Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 мај 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за кривичната постапка (“Службен весник на РМ” бр.15/97)
2. Ставре Џиков од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што Собранието на Република Македонија претходно не ја завршило постапката за донесување на Законот за изменување и дополнување на поранешниот Закон за кривичната постапка поради непотпишување на указот за негово прогласување од страна на претседателот на Републиката, што било пречка да се донесе друг закон од истата правна област.
3. На седницата Судот утврди дека со иницијативата Законот за кривичната постапка не се оспорува ниту во поглед на неговата форма односно постапка за донесување, ниту во поглед на неговата содржина, што претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.
Околноста што постапката за донесување на Законот за изменување и дополнување на поранешниот Закон за кривичната постапка претходно не била завршена, не значи дека не може да се донесе друг закон во постапка пропишана со Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.35/98)