13/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за утврдување на висината на водниот надоместок за 1995 година, донесена од ВРО “Водостопанство-Неготинско Поле” – Неготино, на седницата од 18 мај 1995 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето мислење од Судот во врска со начинот на наплатувањето на водниот надоместок од ВРО “Водостопанство-Неготинско Поле” – Неготино.

3. Здружението на земјоделци од Неготино, претставувано од претседателот на Здружението – Д. Стојменов, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа то со неа цената на водниот надоместок неосновано се зголемувала, што не било во согласност со закон.

4. Судот на седницата утврди дека со Одлуката се утврдува висината на водниот надоместок за 1995 година за полиените и неполиените култури посадени на површините опфатени со хидромелиоративниот систем, со кој управува ВРО “Водостопанство- “Неготинско поле”- Неготино, цената се движи по м3/ха и е составена од два дела: стален (кој се наплатува за обезбеденото доведување вода) и променлив дел (кој се наплатува за испорачаната – потрошената вода).

5. Судот, на седницата, исто така, утврди дека оспорената одлука е донесена во време кога претходно биле отстранети од правниот поредок одредбите од Законот за водите во делот што се однесуваат на основањето, надлежностите и функционирањето на самоуправните интересни заедници за водостопанство, меѓутоа, имајќи го предвид членот 172 од Законот за води (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/98) според кој постојните водостопански претпријатија, другите правни лица и деловите од претпријатијата што вршат водостопанска дејност продолжуваат со работа до основањето на јавно водостопанско претпријатие, оцени дека ВРО “Водостпнаство-Неготинско Поле” Неготино за овој период била давател на услуга со испорачување на вода преку хидромелиоративниот систем и дека основано услугата ја наплатувала со утврдување на висината на водниот надомест.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за законитоста на оспорената одлука од овој аспект.

6. Што се однесува до барањето мислење од Судот за начинот на кој би го разрешиле овој проблем, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, тоа прашање излегува надвор од доменот на неговата надлежност, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јован Проевски д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
(У.бр.13/98)