24/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 мај 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Спогодбата за стопанска соработка меѓу Република Македонија и Република Словенија (“Службен весник на РМ” бр.13/92).

2. Славко Секулов – адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на спогодбата означена во точка 1 од ова решение, затоа што не била склучена од надлежен орган, што не била со закон ратификувана и што законот за ратификација на Спогодбата не бил прогласен со указ, поради што Спогодбата не била во согласност со член 119, член 68 став 1 алинеја 6 и со член 75 став 1 и 2 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената спогодба, објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.13/92, (1) објавена е без закон за нејзина ратификација, потоа (2) без указ за прогласување на законот и, (3) без да е познат органот на Република Македонија кој ја склучил Спогодбата (стои само Република Македонија и Република Словенија).

Но, Судот исто така утврди дека во “Службен весник на РМ – меѓународни договори” бр.37/92 од 12 јуни 1992 година е објавена оспорената спогодба во истоветниот текст, при што Спогодбата е (1) ратификувана со закон, потоа (2) Законот за ратификација на Спогодбата е прогласен со указ и (3) Спогодбата е склучена од надлежен орган (Стојан Трајановски, министер за стопанство по овластување на Владата на Република Македонија).

4. Тргнувајќи од тоа дека со иницијативата се бара оценување на спогодбата означена во точката 1 од ова решение, како и дека таа Спогодба е со истоветен текст како Спогодбата која е донесена од надлежен орган, која е ратификувана со закон, кој закон е прогласен со указ и која е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.37/92, Судот смета дека Спогодбата се оспорува во фаза на нејзино донесување, а пак, тоа значи дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата.

Поради тоа, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.24/98)