37/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 мај 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 30 став 5 од Законот за Агенцијата за разузнавање (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.37/98 од 18 март 1998 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 30 став 5 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 32 став 5 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според члерн 30 став 5 од Законот, потешките случаи на кршење на работната дисциплина заради кои работникот се оддалечува од работа, должината на отказниот рок, како и случаите кога тоа право не се остварува, се пропишува со акт на директорот.

5. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба, во согласност со член 32 став 5 од Уставот, се уредуваат со закон и со колективни договори.

Тргнувајќи од содржината на наведената одредба од Уставот, според која остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 30 став 5 од Законот, според која потешките случаи на кршење на работната дисциплина заради кои работникот се оддалечува од работа, должината на отказниот рок, како и случаите кога тоа право не се остварува, се пропишува со акт на директорот на Агенцијата, според мислењето на Судот, таквото овластување значи уредување на прашања за остварување на правта од работен однос што не може да биде предмет на уредување на акт на директорот. Имено, законските овластувања со акт на директорот да се уредуваат прашања за остварување на правата од работен однос не е во согласност со општиот уставен принцип дека остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор. Актот на работодавецот, односно “актот” на директорот на Агенцијата, во конкретниот случај, немаат уставна подлога. Тоа подразбира дека сите права и обврски од работниот однос, се предмет на уредување на закон и на колективен договор. Во таа смисла, нема никаква причина, специфичностите од работниот однос во Агенцијата да не бидат уредени со Законот за Агенцијата за разузнавање, како и со колективните договори, вклучувајќи го и колективниот договор на ниво на работодавец. Понатаму, предвидувањето со акт на директорот на Агенцијата, да се пропишуваат односи какви што се во оспорената одредба, би можело да значи арбитрерност и можност од нееднаков третман кон правта и обврските што произлегуваат од работниот однос и нивната заштита.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека одредбата на член 30 став 5 од Законот не е во согласност со член 32 став 5 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.37/98)