232/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 април 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 9 од Правилникот за архитектонски проекти на кои главниот архитект на градот дава согласност, бр.08-335/5 донесен од Советот на општина Пробиштип на 3 октомври 1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија,по иницијатива на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина – Подрачна единица Пробиштип, со решение У.бр.232/97 од 4 март 1998 година поведе постапка за оценување законитоста на член 9 од Правилникот означен во точката 1 од оваа Одлука бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 52 од Законот за локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека Правилникот за архитектонски проекти на кои главниот архитект на градот дава согласност е донесен од Советот на општина Пробиштип врз основа на член 52 став 1 точки 5 и 6 од Законот за локалната самоуправа.

Во членот 1 од Правилникот е утврдено дека со овој Правилник се утврдуваат архитектонските проекти на објектите што се од големо значење за градот Пробиштип, архитектонските проекти со кои се заштитуваат архитектонските вредности на одделни градски квартови и објекти, како и проекти за партерно уредување на позначајни објекти или квартови на градот за кои главниот архитект на градот дава согласност. Оваа согласност се однесува на архитектонското согледување на објектите и партерно уредување. Понатаму во Правилникот се определени објектите кои се од големо значење за градот и објектите кои се од архитектонска вредност за градот.

Според членот 9 од Правилникот, главниот архитект на градот дава согласност и на проектите од член 54-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Согласно член 52 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, главниот архитект на градот дава стручно мислење на деталните урбанистички планови и урбанистичките и архитектонско-урбанистичките проекти. Според точката 5 на истиот член од Законот, главниот архитект на градот дава согласност на архитектонските проекти што се од големо значење за градот, а значењето се утврдува по правилникот за таков вид на објекти изготвени и усвоени во единицата на локалната самоуправа. Според точката 6 на истиот член од Законот главниот архитект на градот дава согласност на проектите за партерно уредување на позначајни објекти или квартови во градот.

Според член 54-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање, до усогласување на постојните детални урбанистички планови со одредбите на овој закон, за објектите предвидени со плановите, може да се издаде решение за услови за градба во поглед на: определување на површината која се зафаќа со објектот; определување на градежни линии, максимална висина на објектот и другите поблиски услови за градба, врз основа на претходно изготвен урбанистички проект со кој изградбата се усогласува со соседните постојни објекти на одделна улица или комплекс, во согласност со генералниот урбанистички план.

Во конкретниот случај со оспорениот член 9 од Правилникот е предвидено дека главниот архитект на градот дава согласност и на проектите од член 54-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање што практично значи дека главниот архитект на градот дава согласност на изготвен урбанистички проект со кој изградбата се усогласува со соседните постојни објекти на одделна улица или комплекс. Имајќи предвид дека согласно член 52 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, главниот архитект на градот дава стручно мислење на урбанистичките проекти а не дава согласност, Судот оцени дека оспорениот член 9 од Правилникот не е во согласност со член 52 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.232/97)