44/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 6 мај 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 45 став 1 во делот “претседател на суд се избира под услови, во постапка и на начин како што се врши избор на судии” од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/95).

2. Синдикатот на работниците од управата, правосудството и општествени организации и здруженија на граѓани на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на оспорениот член од Законот, затоа што тој не бил во согласност со член 68 став 1 од Уставот на Република Македонија. Според овој член од Уставот Собранието на Република Македонија врши само избор и разрешување на судии и нема други овластувања од делокругот на кадровските прашања во судската власт.

Имено Собранието не може да врши избор на лица на нова функција кое веќе го избрало на функцијата судија односно не може ист субјект за ист период да го избира на две функции (судија и претседател на Суд со два различни мандата).

Давањето на мандат повлекува претходно разрешување од функцијата дадена со претходниот избор.

При таква состојба на работите претседател на суд не може да го избира Собранието на Република Македонија туку претседателот може да биде именуван од некој друг орган утврден со Законот за судовите.

3. Според член 45 став 1 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/95)претседател на суд се избира под услови во постапка и на начин како што се врши избор на судии за време од четири години од редот на судиите на тој суд, соможност повторно да биде избран на иста функција уште четири години.

Претседател на суд кој повторно нема да биде избран на иста функција продолжува да работи како судија на тој суд.

Според член 44 став 1 од наведениот закон Собранието на Република Македонија врши избор на судија и претседател на суд по предлог на Републичкиот судски совет.

4. Според член 68 став 1 точка 16 од Уставот Собранието на Република Македонија врши избори, именувања и разрешувања на други носители на јавни и други функции утврдено со Уставот и со закон.

Имајќи ја во предвид оваа уставна одредба Судот смета дека Собранието на Република Македонија освен изборот и разрешувањето на судиите може да врши и избор на претседатели на судовите, како што тоа е определено во член 44 став 1 од Законот за судовите, во постапка и на начин како и за избор на судиите од редот на избраните судии. При тоа услов за избор на функцијата претседател на суд е претходно лицето да биде избрано за судија и од редот на тие избрани судии Собранието кое веќе еднаш извршило избор, да избира претседател ако е тоа утврдено со закон, а со Законот за судовите тоа е предвидено.

Ваквото становиште пред се се темели поаѓајќи од член 99 од Уставот, според кој, судиите се избираат од Собранието без ограничување на траење на мандатот па според тоа Собранието може да изврши избор на претседтел на судовите чии мандат е ограничен.

5. Со оглед на изнесеното Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.44/98)