92/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 јуни 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнување на систематизацијата на работните места во ЈЗО – Завод за здравствена заштита во Струмица, бр.03-604/2, донесена од Управниот одбор на Заводот на 29 мај 1996 година.

2. Директорот на Јавната здравствена организација – Завод за здравствена заштита во Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што по неа не била обезбедена согласност од основачот на Заводот (Собранието на Република Македонија), а тоа требало да се направи со оглед дека Одлуката уредува организација на работа во установа од јавен интерес, поради што Одлуката не била донесена во постапка утврдена со член 136 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91).

3. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека со неа не се бара оценување законитоста на пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што Уставниот суд не е надлежен да постапува по таа иницијатива.

Со оглед на тоа, а согласно на член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.92/98)