Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеја2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 8 април 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на
– Членовите 19 став 2, 25, 56 став 1 во делот “на начин утврден со акт на Заводот”,
– Членовите 61, 63 став 2, член 80 став 1 во делот “и прописите за општата управна постапка”,
– Членовите 88, 90 алинеја 1 и 3, во делот “Статут на Заводот” и членовите 92 и 93 во делот “Статут и акти на Заводот” од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 71 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на наведените членови од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност затоа што:
– Оспорените членови 19 став 2, 25 и 56 став 1 не се во согласност со член 32 став 5 од Уставот затоа што остварувањето на правата на вработувањето се уредуваат со закон и колективен договор а не со акт на Заводот.
– Членот 61 од Законот не е во согласност со член 91 алинеја 5 од Уставот затоа што Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а таква надлежност не е предвидена за органите на управата,
– Член 63 став 2 не е во согласност со член 9, 32 став 1 и 5 и 54 од Уставот,
– Членот 71 не е во согласност со член 32 став 1 и 5 и член 54 од Уставот, затоа што со Уставот не се утврдени случаите за ограничување на правото на материјална обезбедност за време на привремена невработеност во зависнот од должината на стажот на осигурување,
– Член 80 став 1 не е во согласност со член 32 став 1 и 5 од Уставот затоа што во прописите за општата управна постапка не се предвидени правата од осигурување во случај на невработеност туку со тие прописи е одредено само водењето на управаната постапка.
– Член 88 не е во согласност со член 91 алинеја 6, 55 став 3 и 96 затоа што имајќи ги предвид наведените уставни одредби организацијата и работата на Заводот не би можела да се уредува со статут на Заводот туку само со закон, а од друга страна според Уставот не е предвидено Владата на Република Македонија да дава согласност на Статутот и на актите за организација на органите на државната управа.
– Член 90 алинеја 1 и 3 и членовите 92 и 93 не се во согласност со член 32 став 1 и 5, 91 алинеја 6, 95 став 1 и 3 и 96 од Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека во член 19 од Законот се наведени услугите од размената на трудот што на невработените лица им ги пружа Заводот.
Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено дека начинот на пријавувањето на невработените лица поблиску се уредуваат со акт на Заводот.
Во членот 25 од Законот е предвидено дека користењето на услугите на советување за професионална ориентација е бесплатно и се врши на начин утврден со акт на Заводот во согласност со закон.
Во член 56 е предвидено дека невработеното лице кое остварува право на паричен надоместок и право на здравствена заштита е должно лично да се јавува во Заводот на секои 30 дена и да докаже дека активно бара работа во последниот месец на начин утврден со акт на Заводот.
– Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Од наведената уставна одредба произлегува дека остварувањето на правата на вработените се уредуваат само со закон и со колективен договор.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај во оспорените членови 19 став 2, 25, 56 став 1 во делот “со акт на Заводот” не се доведува во прашање остварувањето на правата или утврдување на нови права надвор од законот туку само се утврдува начинот на остварување на тие права односно техниката на остварувањето на тие права Судот смета дека во конкретниот случај не станува збор дека со акт на Заводот се уредуваат прашања на остварување на правата поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со наведените уставни одредби.
5. Во членот 61 е предвидено дека Министерството надлежно за работите на трудот ја пропишува содржината и начинот на водењето на евиденцијата од областа на трудот, роковите и начинот на пријавување во Заводот како и упатства и обрасци за водење на евиденцијата.
– Според член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија, покрај другото, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Според член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерствата и други органи на управата и организации утврдени со закон.
Според член 96, пак, органите на државната управа работите од својата надлежност ја вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Според член 4 и 5 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност е утврдено дека Заводот за вработување на Република Македонија е основана како јавна установа која врши дејност од јавен интерес, а согласно член 94 од овој Закон надзор над работата на Заводот врши Министерството надлежно за работите на трудот.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби и поставеноста на Заводот како јавна установа, Судот смета дека Министерството задолжено за работите на трудот може да пропише технички норми кои се однесуваат на водењето на евиденцијата, роковите и начинот на пријавување, упатствата и обрасците за водењето на евиденцијата, а се со цел за подоследно извршување на законите односно на Законот за вработување во случај на невработеност.
Во конкретниов случај не станува збор за донесување на подзаконски акти кои согласно Уставот треба да ги донесе Владата на Република Макеоднија, туку станува збор за донесување на акти со кои ќе се овозможи преку технички форми извршување на законот.
Имајќи предвид дека наведените акти се од технички карактер и со нив не се регулираат односи, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 61 со Уставот.
6. Во членот 62 е предвидено дека работниците кои се во работен однос задолжително се осигурени во случај на невработеност.
Покрај нив во случај на невработеност можат да бидат осигурани и други лица кои се таксативно наведени во член 63.
Имено во случај на невработеност можат да се осигуруваат и:
– државјани на Република Македонија на работа во друга држава, а кои по своето враќање во нашата земја не можат да ги остварат правата во случај на невработеност по друга основа и
– брачните другари на државјани на Република Македонија, на работа во друга држава, а кои биле во работен однос пред заминување во странство.
