33/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 90 точка 17 од Правилата за работни односи, работен ред и дисциплина на “Тетекс” АД – Тетово, донесен од Управниот одбор на 11 мај 1995 година.

2. Зоран Василевски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 90 точка 17 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него било воведено како казниво дело вербалниот деликт, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт на Акционерското друштво “Тетекс” од Тетово, не е пропис во смисла на одредбите од членовите 51, 52 и 110 од Уставот на Република Македонија и е неподобен за уставно судска оценка, поради што најде дека не е надлежен да одлучува за неговата согласност со Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.33/98)