Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 3 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 јуни 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Известувањето на Министерството за здравство бр.08-884/1 од 30 март 1994 година.
2. Љупчо Кожовски, адвокат од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставнсота и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се ускратувало правото на слободен избор на породилно отсуство кога за тоа немало потреба, при што доколку не се искористело времето за задолжително породилно отсуство истото се губело, а се губело и правото на надоместок, со што се повредувало правото на заштита на мајчинството утврдено со Уставот.
3. Разгледувајќи ја иницијативата, судот утврди дека со неа се бара оценување уставноста и законитоста на правен акт кој веќе еднаш бил предмет на оценка и дека Судот со решение У.бр.211/95 од 6 декември 1995 година не повел постапка за оценување на неговата уставност и законитост.
4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што оспореното известување на Министерството за здравство било предмет на оценка и за истото Судот се произнел дека е во согласност со Уставот и со закон, а цени дека нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 на ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.118/98)