Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 29 април 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за доделување на територија на делување на Здружението на ловци “Сокол” од Другово, бр.08-101/8 од 20 септември 1997 година, донесена од Советот на Општина Другово.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Мкедонија, со Решение У.бр.221/97 од 11 март 1998 година, по поднесена иницијатива од Владата на Република Македонија, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што пред Судот се постави прашањето за нејзината согласност со член 56 од Уставот на Република Маскедонија и членовите 3 и 30 од Законот за ловството (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/96, 26/96 и 34/97).
4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се доделува територија на делување на Здружението на ловци “Сокол” од Другово. Според член 2 од Одлуката територијата на делување се најдува во рамките на граничниот опфат на Општината Другово според катастарскиот план.
Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека Здружението на ловци “Сокол” од Другово се обврзува да се грижи за заштитата и унапредување на фондот на дивечот и успешно да стопанисува со истиот, а според членот 4, Здружението на ловци “Сокол” – Другово се обврзува да делува во рамките на Законот за ловство и во согласност со прописите на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.
И на крајот со Одлуата е предвидено дека таа влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Другово”.
5. Според член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Со Законот за ловството (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/96, 26/96 и 34/97), се уредува одгледувањето, размножувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот (ловство). Според член 3 од овој закон, дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон и со друг закон.
Во членот 30 од Законот е предвидено дека ловиште установува Владата на Република Македонија. Според ставот 2 на овој член, Владата на Република Македонија определува и државни ловишта.
Во ставот 3, исто од овој член, е предвидено дека со установувањето на ловиштето се одредуваат и неговите граници, површината, намената, категоријата, бонитетот и капациетот, а според ставот 4, во зависност од видот на дивечот што живее или може да се одгледува, ловиштата можат да бидат наменети за одгледување на крупен и ситен дивеч.
Од наведените уставни и законскио дредби произлегува дека дивечот е добро од општ интерес и ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со Законот за ловството и друг закон. Поаѓајки од тоа дека дивечот е добро од општ интерес и при неговата заштита е нагласен општиот интерес. Во таа смисла Законот ги уредува начиниот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење. Поради нагласениот интерес за заштита на дивечот законодавецот ја овластил Владата на Република Македонија да ги востановува ловиштата во Републиката. При тоа, ги определува и нивните граници со децидно назначување на реоните што ги зафаќаат ловиштата.
Според тоа, единиците на локалната самоуправа немаат ниту уставно, ниту законско овластување да востановуваат ловишта, односно да доделуваат територија за делување на здруженија на ловци или на други субјекти.
Во конкретниов случај со оспорената одлука се доделува територија на делување што се наоѓа во граничниот опфат на Општина Другово, односно се востановува ловиште и се доделува за делување на Здружението на ловци “Сокол” од Другово.
Со оглед на тоа што Советот на Општина Другово не е надлежен да востановува ловишта и да ги доделува за делување на Здружението “Сокол” од Другово, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со означените уставни и законски одредби.
Врз основа ан изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.221/97)