за ПТТ), Законот не го дозволува во случај кога средствата што треба да бидат предмет на извршување се неопходни за вршење на основните задачи на Републиката, со што би дошло до нарушување на буџетот на Републиката што се одразува на одбрана на земјата, на обезбедување на социјална заштита, здравствена заштита, обезбедување на школството односно извршување на обврските на Републиката според меѓународните договори, отплата на меѓународните кредити, исполнување на обврските кон дипломатските претставништва и сл.

За таа цел, ставот 3 на овој член од Законот, предвидува судот, по потреба, пред донесувањето на решението по предлогот за извршување, да ги сослуша странките за околностите од кои зависи примената на ставовите 1 и 2 на овој член од Законот.

Тоа, според оценката на Судот, значи дека судот не секогаш, туку по потреба има, еден вид, дискреционо право да цени дали постои опасност, со извршувањето на паричните средства на Републиката што се кај носителот на платниот промет, ќе се оневозможи вршењето на нејзините основни задачи, што го оценува првенствено преку сослушување на станките за околностите кои можат да доведат до оневозможување на вршењето на овие задачи, а едновремено добива и стручно мислење од вешто лице од соодветната област, па дури потоа пристапува кон извршувањето на паричните средства што се на сметка на Републиката кај носителот на платниот промет.

Во спротивно, доколку Судот оцени дека околностите во конкретниот случај се такви што можат да ја доведат Републиката во ситуација да не располага со неопходни средства за вршење на основните задачи, нема да донесе решение по предлогот за извршување.

Меѓутоа, во таквите случаи, постои законска можност извршувањето да биде одложено за одреден период, а Заводот за платен промет дури може да го запре извршувањето врз основа на изјава на доверителот, дадена пред Судот, со која се откажува од наплатувањето на долгот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Законот за извршната постапка, при предвидувањето на условите и случаите кога се врши извршување врз парични средства на сметката на должникот кај носителот на платниот промет, во одредбата од член 192 предвидел, еден вид, заштитна клаузула во смисла што извршувањето на парични средства на сметка на Републиката што се наоѓаат кај носителот на платен промет не може да се дозволи доколку тие средства се неопходни за вршење на нејзините основни задачи, со што на одреден начин, ги штити постоењето и функционирањето на државата, нејзините органи и единиците на локалната самоуправа.

Што се однесува, пак, до наводот во иницијативата дека со ваквата клаузула се повредува сопственоста, која е загарантирана со Уставот, Судот оцени дека истите не стојат од причина што во наведените случаи, кога судот ќе заклучи дека со извршувањето на паричните средства на сметка на Републиката кај носителот на платен промет, ќе се задре во нејзините неопходни средства за вршење на основните задачи, не врши отпишување на долгот на Републиката, туку извршувањето врз паричните средства го одлага за одреден период (додека износот на сметката не се зголеми).

6. Во врска со барањето, до донесување на конечна одлука, Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејства донесени односно преземени врз основа на оспорениот член од Законот, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на ваква мерка.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.54/98)