7/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнувње на Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Скопје од 12 мај 1994 година (бр.08-924/1) од 7 јуни 1996 година (бр.08-1487/1) од 10 април 1996 година (бр.08-900/1) и од 21 март 1997 година (бр.09-674/1), донесени од Собранието на град Скопје.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Скопје, донесена од Собранието на град Скопје на 8 октомври 1990 година и Одлуката за измени и дополнување на Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежното земјиште на град Скопје донесени од Собранието на град Скопје на 3 октомври 1995 година (бр.08-2540) и од 12 јули 1996 година (бр.08-1807).

3. Оџаковски Владо од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со нив граѓаните биле задолжени да плаќаат и надоместок за употреба на градежно земјиште, а таков надоместок тие плаќале при доделувањето на градежното земјиште, што не било во согласност со Уставот и со закон.

4. На седницата Судот утврди дека со Одлуката од 1990 година се определуваат непосредните корисници на градежното земјиште кои плаќаат надоместок, користењето на средствата од надоместокот и начинот на плаќањето.

Согласно член 4 од Одлуката, надоместокот за употреба на градежното земјиште се плаќа по единица површина посебно за градежното земјиште и за изграден корисен простор. Според степенот на станбената изграденост како корисен станбен простор во смисла на оваа одлука се сметаат подруми, степенишен простор, гаражи и друго.

Во член 6 од Одлуката, е предвидено дека надоместокот за употреба на уредено градежно земјиште се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот (положбата на земјиштето во населба или населено место, сообраќајна поврзаност со центарот, снабденоста со комунални објекти и инсталации, рационалноста на користење и други околности од значење за користење на тоа земјиште). Според погодностите утврдени во став 1 на овој член од Одлуката, подрачјето на град Скопје се дели на девет зони.

Во член 7 од Одлуката е предвидено дека висината на надоместокот ја утврдува Собранието на градот Скопје .

Понатаму, Судот утврди дека со Одлуката за измени и дополнување на Одлуката за употреба на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје од 10 април 1996 година се дополнува член 6 така што се преоѓа на нов начин на пресметување на надоместокот во индивидуалното и колективното становање на ниво на локалитети по принцип на бодирање според нова методологија.

Според новата методологија подрачјето на град Скопје е поделено на 114 локалитети во зависност од комуналната опременост на земјиштето на локалитетот и погодностите што корисниците на становањето ги стекнуваат со неговото користење. Со измените и дополнувањата се утврдени границите на секој поодделен локалитет во рамки на општините на подрачјето на град Скопје со вкупен број на бодови по локалитет.

Исто така, се определува и вредноста на бодот за индивидуално и колективно становање во висината на надоместокот за обавување дејност за секоја зона по 1 м2 што ги утврдува Собранието на Градот.

Што значи дека, покрај утврдените 9 зони со член 6 од Одлуката од 1990 година со дополнување на овој член со Одлуката од 1996 година деветте зони се разработуваат по општини во 114 локалитети. Локалитетите всушност претставуваат определен број улици по општините и за секој од нив се определени бодови. Тоа значи дека на овој начин попрецизно се одредува степенот на опременоста на градежното земјиште со комунални објекти и инсталации и со други погодности, пр. оддалеченост од центарот на градот, број на линии во градскиот сообраќај, објекти за образование, здравствени објекти, објекти на културата итн..

Со одлуките од 12 мај 1994 година и од 7 јуни 1996 година и 21 март 1997 година се врши измена на Одлуката од 8 октомври 1990 година така што се ослободуваат од плаќање надоместок за употреба на градежното земјиште определени граѓани како што се корисниците на социјална помош, материјално необезбедени лица, лица кои згиржуваат деца без родители и хуманитарни организации.

Судот исто така, утврди дека со Решение У.бр.72/94 не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката од 8 октомври 1990 година, а Одлуките од 3 октомври 1995 година и 12 јули 1996 година ја уредуваат само висината на надоместокот за употреба на градежното земјиште и тие престанале да важат.

5. Според член 44 став 1 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 38/80, 18/89 и 21/91) собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежно земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште, според член 45 од Законот, се плаќа по единица површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден корисен простор.

Согласно член 48 од означениот закон, надометокот за употреба на градежно земјиште се утврдува зависно од погодностите што определено земјиште му ги дава на корисникот. Врз оваа одредба се засновани членовите 6, 6-а и 6-б од оспорената одлука.

Според член 47 од Законот, собранието на општината има право да врши целосно или делумно ослободување од плаќање на овој надоместок, посебно за организации од општествените дејности, хуманитарни и други организации.

Од изнесеното произлегува дека собранието на општината односно собранието на град Скопје според тие прописи има право да одлучи дали ќе воведе надоместок за употреба на грдежно земјиште и дали ќе предвиди ослободување на одделни субјекти од плаќање на овој надоместок. При утврдување на висината на овој надоместок, општината мора да поаѓа од погодностите што земјиштето му ги дава на корисникот. Исто така, висината на надоместокот треба да биде различна во зависност од тоа дали тој надоместок се однесува на корисен станбен, деловен и друг јавен корисен простор или на градежното земјиште што е под објектот и што служи за редовна употреба на објектот (дворно место, паркинг и сл.). Понатаму, од Законот произлегува дека висината на надоместокот зависи и од погодностите што одредено земјиште ги дава и тоа во зависност од положбата на земјиштето во однос на основните содржини кои служат за задоволување на општите и заедничките потреби на граѓаните, опременоста на градежното земјиште со комунални објекти за заедничка употреба (јавен водовод, канализација, топлификација и сл.).

Со оглед на тоа што право е на собранието на општината односно градот да воведе надоместок за употреба на уредено земјиште, да ја утврди неговата висина и роковите за исплата на тој надоместок, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одлуки означени во точката 1 од ова решение со означените законски одредби.

Исто така, со оглед на тоа што Судот ја оценувал уставноста и законитоста на Одуката од 8 октомври 1990 година, а сега не наоѓа прични за поинакво одлучување и со оглед на тоа што одлуките од 3 октомври 1995 година и од 12 јули 1996 година престанале да важат, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.7/98)