Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеа 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 април 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Правилникот за систематизација на работните места во ДОО “Фринко-фрижидери за домаќинство” донесен од Управниот одбор на 27 и 28 декември 1996 година.
2. Ѓорѓи Андреевски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение бидејќи правилникот стапил на снага наредниот ден од донесувањето од страна на Управниот одбор што не било во согласност со член 52 од Уставот. Во иницијативата се наведува и дека со оспорениот правилник било укинато едно работно место (раководител на сектор на општи и правни работи) со намера да му се наштети на подносителот на иницијатвата.
3. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека оспорениот Правилник е интерен акт на акционерското друштво и дека не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, според кој Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Поради тоа, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот правилник со Уставот и согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.56/98)