Во оспорениот став 2 на член 63 е предвидено дека основицата за стекнување на правта од осигурување во случај на невработените лица од став 1 на овој член ја утврдува со акт Заводот.
Според член 32 став 1 и 5 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работа и материјално обезбедување за време на привремена невработеност.
Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Според член 54 став 1 слободите и правата на човекот и граѓанинот може да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Од наведените уставни одредби произлегува дека секој има право на материјално обезбедување за време на привремена невработеност и дека слободите и правата можат да бидат ограничени само со Уставот.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај со Законот е предвидено дека во случај на невработеност може да се осигуруваат и државјани на Република Македонија на работа во друга држава а кои по своето враќање во нашата земја не можат да ги остварат правата во случај на невработеност по друга основа, основица за стекнување на правото од осигурување во случај на невработеност ја утврдува со акт Заводот, Судот смета дека интенцијата на оваа законска одредба е да ги опфати и лицата државјани на Република Македонија на работа во друга држава кои по друга основа по враќањето не можат да ги остварат правата во случај на невработеност, при што, Заводот кај кого и се води евиденцијата на лицата кои се на работа во друга држава со свој акт ќе ја утврди основицата за стекнување на правото на осигурување поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со наведените уставни одредби.
7. Во членот 80 став 1 е предвидено дека невработеното лице ги остварува правата од осигурување во случај на невработеност во согласност со овој закон и прописите од општата управна постапка.
Поаѓајќи од горе наведените уставни одредби Судот смета дека со одредбата на член 80 став 1 во делот “и прописи на општата управна постапка” не се утврдуваат права на граѓаните од осигурување во случај на невработеност туку се регулира само постапката за остварување на тие права на кој начин воопшто не се навлегува во остварувањето на тие права односно тие ниту се ограничуваат ниту се дополнуваат, поради што Судот смета дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
8. Во членот 88 е предвидено дека организацијата на Заводот, органите, нивната надлежност и начинот на одлучување како и други прашања значајни за работа и работење на Заводот поконкретно се уредуваат со Статутот на Заводот.
Согласност на Статутот и на актите за организација и систематизација на Заводот дава Владата на Република Македонија.
Во членот 90 алинеја 1 и 3 од Законот е предвидено дека Управниот одбор донесува статут и други акти, донесува акти за организација и работа на Заводот и општ акт за систематизација на работите на Заводот.
– Според член 91 алинеја 6 од Уставот Владата на Република Македонија утврдува начела на внатрешна организација за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.
Според член 95 став 3 од Уставот организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство.
Според член 88 став 2 од Уставот своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Од изнесените одредби произлегува дека Владата на Република Македонија ја утврдува внатрешната организација на министерствата и другите органи на управата и ја насочува нивната работа и врши надзор.
Во конкретниов случај Судот смета дека не станува збор за орган на управата чија внатрешна организација треба да биде уредена со закон кој се носи со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници, имајќи го во предвид фактот дека Заводот е јавна установа основана со закон која врши дејност од посебен интерес поради што законодавецот можел да ја утврди само начелната организација односно да утврди дека се формира завод како единствена стручна служба со подрачни единици за подрачјата на една или повеќе општини при што препуштил со Статутот на Заводот да биде уредена внатрешната организација и надлежноста.
Имајќи во предвид дека дејноста што ја врши Заводот е од јавен интерес, Судот смета дека Владата може да врши еден вид на надзор преку давање согласност на Статутот и актот за организација и систематизација и именува претставници во Управниот одбор како орган на управување, кој орган, покрај другото, го донесува Статутот и актите за организација и работа на Заводот и актот за систематизација на работите на Заводот.
Со оглед на изнесеното Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 88 став 2 член 90 алинеја 1 и 3 од Законот со наведените уставни одредби.
9. Во членот 92 од Законот е предвидено дека директорот ја организира и раководи со работата на Заводот, самостојно донесува одлуки од делокругот на неговата надлежност , го застапува и претставува заводот пред трети лица и е одговорен за законитоста на работите на заводот и врши други работи во согласност со Законот и Статутот на Заводот.
Во член 93 од Законот е предвидено дека директорот може да биде разрешен пред истекот на времето за кое бил именуван, покрај другото, и ако не постапува според Статутот и актите на Заводот.
Имајќи ги во предвид одредбите на членовите 32 став 1 и 5, 91 алинеја 6, 95 став 1 и 3 и 96 од Уставот, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 92 и 93 од Законот во делот кој се однесувало “раководење на директорот” во согласност со Статутот на Заводот и можноста директорот да биде разрешен ако не постапува согласно “Статутот и актите на Заводот” со Уставот.
10. Со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.181/97 од 17 декември 1997 година не повел постапка за оценување уставноста на член 71 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, а по повод на новата иницијатива Судот не наоѓа основ за поинакво одлучување, се одлучи како во точката 2 од ова решение.
Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.15/98)