17/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 17.06.1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 10 став 2 алинеја 3 од Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/96).

2. СЕ УКИНУВА решението со кое се запира извршувањето на Конкурсот за именување на нотари објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.12/98 од 10 март 1998 година.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Синдикатот на работниците од управата, правосудството и општествените организации и здруженија на граѓани на Република Македонија, со решение У.бр.17/98 од 22 април 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на член 10 став 2 алинеја 3 од законот означен во точката 1 од ова решение затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија. Едновремено Судот со решението го запре извршувањето на Конкурсот означен во точката 2 од ова решение, до донесување конечна одлука.

4. Во текот на постапката Судот утврди дека оспорената одредба престанала да важи со влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/98) со кој е утврдена нова содржина на член 10 став 2 од Законот.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Законот престанала да важи, а Судот не наоѓа основ да ја оценува нејзината уставност во време на важењето, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Со оглед на конечноста на решението за запирање на постапката, следуваше Судот да го укине решението означено во точката 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.17/98)