48/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 мај 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на свиканата седница на Советот на општина Долнени, Решението за разрешување на претседавачот на Советот на општина Долнени и Решението за престанок на мандатот на член на Совет на општина Долнени (“Службен гласник на општина Долнени” бр.4/97).

2. Ацо Алексоски од с. Долнени, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на дејството односно актите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека седницата на Советот на општина Долнени била свикана од градоначалникот и шест советници без претходна консултација и без знаење на претседавачот на Советот (подносител на иницијативата) што не било во согласност со член 32 став 3 и член 42 од Законот за локалната самоуправа. На истата седница било донесено решение за разрешување на претседавачот на Советот и решение за престанок на мандатот на член на Советот, што не било во согласност со член 28 став 1 и 3 и член 38 од Законот за локалната самоуправа како и со одредени членови од Статутот на општината и од Деловникот за работа на Советот на општината. Во иницијативата се нагласува дека подносителот на иницијативата Ацо Алексоски нема поднесено ниту писмена ниту усмена оставка на функцијата претседавач на Советот и на функцијата советник во Советот на општината Долнени.

3. Судот на седницата утврди дека од решението за свикување на оспорената петта седница на Советот на општина Долнени како и од Записникот од истата седница евидентно е следното. Седницата на Советот е свикана од седум советници. Биле присутни 11 советници, а со седницата раководел најстариот член на Советот. Според известувањето од Советот на општина Долнени, причина поради која е свикана петтата седница на Советот од страна на група советници и градоначалникот е што дотогашниот претседавач на Советот четири месеци одбивал да свика седница, а исто така поднел и писмена оставка на функцијата член на Советот на општина Долнени.

На оспорената петта седница на Советот на општината одржана на 28 ноември 1997 година е донесено решение со кое Ацо Алексоски се разрешува од претседавач на Советот и решение со кое на Ацо Алексоски му престанува мандатот на член на Советот на општината.

Во документите доставени до Судот од Советот на општина Долнени има и изјава од Ацо Алексоски од 26 ноември 1997 година со која поднесува оставка на функцијата советник во Советот на општина Долнени.

Според утврдената фактичка состојба произлегува дека оспорената седница на Советот на општина Долнени е свикана од седум советници и дека на истата е донесено решение за разрешување на Ацо Алексоски од функцијата претседавач на Советот, како и решение за престанок на мандатот на член на Советот по претходно дадена писмена изјава од Ацо Алексоски дека поднесува оставка на функцијата советник во Советот на општина Долнени.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во конкретниот случај, решението за свикување на седницата на Советот на општината претставува дејствие, а не акт односно пропис во смисла на член 110 од Уставот за кој Уставниот суд е надлежен да одлучува.

Исто така, Решението за разрешување на претседавачот на Советот и Решението за престанок на мандатот на член на Советот, по својата содржина претставуваат поединечни акти за кои согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува.

Од друга страна, според член 44 став 1 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот на единицата на локалната самоуправа е должен на советот на единицата на локалната самоуправа да му укаже на неуставноста и незаконитоста на актот, односно одлуката донесени во самостојна надлежност за седум дена. Според ставот 4 на истиот член од Законот, ако актот од став 1 на овој член не се усогласи со Уставот и законот и по повторното разгледување од страна на советот на единицата на локалната самоуправа или ако советот на единицата на локалната самоуправа не го разгледа повторно актот во предвидениот рок, градоначалникот е должен да ја извести Владата на Република Македонија за неуставноста и незаконитоста на актот во рок од 15 дена од денот на неговото донесување.

Понатаму, согласно член 68 од Законот, надзорот над законитоста на работата на органите на единиците на локалната самоуправа го вршат Владата на Република Македонија и надлежните министерства.

Од наведените законски одредби очигледно произлегува дека за уставното и законитото работење на органите на локалната самоуправа се грижат градоначалникот на единицата на локалната самоуправа, Владата на Република Македонија и надлежните министерства и преземаат мерки во рамките на надлежностите утврдени со закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.48/98)