Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 април 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на
а) Одлуката за продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката, бр.23-3259/1, донесена од Владата на Република Македонија на 3 ноември 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/92);
б) Одлуката за продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката, бр.23-2000/1, донесена од Владата на Република Македонија на 24 јуни 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/96);
в) Одлуката за продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката, бр.23-2002/2, донесена од Владата на Република Македонија на 16 септември 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/96); и
г) Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката, бр.23-937/1, донесена од Владата на Република Македонија на 13 мај 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/97).
2. Либерално-демократската партија од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одлуките означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се пропишувале различни услови за продажба на општествените станови со кои располага Републиката, со што тие одлуки создавале нееднаква положба помеѓу граѓаните-вработени во републичките органи во врска со купување на општествените станови, поради што оспорените одлуки не биле во согласност со уставното начело на еднаквост од член 9 на Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека:
– со Одлуката од 3 ноември 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/92) се определува општествените станови, со кои располага Републиката и кои се доделени на одредени лица како на носители на станарско право, да се продаваат, покрај другото, по цена утврдена според Законот за продажба на становите во општествена сопственост;
– со Одлуката од 24 јуни 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/96) се определува општествените станови, со кои располага Републиката врз основа на преземање од поранешните СИЗ-ови за становање и кои како такви се утврдени со посебна програма на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, да се продаваат, покрај другото, според пазарната цена на становите;
– со Одлуката од 16 септември 1996 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/96) се определува општествените станови, со кои располага Републиката и кои се користат од станари со решенија за времено користење издадени до 31 декември 1995 година, како и кои се утврдени како такви со посебна програма на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, да се продаваат, покрај другото, по цена утврдена според Законот за продажба на становите во општествена сопственост, намалена за 50% (член 8 и 9 од Одлуката);
– со Одлуката од 13 мај 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/97) се врши дополнување на Одлуката од 16 септември 1996 година така што се утврдува продажба (според цената од Законот за продажба на становите во општествена сопственост, намалена за 50%) и на оние општествени станови, со кои располага Републиката, а кои се користат врз основа на решенија за времено користење издадени од страна на Владата на Република Македонија и кои решенија се издадени до 30 април 1997 година.
Понатаму, Судот утврди дека последните две одлуки (Одлуката од 16 септември 1996 година и Одлуката од 13 мај 1997 година) престанале да важат на 18 октомври 1997 година врз основа на Одлуката бр.23-2372/1, донесена од Владата на Република Македонија на 13 октомври 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/97).
4. Со оглед на тоа што оспорената трета и четврта одлука престанале да важат, при што тој факт настанал пред поднесувањето на иницијативата (иницијативата е од 24 февруари 1998 година) односно пред Судот да поведе постапка (кога е единствено можно да се оценува акт кој престанал да важи член 70 став 1 алинеја 6 од Деловникот на Судот), произлегува дека нема процесни претпоставки за постапување по тој дел од иницијативата, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, Судот одлучи како во точката 1 под в) и г) од ова решение.
5. Што се однесува, пак, до првата и втората оспорена одлука, кои се уште важат, имајќи го предвид аспектот на нивното оспорување со иницијативата (а тој е дека тие две одлуки, заедно со третата и четвртата одлука, создавале нееднаквост помеѓу граѓаните вработени во републичките органи во врска со купувањето на општествените станови, поради различни услови односно цена), во ситуација кога не е таква фактичката состојба (имено, третата и четвртата одлука не постојат во правниот поредок), произлегува дека нема процесни претпоставки за постапување на Судот ниту по првите две одлуки од аспектот на иницијативата (сегашната состојба не е таква каква што се оспорува), поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, Судот одлучи како во точката 1 под а) и б) од ова решение.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.41/98)