9/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 март 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 став 1 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 1998 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/97).

2. Живко Столески од Македонски Брод на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 8 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 1998 година вработените кај корисниците на Буџетот само формално ги ставала во еднаква положба, а фактички содржела ограничување што било основа за фактичка нееднаквост меѓу вработените. Имено, ограничувањето на надоместокот за превоз најмногу до 900 денари ги доведувало во неповолна состојба работниците кај корисниците на Буџетот кој биле оддалечени од работното место повеќе од 2,5 км. во однос на работниците кои биле оддалечени 2,5 км., затоа што на овие работници во целост им ги покривале трошоците, а работниците кои биле оддалечени над 2,5 км, не можеле да ги покријат трошоците за превоз во целост.

Оспорената одредба имала и селективна примена во зависност од тоа кај кој корисник на Буџетот работникот е вработен што го покажувала практиката.

Поради изнесените причини подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба се повредува уставното начело за еднаквоста на граѓаните пред законот како и уставното начело дека секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба на член 8 став 1 од означениот Закон, надоместок за превоз до и од работното место, по претходно дадена писмена изјава, се исплатува само за вработените чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км од работното место, но не повеќе од 900 денари.

4. Согласно член 9 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законот.

Според член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.

Во членот 51 став 1 од Уставот е предвидено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Во поглед на прашањето за еднаквоста поставено во иницијативата Судот тргнува од тоа дека со Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 1998 година се уредува една посебна сфера на дејности кои се финансираат од посебни извори и на посебен начин и кои подлежат на посебни ограничувања како дејности на јавна потрошувачка. Оттука, вработените на тие дејности се во фактички нееднаква положба со вработените во вонбуџетските организации или трговски друштва така што оспорениот член од Законот е резултат на фактичка нееднаквост, а не нејзин извор. Врз основа на тоа, а имајќи предвид дека приницпот на еднаквост подразбира со еднаквите да се постапува еднакво, а со нееднаквите нееднакво, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 8 став 1 со Уставот.

Исто така, Судот оцени дека ограничувањето на износот за трошоци за превоз до 900 денари има свој извор во материјалните можности на државата и претставува горна граница за секој вработен што го исклучува прашањето за нивната меѓусебна еднаквост. Ова затоа што ако законодавецот бил овластен да го определи овој надоместок според финансиските можности, а не според стварните трошоци, тогаш принципот на еднаквост е сочуван ако тие ограничувања се однесуваат подеднакво на секој вработен. Со оглед на тоа, Судот оцени дека оспорената одредба на став 1 од член 8 од Законот не е во несогласност со член 9 од Уставот по овој основ.

Правото на работа како едно од економско-социјалните права гарантирани со Уставот го штити социјално економскиот статус на човекот и ја изразува неговата улога како субјект во економскиот и социјалниот живот во Републиката. Правото на работа значи право на човекот на вработување според неговите стручни и физички способности. Во остварувањето на оваа уставна гаранција секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место на територијата на Република Македонија. Оттука, според мислењето на Судот достапноста на човекот за секое работно место на територијата на Република Македонија не може да се доведе во врска со остварувањето на правото на вработените кај корисниците на Буџетот за надоместок за покривањето на трошоците за превоз поради што и од овој аспект не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.9/98)