Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 мај 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 111, 112, 113, 114 и 116 од Статутот на општина Прилеп (“Службен гласник на општина Прилеп” бр.3/96).
2. Месната заедница “Вишне”-Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 111, 112, 113, 114 и 116 од Статутот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби од Статутот се уредувале прашања за постапката за предлагање, утврдување на избор на членови на одборот на месната самоуправа, кои прашања биле во исклучива надлежност на месната самоуправа, а не предмет на уредување на статутот на единицата на локалната самоуправа.
3. Судот на седницата утврди дека според член 111 од Статутот, орган на облиците на месна самоуправа е одборот, кој е составен од 3 до 7 членови кои се избираат на собир на граѓани со јавно гласање доколку собирот не одлучи гласањето да биде тајно, или доколку одлучи со непосредно тајно гласање на граѓаните од обликот на месна самоуправа кои имаат избирачко право. Мандатот на членовите на одборот трае 4 години.
Со член 112 од Статутот се уредува дека одборот на месната заедница (месен одбор) се избира на собор на граѓаните од подрачјето на месна заедница со јавно гласање, а одборите на другите облици на месна самоуправа ги избираат граѓаните од целината за која е основан обликот на месна самоуправа на собир на граѓани по пат на јавно гласање со мнозинство гласови од присутните.
Според член 113 од Статутот, одлука за распишување избор на членови на месниот одбор и одборите на другите облици на месна самоуправа донесува одборот во стариот состав, најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот, а ако одлуката не се донесе во утврдениот рок, одлука за распишување избори донесува градоначалникот на општината.
Со член 114 од Статутот се уредува дека предлагање и утврдување на кандидати за членови на одборот се врши на собир на граѓани, а за утврдени се сметаат кандидатите кои добиле мнозинство, односно најголем број гласови од присутните граѓани на собирот.
За избрани членови на одборот, согласно член 116 од Статутот, се сметаат кандидатите кои добиле мнозинство, односно најголем број гласови од избирачите кои гласале.
Според член 115 од Статутот, кој инаку не се оспорува со иницијативата, постапката за предлагање, утврдување и избор на членови на одборот поблиску ќе се уреди со правилата за работа на месната заедница и другите облици на месна самоуправа.
4. Според член 114 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, според ставот 2 на овој член, единиците на локалната самоуправа се општините, а според ставот 3 од овој член на Уставот, во општините можат да се основаат облици на месна самоуправа.
Со член 80 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95) се уредува дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните можат да основаат месни (селски и квартни) заедници и други облици на месна самоуправа, а според ставот 2 на овој член на Законот, со статутот на единицата на локалната самоуправа, во согласност со овој закон, поблиску се определуваат условите и постапката за основање месни заедници и други облици на месна самоуправа, надлежноста и организацијата, утврдувањето на прорамата за работа, средствата што единицата на локалната самоуправа ги отстапува на месната заедница, односите со органите на единицата на локалната самоуправа и други прашања од значење за месната самоуправа.
Според член 81 од Законот, во месните заедници и во другите облици на месна самоуправа граѓаните одлучуваат за работи од непосредно и секојденвено значење за нивниот живот и работа, а според член 83 од Законот, месната заедница и другите облици на месна самоуправа имаат својство на правно лице во рамките на правата и должностите утврдени со овој закон, статутот на единицата на локалната самоуправа и актот за основање.
Со член 84 од Законот се уредува дека со статутот или со друг општ акт на советот на единицата на локалната самоуправа, во согласност со закон, на месната заедница може да и се довери вршење на определени работи од изворната надлежност на единицата на локалната самоуправа што се од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на граѓаните на подрачјето на месната заедница. Средствата за вршење на тие работи ги обезбедува единицата на локалната самоуправа.
Според член 91 од Законот, статутите на единиците на локалната самоуправа ќе се усогласат со одредбите на овој закон најдоцна во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила, а според член 95 став 2 од Законот, месните заедници, односно нивните органи продолжуваат со работа во постојниот состав и со истата надлежност до донесувањето на статутите на единицата на локалната самоуправа, во согласност со овој закон.
Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на локална самоуправа е уставно загарантирано право на граѓаните. Тие, во единиците на локалната самоуправа непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење. Како единица на локалната самоуправа Уставот ја одредува само општината. Во однос на месната самоуправа, Уставот само предвидува можност во општината да се основаат облици на таквата самоуправа. Според тоа, Уставот не ги уредува прашањата за месната самоуправа како посебен облик и содржина на локалната самоуправа, односно нејзиното основање, облици, надлежност, организација и работа, препуштајќи го тоа на законодавецот при уредувањето на локалната самоуправа да ги уреди и тие прашња. Во таа смисла, Законот за локалната самоуправа, уредувајќи ги прашањата за месната самоуправа, утврдил само неколку основни принципи без поцелосно да ја утврди нејзината основна концепција. Имено, како облици на месна самоуправа ги предвидува само месните заедници (селски или квартни) допуштајќи ја можноста за основање и на други облици на месна самоуправа, понатаму, дека граѓаните во нив одлучуваат за работи од непосредно и секојдневно значење за нивниот живот и работа, начелно определувајќи ги и средствата за финансирање на тие работи и дека тие облици имаат својство на правно лице во рамките на правата и должностите утврдени со овој закон, статутот на единицата на локалната самоуправа и актот за основање.
Поголем дел од прашањата битни за статусот и положбата на месната самоуправа, Законот како овластување ги доверува на статутарно уредување. Во таа смисла, се уредува дека со статутот на единицата на локалната самоуправа, во согласност со овој закон, поблиску се определуваат условите и постапката за основање месни заедници и други облици на месна самоуправа, надлежноста и организацијата, утврдувањето на програмата за работа, средствата што единицата на локалната самоуправа ги отстапува на месната заедница, односите со органите на единицата на локалната самоуправа и други прашања од значење за месната заедница. Покрај тоа, со статутот или со друг општ акт на советот на единицата на локалната самоуправа, во согласност со закон, на месната заедница може да и се довери вршење на определени работи од изворната надлежност на единицата на локалната самоуправа што се од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на граѓаните на подрачјето на месната заедница.
Врз основа на напред наведеното, според мислењето на Судот, произлегува дека граѓаните месната самоуправа ја остваруваат непосредно преку месната заедница и другите облици на месна самоурава и дека ова право граѓаните го остваруваат во рамките на општината и во согласност со статутот на општината. Неспорно е дека со правилата на месната заедница и другиот облик на месната самоуправа, конкретно се уредуваат сите прашања од интерес за месната самоуправа, но притоа, тие правила мора да бидат во согласност, како со Законот, така и со начелата односно одредбите на статутот на единицата на локалната самоуправа. Исто така, не е спорно дека изборот на членовите на органите на месната самоуправа односно на членовите на месниот одбор го вршат граѓаните непосредно во соодветниот облик на месната самоуправа, меѓутоа, како спорно се поставува прашањето дали со статутот на единицата на локалната самоуправа може да се уреди постапката за предлагање, утврдување и избор на членовите на одборот, што всушност е и предмет на оспорување со иницијативата, или, пак, уредувањето на тие прашања е во исклучива надлежност на месната самоуправа.
Тргнувајќи од содржината на напред наведените уставни и законски одредби, а особено од член 80 став 2 од Законот за локалната самоуправа, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од Статутот на општина Прилеп со кои одборот се определува како орган на облиците на месната самоуправа и се уредуваат одделни прашања за распишување на изборите и постапката за предлагање и утврдување на членови на одборот, определувајќи со член 115 од Статутот, тие прашања поблиску да се уредат со правилата за работа на месната заедница и другите облици на месна самоуправа, Судот оцени дека, оспорените одредби не излегуваат надовр од законски утврдените рамки, поради што не се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за локалната самоуправа.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.58/98)