Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 1 јули 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ Буџетот на Општината Штип за 1998 година донесен од Советот на Општината Штип на 25 декември 1998 година и член 1 став 2 алинеја 2, член 8 и член 18 став 1 точка 6 од Одлуката за платите и другите надоместоци на избраните и именуваните лица во органите на Општината Штип, донесена од Комисијата за мандатни прашања, именувања и разрешувања на Советот на Општината Штип (“Службен гласник на Општина Штип” бр.4/97 и 9/97).
2. Оваа Одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Владата на Република Македонија, со решение У.бр.62/98 од 10 јуни 1998 година поведе постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи пред Судот се постви прашањето за нивната согласност со членовите 37 и 46 став 1 од Законот за локалната самоуправа, како и со член 17-а од Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека со писмо бр.08-1040/1 од 12.12.1997 година Градоначалникот на Општината Штип го доставил Буџетот на Општината Штип за 1998 година до Министерството за финансии по кој побарал согласност согласно член 20 од Законот за буџетите. Проучувајќи го доставениот Предлог-буџет констатирано било дека не е постапено ни по едно од непосредните укажувања, односно Предлог-буџетот се третирал како неусогласен и за истиот не се издала бараната согласност. Така, неусогласениот буџет, Советот на Општината Штип го донесол на седницата одржана на 25.12.1997 година. Потоа, согласно член 69 од Законот за локалната самоуправа Владата поднесе иницијатива за оценување на законитоста на Буџетот на Општината Штип за 1998 година и Одлуката за платите и другите надоместоци на избраните и именуваните лица од органите на Општината Штип по претходно донесено решение за запирање од извршување на Буџетот на Општина Штип за 1998 година и Одлуката за платите и другите надоместоци на избраните и именуваните лица од органите на Општината Штип.
Судот, исто така, утврди дека според член 1 став 1 од Одлуката, лицата избрани и именувани од органите на Општината Штип имаат право на плата во месечен износ. Според ставот 2 алинеја 2 на овој член право на плата има претседавачот на Советот на Општината Штип. Членот 8 на Одлуката определува дека коефициентот за утврдување плата на претседавачот на Советот на Општина Штип изнесува 4.20. Според член 18 став 1 точка 6 од Одлуката, за функцијата одредена во член 7 (градоначалникот), се одредува функционерски додаток во износ од 8.490 денари месечно.
5. Согласно член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Устав и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.
Според член 20 од Законот за буџетите, буџетите на единиците на локалната самоуправа и буџетите на фондовите пред донесувањето се усогласуваат со Министерството за финансии. Министерот за финансии ставовите и предлозите на Министерството за финансии ги прилага кон буџетите. Надлежните органи на единиците на локалната самоуправа и на фондовите кои ги усвојуваат буџетите од ставовите 1 и 2 на овој член, се должни ставовите и предлозите на Министерството за финансии задолжително да ги земаат предвид.
Согласно член 17 став 1 точка 2 од Законот за локалната самоуправа, единиците на локалната самоуправа самостојно донесуваат буџет и завршна сметка.
Членот 68 од овој Закон определува дека надзорот над законитоста на работата на органите на единиците на локалната самоуправа го вршат Владата на Република Македонија и надлежните министерства.
Според член 69 од овој Закон, во случаите во кои е можно да настане ненадоместлива штета, Владата на Република Македонија ќе го запре извршувањето на општиот акт донесен во работите од изворната надлежност на единицата на локалната самоуправа (член 17) или акт донесен заедно со надлежен орган на државната управа ако смета дека не е во согласност со Уставот и законот и ќе покрене постапка пред Уставниот суд на Република Македонија за оцена на уставноста и законитоста на истиот. Ако Владата на Република Македонија, во случаите од став 1 на овој член нема да покрене постапка пред Уставниот суд на Република Македонија во рок од 15 дена од денот на запирањето на извршувањето на општиот акт, запрениот акт станува извршен.
Од изнесените уставни и законски одредби недвосмислено произлегува дека општините се финансираат од разни сопствени извори на приходи и од дополнителни приходи од Буџетот на Републиката како и од заеми од Буџетот за покривање на буџетскиот дефицит.
Понатаму, според Уставот и според законските одредби Републиката односно Владата како носител на извршната власт врши надзор врз законитоста на работата на единиците на локалната самоуправа.
Во конкретниот случај, градоначалникот на Општината Штип го доставил Буџетот на Општина Штип за 1998 година до Министерството за финансии на усогласување, меѓутоа при неговото донесување не се земени предвид ставовите и мислењата на Министерството за финансии, иако согласно членот 20 од Законот за буџетите Советот на Општината Штип бил должен ставовите и предлозите на Министерството задолжително да ги земе предвид при усвојувањето на Буџетот.
Поради тоа, Владата вршејќи ја функцијата на надзор врз законитоста на работата на единиците на локалната самоуправа интервенирала со решение за запирање на извршувањето на Буџетот согласно своето уставно и законско овластување, иако станува збор за акт кој согласно член 17 од Законот за локалната самоуправа општината го донесува самостојно.
Со оглед на тоа што Буџетот на Општината Штип за 1998 година бил донесен без да се имаат предвид ставовите и предлозите на Министерството за финансии, Судот оцени дека со тоа е повредена постапката за неговото донесување.
6. Според член 37 од Законот за локалната самоуправа, членовите на советот имаат право на надоместок на патните и дневните трошоци во со закон утврдени рамки како и на трошоците направени во извршувањето на задачите што им ги доверил советот.
Според член 46 став 1 од овој закон, градоначалникот својата функција може да ја извршува професионално и неговиот мандат трае четири години.
Членот 17-в од Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, определува дека коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје изнесува од 2.70 до 3.70 во зависност од бројот на жителите на општината.
Од изнесеното произлегува дека не постои законска можност претседавачот на советот својата функција да ја обавува професионално и за тоа да добива плата ниту пак за него е утврден коефициентот. Претседавачот на советот кој се бира од редот на советниците, како и другите членови на советот има право само на надоместок на патните и дневните трошоци во рамки утврдени со закон како и надоместок за трошоците направени во извршувањето на задачите што му ги доверил советот.
За градоначалникот пак, има законска можност својата функција да ја обавува професионално и за него со закон е утврден коефициентот. Меѓутоа, определувањето на функционерски додаток за градоначалникот во фиксен месечен износ нема законска основа.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука, Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.62/98)