69/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 1 и 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јуни 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за распишување избори за членови на месен одбор на МЗ “Варошко маало”- Прилеп, бр.08-291/1 од 13 март 1998 година донесена од Градоначалникот на Општина Прилеп.

2. Месната заедница “Варошко маало” – Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што градоначалникот на општината немал ниту уставни ниту законски овластувања да ги распишува изборите за органите на месната заедница, но такво право односно овластување, врз основа на Уставот и Законот за локална самоуправа, имале исклучиво граѓаните во месните заедници. При тоа, се наведува дека ова нивно право произлегува од членот 114 од Уставот на Република Македонија и членовите 80 , 81 и 83 од Законот за локалната самоуправа, како и член 115 од Статутот на Општината Прилеп.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за распишување избори за Месен одбор на МЗ “Варошко маало” – Прилеп, градоначалникот ја донел врз основа на член 43 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа и член 113 став 2 од Статутот на Општината Прилеп.

Со оспорената одлука се распишуваат избори за Месен одбор на МЗ “Варошко маало” – Прилеп, се упатува изборите да се спроведат во согласност со одредбите на Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Прилеп, се определува лице за преземање на потребни активности за спроведување на изборите и се упатува на потребата од координираност со Општината Прилеп во спроведување на изборните активности и нејзина информираност за резултатите од изборите.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законот.

Имајќи ја предвид содржината и карактерот на Одлуката за распишување избори на Месен одбор на МЗ “Варошко маало” Прилеп, како и уставно-судската практика, Судот оцени дека таа претставува поединечен акт, а не пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија за чија согласност со Уставот и со закон е надлежен да одлучува Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.69/98)