Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 април 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 100 став 3 од Законот за персоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 70/94, 31/96, 71/96 и 28/97), во делот “а најдоцна во рок од 15 дена по истекот на месецот”.
2. Ферида Османовиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на дел од одредбата на Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определува граѓаните кои остваруваат лични примања од вршење стопанска и професионална дејност да имаат обврска да плаќаат аконтација на данокот за тие примања најдоцна во рок од 15 дена од истекот на месецот, а не до 25-от ден во месецот за изминатиот месец како што е определена обврска за уплата на придонесите од плата од страна на правните и физичките лица според член 9 став 2 од Законот за финансиското работење, што значело ставање во нееднаква правна положба на пазарот на граѓаните кои вршат стопанска и професионална дејност во однос на правните лица, поради што оспорениот дел од член 100 став 3 на Законот не бил во согласност со член 55 став 2 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека оспорената законска одредба предвидува даночниот обврзник на данокот од доход за лични примања од стопанска и професионална дејност, аконтацијата на данокот за секој изминат месец да ја пресметува и да ја уплатува при исплатата на личните примања, а најдоцна во рок од 15 дена по истекот на месецот за што е должен на органот за јавни приходи да му поднесува месечна пресметка на данокот.
Понатаму, Судот утврди дека оспорениот дел од законската одредба веќе бил предмет на оцена од овој Суд и тоа од аспект на неговата согласност со член 55 став 2 од Уставот, како што и сега се бара. Притоа, Судот одлучи да не поведе постапка затоа што утврди дека уставниот принцип на еднаквост помеѓу субјектите на пазарот значи тие претходно да се во еднаква правна положба, па различните обврски при различна правна положба на граѓаните – вршители на стопанска и професионална дејност во однос на вработените кај правните лица, во врска со плаќање на персонален данок на лични примања, не е во несогласност со уставното начело на еднаквост – Решение У.бр.5/96 од 3 април 1996 година.
4. Со оглед на тоа што оспорениот дел од законската одредба веќе бил предмет на оцена од наведениот аспект и што, според мислењето на Судот, нема основи за поинакво одлучување, произлегува дека, согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Судот, се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.
Што се однесува, пак, до барањето во иницијативата за задолжување на законодавецот да го усогласи членот 100 став 3 од Законот за персонален данок од доход со член 9 став 2 од Законот за финансиското работење, Уставниот суд не е надлежен да постапува по такви иницијативи.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.52/98)