Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 април 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ членот 7 став 3 од Законот за штрајк, во делот “Со општ акт односно со колективен договор, во согласност”, членот 11 став 2 од Законот за штрајк, во делот “Со општиот акт односно со колективниот договор, во согласност”, членот 74 став 1 точка 7 од Законот за внатрешни работи и Правилникот за работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на штрајкот.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. По поднесената иницијатива од Независниот синдикат на вработените во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.227/97 од 18 март 1998 година, поведе постапка за оценување уставноста на актите означени во точката 1 на ова решение, бидејќи најде дека основано се поставува прашањето за нивната согласност со одредбата од членот 38 од Уставот на Република Македонија.
4. . Судот на седницата утврди дека според член 7 од Законот за штрајк (“Службен лист на СФРЈ” бр.23/91), правото на штрајк на работниците во организациите и кај работодавците кои вршат дејност или работи од посебен општествен интерес утврдени со закон или со одлука на собранието на општествено-политичката заедница заснована врз закон, и во организациите од посебно значење за народната одбрана, утврдени со одлука на надлежниот орган во согласност со законот, може да се оствари само под условот да се обезбеди:
1. минимум на процесот на работата кој обезбедува сигурност на луѓето и имотот или се незаменлив услов за животот и работата на граѓаните или за работа на други организации;
2. извршување на меѓународните обврски.
Со закон или со одлука на собранието на општествено-политичката заедница заснована врз закон се утврдуваат начинот на обезбедување на условите од став 1 на овој член.
Со општ акт односно со колективен договор, во согласност со законот, се утврдуваат работите и задачите од став 1 на овој член и начинот на нивното извршување за време на штрајкот.
Според член 11 од истиот закон, работниците во органот односно во организацијата на општествено-политичката заедница и во друг државен орган го остваруваат правото на штрајк под услов со штрајкот суштествено да не се загрозува остварувањето на функцијата на тие органи и организации. Со општиот акт односно со колективниот договор, во согласност со законот, се утврдуваат работите и задачите што, како суштествени за остварување на функциите на наведените органи и организации, мораат да се вршат и за време на штрајкот.
Според член 74 став 1 точка 7 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/95 и 55/97), се овластува министерот за внатрешни работи да донесе подзаконски пропис за работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на штрајкот.
Со оспорениот Правилник за работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на штрајкот, донесен од министерот за внатрешни работи, објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.59/95, се утврдуваат работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на организиран штрајк на вработените во Министерството за внатрешни работи.
5. Според членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Според членот 1 од Законот за внатрешни работи, внатрешни работи во смисла на овој закон се работи кои се однесуваат на:
– заштитата на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– спречување на вршење кривични дела, откривање и фаќање на сторители на кривични дела и нивно предавање на надлежни органи;
– заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот;
– спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија;
– одржување на јавниот ред и мир;
– спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост;
– обезбедување на определени личности и објекти;
– регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата и други работи сврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата;
– контрола на преминување на државната граница, движење и престој во граничниот појас;
– престој и движење на странци;
– утврдување и решавање на граничните инциденти и други повреди на државната граница;
– поставување, контрола и оджување на ознаките со кои се обележува граничниот појас на копно и вода;
– заштита од пожари и експлозии;
– контрола на условите во врска со производство, промет, набавување, поседување и носење на оружје, делови за оружје и муниција;
– производство, промет, складирање, превоз и заштита од експлозивни и други опасни материи и складирање и заштита од запаливи течности и гасови;
– контрола на пријавување и одјавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните;
– укажување на помош при отстранување на последиците предизвикани од природни непогоди и епидемии кои можат да ги загрозат животот и здравјето на граѓаните и имотот;
– истражување и развој во областите од негова надлежност и
– други работи утврдени со закон.
Според член 70 од Законот за внатрешни работи, вработените во Министерството правото на штрајк можат да го остваруваат под услови битно да не се нарушува редовното извршување на работите и задачите утврдени во член 1 од Законот. Заради спречување на евентуални штетни последици од неизвршување на внатрешните работи за време на штрајкот, министерот или од него овластен работник е должен да обезбеди потребно функционирање на организационите единици во процесот на работата. Врз основа на превземените мерки од ставот 2 на овој член, вработените се должни да постапуваат по соодветните наредби. Доколку вработените не постапат согласно со ставот 3 на овој член министерот, односно овластениот работник е должен да го обезбеди остварувањето на работниот процес со заменување на соодветни работници.
Според член 8 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Законот за органите на управата, помеѓу другите права и должности, предвидува овластување за функционерите кои раководат со органите на управата да донесуваат прописи за извршување на законите, другите прописи и општи акти, кога се за тоа овластени со закон, друг пропис и општ акт, и тоа правилници, наредби и упатства за извршување на законите и на другите прописи и општи акти, при што со правилник се разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти заради нивно извршување (член 19, 160 и 161 од Законот).
Имајќи ги предвид цитираните уставни и законски одредби, Судот оцени дека оспорените акти не се во согласност со членот 38 од Уставот, бидејќи оваа одредба јасно упатува дека до ограничување на условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата може да дојде единствено врз основа на закон, поради што одлучи како во точката 1 на оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.227/97)