Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 април 1998 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 6 од Уредбата за начинот и условите за продажба на становите и деловниот фонд на ЈНА што се во државна сопственост на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија на 21 февруари 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/92 и 8/94).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Лидија Даниловска од Скопје и Милан Трбогазов адвокат од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредба на член 6 од Уредбата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината уставност и законитост.
4. На седницата Судот утврди дека во член 3 од Уредбата е предвидено носителот на станарското право кој склучил договор за купопродажба на стан со ЈНА со право на плаќање на цената на станот во целост или во рати, а истиот не го заверил, должен е договорот да го завери кај надлежниот суд во Републиката.
Неисплатените средства на име купопродажната цена според договорот од став 1 на овој член, се уплатуваат на жиро сметка на Министерството за одбрана со намена – Средства за продажба на становите и деловен простор на воено – станбен фонд – Скопје.
Носителот на станарското право кој склучил договор за купорподажба на стан со ЈНА со отплата во рати може во покус рок да го отплати станот со плаќање во помалку рати, односно да го уплати целиот износ наеднаш.
Во оспорениот член 6 од Уредбата е предвидено дека носителите на станарското право кои ги купиле становите, односно склучените договори според членовите 3 и 4 од оваа Уредба, по извршената заверка на договорите за купопродажба на стан, односно купувачите на деловен простор, не можат да го продадат купениот стан односно деловниот простор во рок од шест години од денот на заверката на договорот.
Судот, исто така утврди дека во 1994 година е извршено дополнување на оспорената уредба, при што по член 6 се додава нов член 6-а, со кој е предвидено воен старешина на служба во Армијата на Република Македонија, кој како воен старешина купил стан на територијата на другите републики од поранешната СФРЈ, може да изврши размена на тој стан со стан на воен старешина од другите републики на поранешната СФРЈ кој согласно член 3 и 4 на оваа уредба склучил договор за купопродажба на стан на територијата на Република Македонија, со тоа што заменетиот стан на територијата на Република Македонија не може да го продаде во рок од 6 години од денот на извршената заверка на договорот за размена на стан.
5. Уставот на Република Македонија во член 30 ја гарантира сопственоста и притоа не прави разлика по основот на стекнувањето туку ја гарантира секоја сопственост стекната по било кој правен основ.
Според тоа начинот за гаранција на сопственоста подеднакво се однесува на сите сопственици на станови независно по кои основи и услови се стекнале со правото на сопственост.
Понатаму, според член 30 став 3 од Уставот никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека сопственоста и правата што произлегуваат од неа можат да се одземат или ограничат само кога постои јавен интерес утврден со закон. Според тоа, само Собранието, како носител на законодавната власт на Републиката, (член 61 од Уставот) е овластено со закон да го утврди јавниот интерес за одземање или ограничување на одреден вид на сопстеност.
Владата, како носител на извршната власт (член 91 став 1 од Уставот) е овластена да ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и да донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а не и да го ограничува прометот на становите кои преминале во приватна сопственост. Ова и дотолку повеќе, што со член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот, која слобода може да се ограничи само со закон и тоа единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или здравјето на луѓето.
Од изнесените уставни одредби недвосмислено произлегува дека условите за стекнување на правото на сопственост, за ограничувањето и располагањето со сопственоста, како и условите за прометот на предметите во сопственост, се уредуваат со закон, во согласност со Уставот. Одговорноста на Владата за извршување на законите и нејзината уставна надлежност да ја утврдува политиката за нивното извршување, не може да значи овластување за Владата прашањата што се уредени со закони да ги уредува на поинаков начин, а уште помалку да ги ограничува со Устав загарантираните права на граѓаните.
Независно од тоа кој располага со воените станови, според мислењето на Судот тие после нивната продажба преминуваат во приватна сопственост и стекнуваат правен режим како и сите други предмети во сопственост на граѓаните.
Според тоа, доколку државата смета дека постои јавен интерес прометот на откупените станови од бившата ЈНА, привремено да се ограничи, во таков случај тој интерес мора да биде утврден со закон, што не е случај со законите кои го уредуваат прашањето за продажбата на становите на бившата ЈНА.
Со оглед на тоа што Владата, ниту со Уставот ниту со закон не е овластена со свој пропис да го ограничува прометот на становите на кои постои право на сопственост, Судот оцени дека одредбата на член 6 од Уредбата со која се ограничува прометот на становите откупени од ЈНА, на кои веќе е стекнато право на сопственост не е во согласност со означените уставни и одредбите на законите што го уредуваат прашањето за продажба на становите од бившата ЈНА.
Понатаму, со оглед на тоа што еден од подносителите на иницијативата член 6 од Уредбата го оспорува во однос на член 11 од Законот за сопственост на делови од згради (“Службен весник на СРМ” бр.20/74, 31/74, 14/75 и “Службен весник на Република Македонија” бр.2/94), Судот утврди дека со овој член од Законот е дадено право на сопственикот на посебен дел од зграда, тој посебен дел да го отуѓи, поради што оцени дека оспорената одредба не е во согласност и со овој Закон.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
5. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.235/96)