29/1998-0-0

Вовед

Македонија, член 28 став 1 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за водоснабдување и одведување на отпадните и атмосферски води донесена од Собранието на град Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.22/83 и 14/87) и Правилникот за водовод и канализација донесен од Работничкиот совет на “Водовод и канализација” на 28 април 1989 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот што се однесува на Одлуката на Работничкиот совет бр.02-176316 од 3 мај 1989 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Александар Младеновски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот на Јавното претпријатие “Водовод и канализација” од Скопје со кои се кршеле правата на граѓаните при водоснабдувањето. Имено голем број на граѓани што живееле во семејни индивидуални згради од два и три ката не можеле да постават водомери во становите во кои живееле за да ја мерат само нивната потрошена вода туку биле приморани да се служат со еден заеднички водомер поставен во дворното место. Овие граѓани биле во нерамноправна положба со граѓаните кои живееле во големи згради со 30-100 станови и кои имале во секој стан свој водомер што не било во согласност со член 9 од Уставот и член 8 од Законот за облигационите односи.

4. Судот, на седницата утврди дека Општите услови и начинот на водоснабдувањето на населението и правните и физички лица, одведувањето на отпадните и атмосферски води, како и правата и обврските на давателот на услугите и корисниците уредено е со Одлука за водоснабдување и одведување на отпадните и атмосферски води донесена од Собранието на град Скопје а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.22/83 и 14/87.

Врз основа на член 29 од споменатата одлука, Работничкиот совет на тогашното ЈКП “Комуналец” во текот на 1989 година донело Правилник за водовод и канализација со кој на поконкретен начин се уредуваат условите за водоснабдување и одведување на отпадните и атмосферски води.

Прашањето за приклучување на водоводната и каналската мрежа е утврдено со член 12 од Одлуката, според кој водоводните и канализационите инсталации на корисниците се поврзуваат со јавниот систем за водоснабдување и со канализациониот систем, преку водоводен односно каналски приклучок.

Тоа значи дека секој корисник, односно индивидуална куќа или колективна зграда со уличната водоводна мрежа се поврзува со водоводен приклучок и водомер поставен во водомерната шахта.

Врз основа на вака утврденото општо правило на поврзување со водоводната мрежа, со Правилникот поконкретно се уредува начинот на приклучувањето, поставувањето на водомерната шахта како и случаите на поставување на контролните водомери заради регистрирање на потрошената вода.

Имено согласно член 40 од Правилникот утврдено е дека одводен приклучок е водоводна цевка од уличната мрежа до водоводниот вентил пред водомерот во водомерната шахта.

Секој објект е должен да има посебен водоводен приклучок непосредно до уличната мрежа.

Само во исклучителни случаи за станбени згради со повеќе влезови за секој влез може да се дозволи изведување на посебен приклучок.

Со член 41, кај колективните станбени објекти покрај главниот водомер дозволено е вградување на контролни водомери во секој стан кои служат за регистрирање на индивидуалната потрошувачка на вода за секој стан поодделно.

Според доносителот на актите кај индивидуалните семејни згради со два и три ката, ако постојат технички услови и согласност од сите семејства што живеат во нив може да се постави, покрај главниот водомер во водомерната шахта и контролни водомери со тоа што едно од семејствата задолжително го превзема главниот водомер преку кој ќе му се мери потрошувачката на вода, а за останатите ќе се мери према поставените контролни водомери.

5. Судот, исто така утврди дека Работничкиот совет на поранешен “Комуналец” нема воопшто донесено Одлука бр.02-176316 од 3 мај 1989 година на која се повикува и ја оспорува подносителот на иницијативата.

6. Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 8 од Законот за облигационите односи, во засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи, основните и други организации на здружен труд, задругите и работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд се должни, кога со вршењето на својата дејност непосредно задоволуваат потреби на граѓаните, своите права и обврски да ги уредуваат и вршат на начин со кој се обезбедува редовно и квалитетно задоволување на потребите на граѓаните и што поповолни услови за задоволување на тие потреби.

Од наведените одредби произлегува дека Уставот им гарантира еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите. Меѓутоа, оваа еднаквост не треба и не може да се свати како апсолутна еднаквост, туку како еднаквост на граѓаните кои своите права и обврски ги остваруваат односно ги исполнуваат под еднакви услови. Членот 8 пак од Законот за облигационите односи содржи општо начело за однесувањето на субјектите кои со својата дејност ги задоволуваат потребите на потрошувачите односно на граѓаните.

Во конкретниот случај, со Одлуката за водоснабдување и одведување на отпадните и атмосферските води се уредени општите услови и начинот на водоснабдувањето на населението и правните и физички лица, одведувањето на отпадните и атмосферски води како и правата и обврските на давателот на услугите и корисниците, а со Правилникот за водовод и канализација на поконкретен начин се уредуваат условите за водоснабдување и одведување на отпадните и атмосверски води. Во двата оспорени акти, во Одлуката и во Парвилникот, нема изречна одредба од која може да се изведе заклучок дека кај индивидуалните станбени згради со два или три стана или ката, е забрането поставување на контролни водомери доколку постојат технички услови и согласност на сите семејства што живеат во такви објекти. Според тоа, право е на Јавното претпријатие за водовод и канализација, во согласност со своите акти, да цени дали се исполнети потребните технички услови и во зависност од тоа да дозволува поставување на контролни водомери во индивидуалните станбени згради. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука и Правилник со член 9 став 2 од Уставот и со член 8 од Законот за облигационите односи, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Со оглед на тоа што оспорената одлука на Работничкиот совет бр.02-176316 од 3 мај 1989 година, не постои, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување на Судот поради што согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.29/98)