Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 мај 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 68 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97).
2. Добринка Јовановска и група стечајни работници од ОП “Илинденка” од Крушево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Оспорениот член од Законот не бил во согласност со членот 32 од Уставот, бидејќи паричниот надоместок утврден со овој член не обезбедувал минимум животна егзистенција (1.200,00 до 2.500,00 денари). Во иницијативата се бара Судот да го укине оспорениот член, а да остане во сила поранешната одредба од Законот за вработување која била поповолна за привремено невработените лица (100 германски марки во денарска противвредност).
3. Судот на седницата утврди дека според членот 68 од Законот висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 12 месеци пред престанокот на работниот однос за лице кое има право на паричен надометок до 12 месеци, а 40% за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеци. Надоместокот од став 1 на овој член не може да изнесува повеќе од просечната месечна нето плата по работник во нестопанството на Републиката објавена во последниот месец.
4. Судот, исто така утврди дека со решение У.бр.181/97 од 17 декември 1997 година, не поведе постапка за оценување уставноста, меѓу другото и на членот 68 став 1 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност. Членот беше оспорен поради тоа што бил основа за дискриминација и имал повратно дејство. Според оценката на Судот, одредбата од членот 68 став 1 се применува од моментот на влегувањето на законот во сила и поради тоа нема повратно дејство ниту пак е причина за било каква дискриминација бидејќи со неа се пропишани единствени и исти услови во поглед на процентот на висината на паричниот надоместок по основ на невработеност за сите корисници на правото на паричен надоместок според условите за остварување на ова право утврдени со закон и тоа од моментот на неговото влегување во сила.
5. Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори.
Од наведената уставна одредба произлегува дека граѓаните се еднакви во слободите и правата и дека во тие рамки вработените се еднакви во правата кои произлегуваат од работен однос како и при материјалната обезбедност за време на привремена невработеност.
Правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност, како и другите права на вработените се уредува со закон и со колективни договори. Ова право не е трајно право туку претставува привремено решение за материјално обезбедување за време на привремена невработеност. Согласно законот, средствата за финансирање на правата на невработените лица од осигурување во случај на невработеност се обезбедуваат од придонесот за вработување што го пресметува и уплатува работодавецот од бруто платата на работникот, од Буџетот на Република Македонија и од други извори. Оттука произлегува дека вработените плаќаат посебен вид на осигурување со цел материјално да се обезбедат во случај на привремена невработеност, меѓутоа ова не претставува долгорочно решение ниту пак треба да се поистоветува со социјалната заштита што е обезбедена согласно одредбите на друг закон. Според тоа, привремено невработено лице има право на паричен надоместок во зависност од тоа дали има плаќано придонес за осигурување во случај на невработеност, а должината на користењето на правото е условена од должината на стажот на осигурување за кој е плаќан придонес. Операционализирајќи го уставното право на материјална обезбедност за време на привремена невработеност, законодавецот има право со закон да ги утврди условите за остварување на ова право и во тие рамки да ја утврди висината на паричниот надоместок за привремено невработените лица како и начинот и критериумите на определувањето на тој надоместок.
Дали, пак, висината на паричниот надоместок е многу или малку не е прашање за кое е надлежен да одлучува Уставниот суд ниту, пак, Судот има надлежност да враќа во сила одредби кои престанале да важат.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.75/98)